Banner
Мое ќоше

Адвокатот на ангелите

dodevski

Прислушуваните разговори, познатите „бомби“ на опозицијата, не можат да се користат како докази е последната значајна вест од Основниот суд Скопје 1. Правдата е задоволена, силен впечаток ми остави адвокатот Никола Додевски кој го матира во два потега комплетно судство и докажа дека не се случајни високите дострели на владеење на правото во Македонија и големиот углед што го ужива судството во сите инстанци од обвинителствата до Врховниот, Управниот и Уставниот суд. A особено ме воодушеви респектот на судот кон адвокатурата и лично кон адвокатот, на кој целото судство му симнува капа во последните години како на врховен авторитет за делење на правдата и виртуозна одбрана на обвинетите без докази, оневозможувајќи бламирање на судот да суди без релевантни докази.

Иако пошироката јавност не разбра на кои законски одредби се повика одбраната за изземање на прислушуваните разговори, што не значи дека немало наводи врз основа на што се бара ваква забрана, Додевски успеа експресно, ако се мери според наши стандарди, да докаже дека незаконски прислушуваните материјали, таканаречените „бомби“ на Заев, најверојатно и на кој било друг, не можат да бидат доказ пред судот. Таква одлука донесе Кривичниот совет на Основниот суд. Неколку дена пред тоа Апелацискиот суд се прогласи за ненадлежен, а Кривичниот совет ги отфрли жалбите на 21 обвинител и потврди дека прислушуваните материјали се неосновани докази. Човек кога ќе прочита, или слушне вакви вести се чувствува величествено и со голема гордост кон правната држава, кон делителите на правдата и нивното почитување на законите и особено на нивниот однос кон еднаквоста на сите граѓани пред судот. Ова се темели врз долгата правна традиција во Македонија уште од антички времиња кога е усвоена максимата – подобро е сто виновни да бидат на слобода, отколку еден невин во затвор. Така успешно низ векови е изградена правната држава во која на секои сто виновни на слобода има по еден невин во затвор. Го препознавате сарказмот на стариот новинарски циник. Нели.

Но, без грам иронија тврдам дека кога во Македонија навистина би владеело правото и кога судството би било барем на пристојно европско ниво и не би било доживувано во јавноста како најкорумпирана државна институција која е под контрола и силно влијание на политиката, ваквата одлука, особено ако се однесува на обични граѓани, би било празник на правото и правдата. Замислете што би се случило во нашето судство ако обвинети, врз основа на недостиг, или на нерелевантни докази, можат брзо да се ослободат од обвинување ако кој било адвокат што си ја знае работата свитка лист хартија и поднесе барање дека доказите не можат да се користат оти се стекнати по незаконски пат или од која било причина се нерелевантни, а судот тоа експресно да го усвои. Е, тогаш веројатно би почнал да се наѕира почетокот на судските реформи кога доказната постапка мора да биде беспрекорна за да падне пресуда. Вака мене ова ми личи дека брзината на отфрлање на прислушуваните разговори како доказ не е големо дело на адвокатот и почитување на правото и законите од страна на судот, туку дека неговите штитеници се повеќе од невини, односно вистински ангели, како што постојано се изјаснуваа преку медиумите дека сите се виновни додека не се докаже дека се невини. Или беше обратно, не се сеќавам повеќе бидејќи во Македонија се’ што отиде на суд беше осудено на вечерните вести уште при приведување. Дури имаше и спектакуларни апсења на партиски лидери и политички противници кои подоцна сосема случајно беа осудени на толку години разговор колку што е побарано во прислушуваните разговори кои, нели, не се доказ.

Тешко е да се биде адвокат на ѓаволот, кога од виновен човек треба да најдеш начин низ судските лавиринти и закони да докажеш дека нема доволно докази за казна и неповолна пресуда. Но, на адвокатот Додевски му било прилично лесно кога ги брани премиерот Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Коце Трајановски и Ирена Мишева. Почитувани читатели, сигурно ептен верувате во тоа дека овие имиња на високи функционери не оставиле никаков впечаток на судијата и не извршиле притисок врз него. Јас не се сомневам дека таа постапила според законот кога ги отфрлила обвиненијата, но длабоко сум убеден дека ако овие личности ја прифатеа моралната одговорност да го ослободат судот од сомнежи и недоверба, а тоа е да поднесат прво оставки од своите политички функции, а потоа да бараат судска правда, работите ќе течеа со многу поголема доверба во јавноста. Прво требаше да поднесе оставка премиерот Никола Груевски, па потоа другите, а не некои од најблиските соработници да завршат со изнудени оставки кои не допираат до моралната одговорност. Во таков случај на ослободување на судот од притисок, може да се зборува за одлука која би била во знак на владеење на правото и враќање на довербата во судството. Наместо тоа, настана прилично комплицирана ситуација на формирање специјален закон и посебно обвинителство кое ќе гони сторители на кривични дела кои произлегуваат од незаконското прислушување разговори. Всушност, овој закон и ова обвинителство се најголемиот доказ дека судството во Македонија ја има изгубено целосно довербата дека на обвинителна клупа можат да седнат високи функционери додека им трае мандатот, или едноставно кажано, додека се на власт. Блиску до здравиот разум е дека доколку функционираа правниот систем и правната држава, незаконски снимените разговори ќе беа извонреден материјал за подготовка на истрага која ќе обезбеди докази за инволвираност во криминал и нарушување на човековите права и слободи, или пак, како што тврдеше Груевски, тоа ќе претставуваше појдовна основа за докажување дека некој во државата подготвувал преврат, пуч, државен удар… со незаконски снимени разговори кои подоцна се сечени, лепени и креирани, со цел уценување на премиерот и уривање на власта.

Снимените разговори кои ги добија јавните обвинители, откако претходно се објави во јавноста дека постојат и се објавија мал број од содржините, исто така ја покажаа причината за недовербата во судството. Она што подоцна стигна кај обвинителите беше како жар во нивните раце. Никој не сакаше да се изгори и да ја почне вистинската истрага која е предвидена според законите во вакви ситуации. Да се работеше за обични криминалци, или за политички противници на власта, постапките ќе уследеа по вообичаениот веќе виден редослед. Вака повикувањето на премиерот, министрите и шефот на тајната полиција да одговорат на непријатни прашања, или некој од нив да се соочи со притвор би претставувало шок во јавноста, бидејќи такво нешто се’ уште не е видено, ни чуено во Македонија.

Во пошироката јавност деновиве може често да се слушне прашањето чуму сега специјално обвинителство и посебен јавен обвинител со посебен закон ако прислушуваните разговори не можат да бидат доказ и треба да бидат изземени во постапките. Не знам како ќе реагираат специјалната обвинителка Јанева и нејзиниот тим, но првите стручни и правни толкувања навестуваат дека таа судска одлука не може да биде пречка за истрагата што ќе ја спроведе според лекс специјалис обвинителката Јанева. Снимените материјали не се доказ, но се полни со индиции за сеопфатна истрага и откривање на повеќе кривични дела со широк спектар: од организиран криминал до нарушување на човекови права и слободи, нарачување на судски пресуди и кадровски екипирања на судовите со унапредувања за партиски заслуги диктирани од центри на моќ, нанесување штета врз имотот на политички противници, незаконски постапки на избори, воведување цензура и контрола на медиуми и голем број други кривични дела е само мал дел навестен во разговорите кои беа достапни до јавноста. Незаконски прислушуваните разговори навистина можат да не бидат доказ колку и да се автентични, ама не можат да бидат отфрлени во истрагата. Тоа значи дека набргу низ Специјалното обвинителство ќе продефилираат повеќе крупни риби. Ќе биде тоа, да се надеваме, законска истрага која во обвинителниот акт, ако го има, ќе ги содржи сите неопходни докази со кои ќе се соочат и адвокатот Никола Додевски и неговите штитеници, значајни личности кои би сакал да ги застапува секој адвокат, но воедно е предизвик и за секој обвинител и секој суд да донесат праведна и правно издржана одлука. Од оваа разврска, ако веќе не е испазарена за потпишување на договорот од Пржино, ќе зависи иднината на правната држава во Македонија, многу веројатно и иднината на демократијата, човековите права и слободи.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *