Banner
Мое ќоше

Фатиме во диско

balkan-437

„Специјалниот јавен обвинител Фатиме Фетаи оди во диско клуб“ е новата епска драма на социјалните мрежи. Што бара таму!!!!???? Грмна расправа ала турли тава својствена за нормални времиња во ненормална држава штотуку излезена од стегите на режим. Слатко се изнасмеав, ми го разубавија денот бројните виспрени досетки на бранителите на популарната обвинителка кои со многу дух и смисла за хумор ги пратија своите пораки до јавноста, кои не се само во нејзина одбрана, туку многу повеќе од тоа. Претставуваат надежна пресметка со предрасудите, вековната заостанатост и конзервативизмот во негативна смисла на зборот. Дури и повеќе, беше тоа жесток и оправдан напад против примитивизмот и провинцијализмот, а најмногу против лажниот морал и познатите наши стереотипи.

Но, откако човек ќе размисли малку повеќе на темата „обвинет“ и жигосан јавен обвинител, башка специјален, личност во жижата на политичките настани во земјата будно следена од очите на јавноста и не само на јавноста на секој чекор, згора убава, млада, образована и модерна Албанка работите добиваат поинаква димензија од оговарачко сеирџиство и дежурните моралисти. Не би рекол дека Фатиме е на удар само затоа што во слободно време за викенд била во диско. Испаѓа дека реакциите и чаршиските дебати не се толку ниту за смеење, ниту за разубавување на денот. Напротив, загрижувачко е сознанието дека бројноста и предноста на здраворазумските реакции на интернет ја губат битката со „селската левица“ на еден друг терен на кој не се пишуваат постови, коментари и колумни. Тоа е со години и години затруената почва со дебели наслаги на предрасуди каде фанатиците се крстат со двете раце пред ѓаволската работа да се цупка ноќе во ритмот на гласна музика, а дење да се соопштуваат обвиненијата за тешки кривични дела, организиран криминал и корупција, злоупотреба на функциите на врвот на довчерашната власт, со сериозна изгледност со владеење на правото да се соочат сите идни власти и недопирливи моќници.

Битката против заостанатоста во Македонија очигледно ќе биде најтешка и најдолга. Европеизацијата на балканците ке потрае целиот 21 век, а можеби ке фати дел од 22 век, ако дотогаш не исчезнеме. Членството во ЕУ нема да нè направи европјани од денот на приемот ако тоа се случи околу 2025 година како што се предвидува, туку тоа ке биде само гаранција дека сме на добар пат да стасаме до цивилизираниот свет кога тогаш. Подобро некогаш, отколку никогаш. Знам дека за ова нема да ми простат тие што мислат дека од Македонија тргнува светската култура и цивилизација уште од антички времиња и дека неколку века подоцна од Македонија тргнува и писменоста на Словените, но очигледно нешто многу трагично се случило во меѓувреме што не оставило под нивото дури и на античките времиња и во науката и во писменоста и во стандардите на живеење.

Како и да е, замислете една сосема обратна ситуација: Фатиме Фетаи забрадена во марама на утринска петочна молитва пред да оди на работа во СЈО како се клања во џамија. Гласно се прашувам дали тоа е еднакво анахроно и неприфатливо на пример ако и нејзините колешки обвинители Катица Јанева и Ленче Ристоска денот го почнуваат со одење во црква и со молитва за божја помош. Може ли да им се верува повеќе на обвинители кои одат во диско отколку во црква и џамија на молитва, кои претпочитаат повеќе световни закони отколку божји заповеди. Господ, велат верските проповедници, има десет заповеди. Ама, одамна на своите јавни миси, не сум ги слушнал нашите црковни великодостоијници да ги потсетат своите духовни чеда на нив, да кажат: не кради, не лажи, не убивај и така со ред до десет… Некако не гледам дека некого стасува божјата правда, а до неодамна ни световната. И сега кога паднаа првите пресуди на недопирливите ни од Бога ни од законот, не по божја туку по судска правда, не по словото на библијата, туку по словото на законот испадна работата „Уаааа Фатиме оди во диско!“.

Што да ви речам кога сите знаете дека Миле сака оро шумадиско, а Фатиме диско.

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 3 коментари

  1. od dedo dimo

    Odamna ne sum bil vo disko i zatoa ne znaev deka drugakata Fetai odi vo disko.Ja koristam moznosta da ja pozdravam i da i dadam poddrska i ponataka da O D I vo DISKO. Pozdrav Erole.

  2. nacional-patriot

    Prviot napishan slovenski jazik se pojavil vo Makedonija vo 9 vek,a toj bil starocrkovno slovenski jazik i e poznat so toj naziv sega vo svetot,a bidejki se pojavil na teritorijata na istoriska Makedonija,toj jazik e srednovekoven makedonski jazik.Site drugi slovenski jazici,odnosno nivni tekstovi se pojavile posle 10 vek.

  3. Миха Лаброски

    Според мој вкус заслужува коментар претпоследниот пасус. Викате дека нешто трагично се случило па сме останале на ова дереџе. Точно така а според мое мислење клучот е во следново: Другите народи успеале некој повеќе некој пмалку да ја канализираат комплетната енергија пред се на поединецот во заедничко одење напред. При тоа мислам на секој поединец до последниот човек. Притоа не мислам само на интелектуалците туку буквално на сите. Секој според својот ресор. Оти и женичкана всело си е на некој начин доктор на науки за џем од кајсии. Е во тоа тие другите држави успеале повеќе од нас, да ја впрегнат енергијата на секој поединец. Овде кај нас секој со секого се гледа преку нишан. А тоа ниту актуелната гарнитура гледа да го елиминира, туку го негува, а претходната уште и го подгреваше. Тоа е тоа трагичното. Многу поздрав.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *