Banner
Мое ќоше

Мацедонише цуштенде и во 21 век

kolaz_przino

Повторно трагично се уверивме што ти е балкански инает, примитивизам, провинционализам, патолошки страв да не се изгуби власта. Овој пат длабоко во втората декада на 21 век и овие нови интернет-генерации, како и нивните претходници пред сто години, видоа одблизу колку било оправдано навредливото „мацедонише цуштенде“, заплеткани балкански состојби, кое се’ уште ни се повторува како историска фарса бидејќи со векови има многу следбеници на овие простори секогаш подготвени да направат таква папазјанија чии состојки никој не може да ги открие.

Со месеци не’ малтретираа неколку злоупотребувачи на власта и самобендисани чаламџии, умислени месии кои ја спасуваат секој ден Македонија, не’ вадеа од памет, ни ги искинаа нервите, си играа дрн дупка со иднината на државата и сите граѓани, изигруваа тврди, непопустливи преговарачи и на крај сите си легнаа кротко на брашно. Без да си подадат рака застанаа секој пред својот микрофон да ни соопштат колку се задоволни од договореното. Ако сите се толку задоволни, тогаш зошто владините апологети жестоко ја сатанизираат Европската унија и Америка. Ви текнува, нели, дека тоа кажува само по себе кој е задоволен, а кој се преправа дека е задоволен.

Одеднаш испадна дека ништо не било значајно за премиерот Никола Груевски во преговорите. Била важна само една единствена точка да се бетонира датумот на вонредните избори на 24 април 2016 година. Тоа било неговата главна стратегија. Затоа сега е многу среќен оти се’ друго било лук и вода и политички маневри за да се збуни непријателот.

За Зоран Заев, лидерот на опозицијата,чија битка против злоупотребата на власта и ослободување на институциите на системот почна со „бомбите“ од прислушуваните разговори, најважно било враќање на демократијата кое не е можно со освојување министерски места на зелена маса, туку со победа на избори и конечен пораз на политиките на Груевски. Министерските места биле само за контрола да нема злоупотреби на изборите. Таа контрола ќе оди многу тешко бидејќи главната работа е завршена за клиентелистички и коруптивни избори како и сите досега во изминатите девет години. Договорен е нов заем од 500 милиони евра, пари што ќе ги троши Груевски иако нема да биде премиер до избори, а можеби и по изборите.

И Али Ахмети е задоволен од потпишувањето на Договорот и, како што вели, разрешницата на политичката криза ќе биде на фер и слободни предвремени парламентарни избори. Мендух Тачи лично не кажа ништо. Го пушти својот гласник да искаже незадоволство од договорот. Големо задоволство за прифаќање на договорот изразија и ЕУ, американскиот Стејт департмент и странските учесници во преговорите.

И сега кој е победник, кој е поразен, огорчен, лут, уплашен и видливо разочаран ако сите се задоволни од постигнатиот договор. Провладините медиуми и апологети врескаат хистерично на цел глас сатанизирајќи ја ЕУ и Америка. Владините фанфари прават вести самите од себе. Новинарски послушници даваат изјави за големиот заговор на Запад против Македонија и потоа самите се цитираат на насловните страници и ударни вести. Не’ плашат секој ден дека Америка и ЕУ се најголемата опасност за слободата и демократијата во Македонија, за падот на власта и за дестабилизација на земјата. Овој владин оркестар погрешно свири. Диригентот диригира ода на радоста, а оркестарот по ноти развлекува реквием, тажна симфонија. Диригентот го фали грандиозното дело – договорот од Пржино, а оркестарот свири тажалки.

Испаѓа работата дека Груевски со големо задоволство лесно и спокојно ги жртвуваше своите најблиски соработници, министрите Јанкуловска и Јанакиески и шефот на тајната полиција братучедот Мијалков. Од голем ќеф Груевски прифати три месеци пред избори да се повлече од премиерската функција, со задоволство прифати нови изборни правила, а ептен со уживање прифати и специјално обвинителство, и Закон и обвинител кој со цел тим ќе ги гони кривичните дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Груевски одушевено прифати нови правила за пратенички места од дијаспората, прифати се’ што мораше да прифати. Наеднаш стана многу толерантен и кооперативен.

Зошто му беа потребни на Груевски 20 дена пролонгирање на преговорите, по цена да го држи и Јоханес Хан буден до сабајле на тактички преговори. Во овие 20 дена турбо се работеше на обезбедување ново задолжување од 500 милиони евра. Груевски не почнува изборна кампања ако нема релаксиран предизборен буџет со свежи 200 до 300 милиони евра. Овој пат му требале нешто повеќе, околу 500 милиони и, најверојатно, ќе ги добие божем за гасификација, но и за други буџетски потреби. Е, тие други потреби се избори. Ваквите коруптивни буџети на сметка на граѓаните се главниот адут и најголемата злоупотреба на власта. Ако тоа не се спречи со строга контрола во Министерството за финансии, и овие избори ќе поминат мирно и без насилство, со малку неправилности и со многу пари.

Ако за Груевски се најстратегиски изборите, тие мора да бидат најзначајни и за опозицијата и за сите граѓани на Македонија. Покрај силни гаранции за слободни избори, вториот голем адут на граѓаните на Македонија е специјалното обвинителство и Законот за гонење кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Ако ова обвинителство успее да испорача до судот обвинителен акт со несоборливи докази кои произлегуваат од она што го слушаше со месеци цела Македонија, тогаш седнувањето на клучните актери од снимените разговори на обвинителна клупа во судот ќе биде најголемата придобивка од договорот во Пржино.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *