Banner
Мое ќоше

Последното гајле е најголемо

eu

Не е на арно што се одолжува испораката на таканаречениот годишен Извештај на бриселската администрација за напредокот на Македонија на патот кон Европа. Ни бројката седум не ни носи среќа. Веќе се знае дека ќе бидат тоа најлоши оценки што сме ги добиле досега. Детето е веќе момче и не може да оди седум години во ист клас. Остана сам во одделението, сите други заминаа во поголемите класови. Се надеваме дека ќе има уште една шанса во една испитна сесија да ги поправи оценките, ако не, ќе мора да се отпише и да оди во вечерно училиште за возрасни со посебни потреби. Е, арно ама овој пат бирократите од Брисел ептен се заебале ако мислат дека некого во Македонија го интересираат нивните оценки.

Си имаме ние други поголеми гајлиња од членство во ЕУ и во НАТО. Викаат, последното гајле секогаш е најголемо. Седум години ни трубат исто па исто, а кај нас седум месеци пред избори почна да тече валкана пропагандна војна да не се изгуби власта, да се спречат сите идеи за покренување одговорност. Каква Европа, каков НАТО и слични глупости. Ние сме во фаза на разгорување татковинска војна за спасување на Македонија. Ако падне Груевски, ќе се случи катастрофа рамна на потоп. Конечно, зошто ни се потребни оценки на Брисел кога од сите страни ни доаѓаат пофалби дека сме светски шампиони за економски реформи, за бизнис-клима, во брзина за отворање нови фирми, за странски инвестиции, за експресни вработувања, за висок стандард на граѓаните, за добро образование и одлично здравство, за чиста човекова околина… Се’ се тоа фантастични резултати постигнати благодарение на мудрото раководство, и покрај притисоците на домашните и странските непријатели. Затоа и Брисел и сите други странски олоши треба да не’ остават намира сами да си ги завршиме работите како што доликува на независна, суверена и самостојна држава. Откако ќе реши народот на 24 април 2016 година да му даде уште еден десетгодишен мандат на Груевски и неговите најблиски следбеници, од Европа можат да ни се јават и да замолат да им ги кажеме условите кои треба да ги исполнат за да бидеме членки на ЕУ и на НАТО.

Не знам дали овој ќе биде поразличен, ама седум години отрпнавме од извештаи што секој може да ги чита и да ги толкува како што сака. Власта досега беше презадоволна што извештаите на крајот имаа позитивна оценка, едно килаво двојче, кое подоцна на наставнички совет се преправа во единица. На тој начин, Владата во улога на родител ги обвинува учителите дека го мразат детето кое многу учи, се’ знае, ама ете му ставаат единица за инает оти е многу паметно и убаво. Огромното мнозинство граѓани кое редовно дава поддршка за членство во ЕУ и во НАТО веќе е изморено од бриселските патрдии и рибарски приказни што совршено и’ оди под рака на авторитарната власт дека ние ги исполнивме сите услови, ама таму некој намерно не’ кочи. Тоа е одлично оправдување бидејќи навистина некој друг не’ кочи, но вистина е и тоа дека уште повеќе се кочиме самите себе, бидејќи ниту една забелешка преземена од извештаите не е решена докрај. Властодршците се убедени дека критиките се дадени тенденциозно поради Брисел, а не поради нас. Затоа ние и овој извештај, каков и да е, ќе го закачиме во јавните тоалети оти гарант ќе биде навредлив за светските прваци во повеќе дисциплини, почнувајќи од преголемата слобода и демократија која поминува во анархија кога може со години непречено да се прислушуваат илјадници граѓани и јавни личности, до удирање ќотек во парламентот на опозициски пратеници, нивно бркање од дебатната сала и насилно отстранување на новинарите. Како може некој таму во Брисел да си дозволи да дава оценки за економски реформи кога Владата за десет години направи светско чудо, што се гледа од фактот дека само нам ни расте додека на сите им паѓа бруто-домашниот производ. Никој не ги ни чита ни ферма тврдењата на познати економисти-нобеловци дека растот на економија со позајмени пари е вештачки напумпана и опасна работа, особено ако кредитите се трошат во потрага по пославно минато и изградба на споменици.

Еве, да ги земеме, на пример, забелешките за слободата на медиумите кои од година во година се’ се поостри, оти ние сме се’ поблиску до светското дно. Сите еврокомесари кои досега ги пречекавме и ги испративме илјада пати и во официјални документи и преку изјави и најдобронамерно во четири очи со најодговорните луѓе кажаа дека за слобода на медиумите не се преговара. Без слободни медиуми не може да се биде дел од Европа. Владите се тие што треба да ја гарантираат и спроведат во дело медиумската слобода итн., итн. Се разбира, од сето тоа нема ништо, затоа што нашиот премиер и неговите најблиски соработници се убедени дека во Македонија има преголема слобода и демократија што е вродена мана на сите автократи.

По десетгодишна деградација и корупција на медиумите во Македонија е завршена работата со медиумските слободи. Веќе нема ни цензура, ни забрани, ни притисоци. Освен неколку весници и телевизии и портали, се’ друго е партизирано до коска и добро корумпирано преку разни форми и нема потреба од никакви наредби и влијанија. Подобните уредници и новинари си ја знаат добро работата. Цензурата за десет години веќе е вградена генетски.

Европа врз ова не може да влијае. Деновиве еврокомесарот Јоханес Хан призна дека Брисел е немоќен да ги подобри медиумските слободи во Западен Балкан. Хан вели дека поголемо влијание за подобра медиумска состојба може да има само ако Брисел ги почне преговорите за членство со овие земји. Е па, господа Европејци почнете веќе еднаш… Друго чаре нема.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *