Banner
Мое ќоше

Судиите кренаа глас

pancevski

Владимир Панчевски, претседателот на кривичниот суд, е новата медиумска ѕвезда на македонското темно небо и овоземна трагична реалност. Овој судија притиснат од јавноста и од своите колеги судии за злоупотреба на функцијатa и од желбата за повторен избор се брани со фалби дека зад него стојат големи дела, неговите пресуди биле влезени во книги од кои ќе учат генерации правници. Точно е тоа. Едно од најголемите ремек-дела за проучување на македонскиот правосуден систем, за владеење на правото и нивото на правната држава го испиша лично претседателот на кривичниот суд, каков што досега немало. Владимир Панчевски среде Скопје изгради два и пол ката дивоградба, а потоа си ја урна, грубо кршејќи ги законите и угледот на Република Македонија.

Кога претседател на суд гради бесправно тоа е навистина многу поучна сторија за учебници од кои може многу да научат не само правниците, идните обвинители и судии, туку и сите граѓани на државата. Кога судии најарогантно кршат закони за стекнување противправно имотна корист нема потреба од темелни анализи на кое дереџе е донесено судството. Таквите делители на правдата заслужуваат да бидат избрани доживотно за судии и да бидат вечно претседатели на судовите бидејќи нивните дела се најдрастичната последица во изградба на корумпиран и партизиран правосуден систем.

Тоа што 15 колеги кривични судии од Основниот суд Скопје 1 упатиле писмо до претседателот на судскиот совет Зоран Караџовски во кое се жалат на злоупотребата на функцијата претседател на кривичниот суд и самоволието на Панчевски не значи ништо за Караџовски. Тој бирократски изјави дека писмото стасало и дека ќе има третман на анонимна претставка бидејќи потписите на судиите биле нејасни. Ако има потреба ќе се побара објаснување од Панчевски, вели крајно внимателно Караџовски за да не го вознемирува колегата, наместо под итно да побара Судскиот совет да го суспендира привремено од должноста до судската разврска бидејќи се нашол во средиште на скандал со тужба за бесправна изградба на дивоградба во центарот на Скопје. Ги прашувам јавно еминентните македонски правници, академци, професори на правните факултети, експерти за кривично право да кажат што се случува во една држава кога претседател на кривичен суд гради и урива дивоградба среде главниот град, кога јавно се заканува дека судот треба да се прочисти од одредени штетници кои стасале тука, кога објавува лични преписки од позиција на сила и моќ на сајтот на судот. Кога претседател на суд е соочен со кривична пријава со која е обвинет дека вршел притисок врз колега судија како да одлучи за предмет со разбојништво. Ве молам кажете и’ на оваа јавност дали тоа не е крај на правосудниот систем и крај на државата не само затоа што прави тешки ломови Панчевски, туку што сето ова од надлежните институции во сите судски инстанции се толерира како ништо да не било.

Нормално, во еден таков амбиент на правна држава Владимир Панчевски ја почнува својата кампања за повторен избор за претседател на кривичниот суд со јавен предлог за чистка на неподобните судии, иако тоа веќе тој го направи кога префрли судии кои со години судат за организиран криминал да бидат судии за прекршоци во сообраќајќи со образложение дека има многу незавршени прекршочни постапки, а веројатно малку предмети за организиран криминал. Очигледно човекот не ја довршил работата со неговите чистки.

Панчевски во својата предизборна кампања си дозволи да даде оцена на извештајот на ЕУ нарекувајќи ги неосновани забелешките дека македонското судство назадува, а критиките за партизираноста на судството според него се директен напад врз судскиот систем со цел судската власт во државата да биде урната. Ваква гротеска на судија кој треба да си ја покрие главата и да каже збогум на судството да дава јавни оцени на извештај на ЕУ досега не е забележана во Македонија. Арогантното отфрлање на оцените кои се познати во јавноста и без некој однадвор да ги соопштува, за жал, се прилично оркестрирани во државата што укажува на партиски мотиви во одбрана на судството кое е во хаос подолго време.

Оцените на ЕУ ги отфрли и јавниот обвинител на Македонија Марко Зврлевски, кој вели дека „реда ради“ ги прочитал забелешките од Брисел за правосудниот систем. Ова ме потсети на оној стар и добар виц кога го прашале Мујо дали го читал романот „Мостот на Дрина“. Што има да го читам кога јас сум одел по него кажал Мујо. Така и нашиот уважен и независен јавен обвинител Зврлевски, што има да чита белосветски извештаи кога тој лично дал голем придонес за изготвување на оцените за нашето обвинителство и судство и целиот правосуден систем. И претседателката на Академијата на судии и обвинители Анета Арнаудовска не ги прифаќа оцените на ЕУ за назадување на правосудниот систем и неговата партизација. Арнаудовска најдобро знае дали има партизација бидејќи таа е на изворот за подготовка на идните судии и обвинители. Неодамна видовме на конкретен пример како се полагаат испитите да се стане судија и обвинител и како по приговори на моќни политички заштитници на идните судии се добиваат дополнителни поени.

Изненади деновиве јавниот став на претседателот на врховниот суд Лидија Неделкова, кој е спротивен на ставовите на Панчевски, Зврлевски и Арнаудовска. Неделкова ги прифати забелешките на ЕУ за назадувањето на македонското судство. Таа кажа многу работи на ТВ Алсат во разговор со колегата Васко Попетрески за состојбите во правосудниот систем и за несогласувањата со претседателот на кривичниот суд Панчевски од кои се крева косата на глава, но за тоа владее мукла и во судството и во ВМРО-ДПМНЕ.

Протестот на 15 кривични судии чинам, сепак, е знак дека не е се’ изгубено во судството. Во јавноста недостига стручно толкување на законите со кое право се одложува изборот на претседател на кривичен суд ако мандатот му истекува на 4 декември. Предлогот за Државната комисија за поддршка на корупцијата дека треба да се одложи изборот на претседател на кривичниот суд и покрај завршениот мандат, поради изборите на 11 декември, е навреда на интелигенцијата на целото судство и граѓаните на Македонија.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *