Banner
Мое ќоше

Пријава до Чавков и до Спасовски

prespa

Ме стаписа рамнодушноста во јавноста за неодамнешниот голем подвиг во лов на терористи. Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков лично обелодени дека во извонредно добро подготвена полициско-разузнавачка меѓународна акција се фатени двајца скопјани исламистички терористи, кои имале мобилни телефони, фотографски апарат, компјутер, таблет, СИМ-картички, УСБ, железен „боксирач“ и еден куршум. Многу, многу опасни терористи. Едниот е фатен во Арачиново, другиот во Приштина. И толку, само една вечер на сите ТВ-вести се прикажа ударна сторија дека двајцата подготвувале терористички акции во Македонија, а веќе утредента како ништо да не било.

Си велам, што е работата една ваква значајна акција од меѓународен карактер изведена спектакуларно со специјални полициски единици да се потроши за една вечер. Толку многу ме импресионира овој успех што и јас читајќи весници, открив уште поголемо злосторничко здружение, кое еве јавно му го пријавувам на директорот за јавна безбедност господинот Митко Чавков и на МВР и на министерот Оливер Спасовски за да спречат опасен напад за присвојување дел од територијата на Македонија и нејзино деградирање со цел да стекнат профити и да ја посрамотат државата пред целиот свет. Станува збор за одред од над 20 учесници кои го подготвуваат нападот во нашите најубави региони кои се под заштита на државата и на Обединетите нации како природна реткост меѓу најубавите во светот. Луѓето кои го подготвуваат овој напад за освојување територии се лоцирани во Владата. Не верувате, па не е за верување оти нападот го подготвуваат тие што се должни да го бранат тоа наше најголемо богатство како очите во глава. Ич не е за верување, ама вистина е.

Владата најави озаконета кражба од природата во националниот парк „Галичица“ на 1.198 хектари околу 12 милиони квадратни метри кои ќе бидат наменети за изградба на разни објекти и инфраструктура за развој на масовен туризам. На овие 1.200 хектари кои се дел од 22.750 хектари колку што изнесува површината на националниот парк „Галичица“ доколку навистина се изградат капацитети за масовен туризам, скијачки центри, новиот пат кон Албанија, туристичка зона во Љубаништа, во Отешево, во Стење, тогаш опасноста и за Охридско Езеро и за Преспанско Езеро и за целото крајбрежје на двете езера и за живиот свет, за голем број ретки животински и растителни видови е огромна бидејќи масовниот туризам и големите туристички капацитети и грубата комерцијализација и профитерство кои секогаш кај нас се поврзани со корупција се во спротивност со заштитата на природното и културното богатство кави што се Охрид, Охридско Езеро, „Галичица“, Св. Наум, Љубаништа, Преспанско Езеро, Отешево и Стење. Сите тие се во опасност на што предупредуваат Обединетите нации, односно УНЕСКО под чија заштита се Охрид, езерото, целото крејбрежје и 72 проценти од територијата на „Галичица“ полна со уникатна флора и фауна. Од УНЕСКО последните години постојано доаѓаат сериозни укажувања за повеќекратни скрнавења во Охрид и крајбрежјето на строгите правила кои треба да се применуваат во регионите кои се под заштита на ОН. Веќе се изречени директни предупредувања од експерти за одземање на големата придобивка да се биде под заштита на УНЕСКО како еден од најубавите природни реткости во светот бидејќи се доведени во опасност не само светското природно, туку и културно богатство и нашето духовно наследство.

ohrid

Алармот е вклучен пред повеќе години меѓу научниците, во невладините организации и во медиумите, во УНЕСКО, меѓу голем број луѓе од сите меридијани кои ги виделе непосредно овие убавини. За спас на нашето природно, културно и духовно богатство на интернет тече петиција во која веќе се потпишале илјадници луѓе од целиот свет кои бараат од властите целосна заштита на Охридско Езеро и тоа да остане во списокот на УНЕСКО. Очигледно ова никого посебно не вознемирува во Владата. Во тоа тие не гледаат ни терористички чин, ни криминал, ни корупција ниту пак некакво значење им даваат на флората и фауната и на охридско-преспанските води и извори кои се најскапоценото нешто што го има Македонија. Во Владата одамна се кроеја планови како да се остварат големи профити од Охридско Езеро и Св. Наум. Работата беше речиси готова со индискиот милијардер Субрата Рој кога требаше од Љубаништа и Св. Наум да се прави Лас Вегас, а од Охридското Езеро хидродром на кој ќе слетуваат авиони со туристи од целиот свет. Откако омилениот гостин на Владата и спасител од Индија, големиот инвеститор Субрата Рој заврши во затвор, сега се изменети проектите, а апетитите се многу поголеми. Малку се за големи бизниси само Охрид, Љубаништа и Св. Наум, туку е потребна и „Галичица“ и Отешево и Преспанско Езеро сосе Стење.

Ова злосторство доколку се изврши, е рамно на терористички акт од најопасен вид бидејќи не се во прашање идеолошки екстремисти и радикали, туку се работи за озаконет грабеж на тие што треба најмногу да ги заштитат природните богатства и реткости. Што мислите дали оваа невидена алчност, конечно, ќе ја разбуди свеста кај граѓаните дека не може се’ да се продава, особено не ова парче света земја и свети води кои се иднината и спасот на Македонија да не биде спржена пустина.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *