Banner
Мое ќоше

Ќе има ли тужби за попречување на правдата

justice statue with sword and scale. cloudy sky in the backgroun

Дали набргу ќе уследат тужби против конкретни личности кои од позиција на сила и на злоупoтреба на функцијата и власта ја попречуваат правдата. Станува збор за тешки морални и кривични дела. Или пак Специјалното јавно обвинителство во догледно време ќе и’ приопшти на јавноста дека во Македонија не е можна истрага и судска разврска на осомничени високи функционери за организиран криминал, за злосторничко здружување за местење избори, за мито и за корупција, за уништување имот на политички противници и други тешки кривични дела, кои произлегуваат од прислушуваните разговори, познати во јавноста како „бомбите“ на Заев.

Како поинаку да се протолкува фактот што по една цела година откако државата доби специјален јавен обвинител и обвинителство прифатено речиси едногласно и во парламентот и од лидерите на најголемите политички партии, се’ уште не може да се проследи ниту еден предмет во македонските судови, ниту пак да се спроведува деликатна доказна истрага без силни притисоци, застрашувања и закани, бел бојкот од надлежни институции на системот, особено со аболициите на претседателот на државата Ѓорге Иванов, или со постојаните закани дека законот по кој работи Специјалното обвинителство е противуставен што се’ заедно со медиумската сатанизација и прогласување на специјалните обвинители за шпиони на Сорос и на Америка, за продолжена рака на опозицијата и на Заев, всушност не значи друго освен криминално попречување на истрагата, а со тоа и на правдата и на владеење на правото, озаконување на криминалот, уривање на угледот на државата и се’ поголема недоверба во правосудниот систем. Правдата стана недостижна за највисоките позиции во власта.

Кога нема вести од Специјалното обвинителство никој не се занимава со Катица Јанева, специјалниот обвинител предложен и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, со заедничка оцена дека станува збор за одличен правник и обвинител. Кога владее молк во Обвинителството не се коментира работата на Јанева и нејзиниот тим обвинители и истражители. Но штом се објави дека се отвора нов предмет или, пак, се бара притвор за осомничен, или некој функционер се повикува во обвинителството да даде исказ, или кога се сослушуваат сведоци… веднаш одекнува силна експлозија, партиски и медиумски оркестрирана, баш од тие кои треба да бидат најмногу заинтересирани за професионална истрага и за судска разврска бидејќи се сметаат за невини и наклеветени. Повикот да се даде исказ во јавното обвинителство однапред се квалификува како политичка пресметка на опозицијата и на големите сили и меѓународната заедница со нашите чесни функционери, а обвинителството се прогласува за маша на непријателите на Македонија и на ЦИА. По дебаклот на претседателот на државата Иванов со аболициите за спречување на правдата се впрегнува повторно Уставниот суд, кој беше еден од главните актери и во претседателските аболиции.

Откривме дека сите од врвот на ВМРО-ДПМНЕ кои се под истрага добро знаеле што е пресумпција на невиност. Кога секој ден излегуваа пред јавноста и пред камерите да ги жигосуваат и судат луѓето пред да суди судот најарогантно одбиваа да дадат какво било објаснување, или одговор зошто ги прогласуваат луѓето за виновни пред тоа да го каже судот. Наеднаш одредувањето на мерката притвор која следуваше по автоматизам на секоја истрага од МВР и од обвинителствата што често се претвораше во долга робијашка агонија и измачување сега е опасна закана за човековите права и слободи. Секогаш е така кога на своја кожа ќе се почувствува сопствената режија на селективно владеење на правото. Сите предлози на Специјалното обвинителство за одредување на мерката притвор се одбиени со образложенија кои одамна требаше да ги чуеме и за многу други казаматски лишувања од слобода и држење на осомничените во нечовечки услови. Сега се одбегнува какво било ограничување на движењето и комуникациите на осомничените крупни риби во власта што исто така е еклатантно попречување на истрагата.

Еве два примери најактуелни од светот и од нашето соседство. Додека трае Олимпијадата во Бразил, федералниот Врховен суд не бил многу импресиониран што очите на целиот свет се насочени кон најголемиот спортски настан. Замислете судија на Врховниот суд одреди истрага против претседателката на Бразил Дилма Русеф и поранешниот претседател Луиз Инасио да Силва поради сомневање дека ја попречуваат истрагата за корупција која се води против националниот нафтен гигант. Генералниот обвинител на Бразил Родриго Жано побара највисокиот суд да го одреди почетокот на истрагата за актуелниот и поранешниот претседател на Бразил.

Втората вест е од нашето соседство, од Косово. Деновиве таму се обелоденети телефонски разговори на повеќе функционери на власта меѓу кои и на претседателот на државата Хашим Тачи со шефот на парламентарната група на владејачката партија Адем Грабачи. Косовските функционери од власта ги фатиле на дело како применуваат прекумерно влијание на партијата врз позициите на јавниот сектор. Разговорите се обелоденети во јавноста на 1 август, а шефот на парламентарната група Грабачи поднесе оставка под притисок на повеќедневни протести на граѓани на Приштина. Грабачи својата оставка ја образложи пред јавноста дека станува збор за морална и политичка одговорност, но и за овозможување на институциите непречено и без притисок да истражат дали има и кривична одговорност. Протестантите не се задоволни со една оставка и бараат сите што се замешани во разговорите и злоупотребите на позициите да се повлечат од своите функции и да одговараат кривично. Засега никој не ја негираше автентичноста на разговорите, ниту дека се сечени, лепени и креирани, нема вести за обиди за попречување на обвинителството и судовите во нивната работа.

Ете ова се последните вести од светот и соседството за утврдување на политичката, моралната и кривичната одговорност и за отстранување на пречките во владеење на правото. Можеме и треба да учиме како се постапува во вакви случаи не само во Бразил најголемата држава во Јужна Америка , туку и од најмладата држава во светот Косово, нашиот сосед. Има што да се научи не само од врховниот суд на Бразил и од оставката на функционер во Косово, туку и од јавноста на Бразил и на Косово кои преку протести ја побараа правдата.

Натамошното оневозможување и попречување на работата на Специјалното обвинителство и на обвинителот Катица Јанева е најсилниот атак врз иднината на Македонија. Се работи за тоа дали ќе се почитуваат законите и правото подеднакво за сите граѓани, или пак под присила на група луѓе владеењето без контрола ќе биде посилно од владеењето на правото. Во текот на една цела година се покажа дека попречувањето на истрагата и на правдата е многу помоќно отколку Законот за работа на Специјалното обвинителство. Ако и натаму продолжи оваа опструкција на правдата, Јанева ќе нема друг избор освен да поднесе тужби против сите што ја спречуваат истрагата, или да крене раце прифаќајќи дека во Македонија не може да се спроведе ниту истрага, ниту судска постапка за осомничени високи функционери во власта. Тоа би било крај на надежта за правна и демократска држава.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *