Banner
Мое ќоше

Што ни појасни и разјасни Андов

andov

Во текстот „Томе Аџиев плаче по лустрацијата“ објавен во четврток на 18 август во „Утрински весник“ во колумната „Мое ќоше“ посветен на дебаклот со лустрацијата и поништените 20 пресуди од Управниот суд, со големи изгледи да бидат поништени 40 одлуки на Комисијата на Аџиев, односно на сите кои се жалеле, до Управниот суд напишав и неколку реда за носителот на првичната идеја Македонија да донесе закон за лов на кодошите и прочистување на општеството. Таа идеја и тој прв закон бев убеден како и целата македонска јавност дека се на познатиот политичар Стојан Андов. Господин Андов ова го доживеал како злонамерно и тенденциозно подметнување и на моите десет реда кои не се суштината на текстот, испратил 150 реда, со наслов „Појаснување на лустрацијата“ објавен на 19 август како своевидна исповед за да и’ се разјасни на јавноста дека идејата не е негова, туку на ВМРО-ДПМНЕ, а тој само сакал со неговиот Закон да го спречи ВМРО-ДПМНЕ да ја спроведува лустрацијата бидејќи таа може да земе опасни правци.

Значи, да нема забуни, појаснението е дека идејата не е на Андов да се донесе законот, туку на ВМРО-ДПМНЕ , а мотивите на Андов да ги претрка сите и прв да предложи таков Закон за лустрација не биле гест на верен коалициски партнер кој му се умилкува на Никола Груевски како што може некој да помисли погрешно, туку биле да се спречи пресметката на ВМРО-ДПМНЕ со политичките противници. Андов натаму ни појаснува дека неговиот Закон бил поддржан од јавноста, а во Собранието бил донесен со консензус итн., итн. Неисе, го прифаќам појаснувањето на Андов дека таа идеја не е негова и дека неговиот закон за лустрација бил со мотиви да се спречи пресметката на ВМРО-ДПМНЕ со политичките противници, или како што вели тој да не земе опасни правци. Се надевам дека откако на овој начин Андов си ги изми рацете ќе се чувствува подобро и ќе му олесни.

Понатаму Андов во својата исповед кажува работи кои не му се припишани нему во текстот. Обидот со законот за лустрација да се направи историски фалсификат Југославија и Македонија да се изедначат со комунистичките режими на Исток не се однесува на Андов, но тој и тука почувствувал голема потреба за секој случај да даде појаснување дека неговиот закон за лустрација не ја изедначува Југославија и Македонија со земјите членки на Варшавскиот пакт и Албанија. Еве и ова не го сфаќам како покајание грешним, туку како појаснение дека Законот на Андов не ги прифатил интенциите на Советот на ЕУ во целост со лустрацијата да се жигосаат комунистичките режими, неправдите и злоделата што им се направени на милиони луѓе во Русија, Албанија, Романија, Источна Германија, Бугарија, Полска, Чехословачка, Југославија … туку предложил таков Закон од слободарски причини за чистење на општеството од кодоши кои одамна се починати или беа во длабока старост.

За укажувањата, не само мои, дека требаше прво да се направи политичка рехабилитација на жртвите од комунистичкиот систем, па и судска за некои драстични случаи на монтирани судски процеси и дека заедно со лустрацијата овие работи требаше да се завршат веднаш по прогласување на независноста, Андов се исповеда во своето појаснение со дигање рамења дека тоа не е направено, а политичката рехабилитација и 20 години чешлање и бришење досиеја на вистинските кодоши како факти што оневозможуваат праведна лустрација Андов ги заменува со оправдување дека за судска рехабилитација немало време. Не знам дали некој му бранел на Андов, како што предложил Закон за лустрација, да предложи и Закон за политичка рехабилитација на жртвите од комунистичкиот режим. Такво нешто не е направено бидејќи ја нема атрактивноста на пресметката со противниците и тие што и’ пречеа на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери, меѓу кои и либералите на Андов. Тие добри намери на Андов за спречување на опасните правци подоцна израснаа во монструм, кој без право на одбрана прогласуваше невини луѓе за кодоши.

Андов ме исправа и појаснува за уште нешто што во овој текст не сум го напишал, а тоа е дека само Македонија донела Закон за лустрација од сите бивши југословенски републики. Иако ова не сум го напишал го прифаќам да ми биде припишано бидејќи во други текстови посветени на лустрацијата уште од првата идеја на Андов го имам предочено фактот дека ниту една бивша југословенска република не спроведе лустрација, освен Словенија, и тоа веднаш по прогласувањето на независноста. Мудрите Словенци направија експресно делумна лустрација без да се носи нов Закон, туку потпирајќи се на постојните закони што ги имаше и Македонија. Пензионираа неколку судии кои суделе по наредба на централните комитети и ја завршија својата лустрација како препорака од Советот на ЕУ, притоа јасно и’ нагласија на Европа дека ни Југославија, ни Словенија не може да се изедначуваат со земјите зад „железната завеса“. Андов, во своето појаснување набројува, набројува како било во Словенија, во Хрватска, во Србија, во БиХ веројатно сакајќи обидите да ги прикаже како завршена работа, ама на крај самиот потврдува дека од бившојугословенските републики освен во Македонија нема спроведен закон за лустрација, а и тој доживува целосен крах.

На крајот, Андов вели дека јас добро ги знам овие работи ама мислам дека водата е доволно заматена, па можам нешто и да уловам. Ете и ова го признавам, дека водата и уште многу други работи во државата се ептен матни. Стојан Андов, како искусен политичар и поранешен висок функционер знае и кој ги мати. Како љубител на лов во матно со мирна совест можам да кажам дека тешко нешто може да се улови освен батак и бербатлаци. Кој колку заматил и избистрил не може да оцени човек сам и со појаснувања. Веројатно тоа ќе го направат некои нови непристрасни генерации, ако воопшто има потреба од тоа.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Андов ги уживаше сите привилегии во социјализмот, како што ги ужива и во „капитализмов“! Тој е еден од вечните политичари кои се крмеа врз несреќата на сопствениот народ. Во ’80-те југословенската ДБ пресретнала писмо на британскиот амбасадор во кое тој реферира дека „поголема глуперда од југословенскиот амбасадор во Ирак нема сретнато дотогаш“ (ДУГА,1989). Наместо законот „за верификација…“ да ги спречи оние кои просперирале врз туѓата несреќа да станат актуелни функционери тој успеа во спротивното – да унесреќи уште повеќе личности и да ги заштити и унапреди истите кои и во минатото просперирале со кодошење други. Згора на сè уште и го усоврши системот на кодошење, против секој кој размислува поинаку од нивната агенда и идеолошка матрица. Во СФРЈ најчесто беа прогонувани националисти кои во случајот на Македонија работеа за бугарската кауза, или беа криминалци кои денес се претставуваат дека биле судени како големи Македонци. Шатев и Брашнаров истакнувале дека се против обединувањето на трите дела на Македонија за кое се залагала КПЈ, „затоа што тоа им штетело на интересите на Бугарија“ (писмо до ЦК ВКП(б) од 1.10.1948, заведено во руските архиви под број 284). За Ченто тврдат дека бил уапсен дома, а тој самиот во својата жалба до Врховниот суд на НРМ признава дека имал „намера да пребегне во Грција (4.12.1947), ама не за да организира чети против Југославија, туку за да избега во САД“. Митко „Врапчето“ (поранешниот пратеник) заради силување на малолетнички. Драган Богдановски (оснивачот на ВМРО-ДПМНЕ) заради кражби од студентскиот дом и сл. Ретки се оние кои лежеле затоа што биле слободоумни, или како вистински дисиденти кои се залагале за демократија. Нив оваа власт не ги ни спомнува, а ги велича токму Бугароманите! Оттаму, би било многу погрешно да се рехабилитираат луѓе кои работеле против интересите на сопствениот народ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *