
Јавниот обвинител Марко Зврлевски бил жив и здрав, сполај му на бога. Од поодамна нигде го нема, па таман сакав да прашам каде е човекот, кога надојде големата вода, па си реков каде и да е ќе се јави сам, ова не може да се прерипне. Матната вода однесе животи меѓу кои и повеќе деца, зави во црно стотици семејства, уништи многу имоти… Си велам, ќе мора да има саглам истрага, дали само природата е виновна како што упорно ни пакуваат и перат мозоци владините пропагандисти. Минаа три дена од трагедијата, а Марко како да потонал кај Смилковци или исчезнал во Стајковци. Си молчи. Се загрижив навистина да не го спречила некоја друга ептен поголема натприродна сила да си ја работи својата работа.
Неисе, човекот си е тука и велат во добра кондиција, мошне успешно ги привршува сите активности околу спречување на нелојалната конкуренција збрана во антидржавните редови на Специјалното обвинителство за гонење на криминалот од врвот на власта. Сега со катастрофата еве му се отвори на Зврлевски нова голема работа да поведе истрага во која ќе се докаже дека никој од високите ешалони на актуелната власт и одговорните институции не е виновен за толкавиот број човечки жртви, загинати и ранети, за уништениот имот. Може да бидат на удар на острото око на обвинителот неколку жртвени јарци од долните редови, неколкумина од политичките противници, главно по некоја ситна риба. И толку, истрагата ќе заврши ептен праведно и професионално како што доликува кога ќе загинат толку луѓе и ќе се уништат толку семејства поради природна стихија и човечки грешки.
Знам, така мислите ако не сите, барем повеќето, ама малку морген. Моите инсајдери велат дека овој пат Зврлевски ги засукал ракавите, силно удрил со тупаница по обвинителската маса и гласно викнал не ме интересира ни ВМРО, ни свети ВМРО, ни премиер, ни свети премиер, ни Грујо ни Мујо, ова веќе не се трпи, секој што си е виновен за загинатите луѓе и за уништениот имот ќе одговара ако се огрешил од законите по кој било основ почнувајќи од немарност и јавашлак, до корупција и криминал, за инвеститорски и градежни грешки, за непочитување законски задолжителни норми за заштита на човечките животи и имотот на граѓаните и на државните добра.
Свртил мајчин Зврле лист хартија и напишал дневна заповед: веднаш да се истражи зошто на загинати луѓе не им е извршена обдукција, најважната работа за утврдување на причините за смртта. Чија е таа наредба да се спречи обдукција што претставува сериозен законски престап по домашни и меѓународни стандарди и обврски.
Под точка два Зврлевски наредил итна истрага на документите во „Македонија пат“, инвеститорот на автопатската обиколница кај Стајковци, да се сослушаат одговорните за одржување на инфраструктурата на обиколницата и одводните канали, на земјиштето над и под автопатот и се’ што предвидува законот, а не е почитувано.
Под точка три јавниот обвинител на Македонија наложил да се поведе истрага кај инвеститорот на канализацијата во Стајковци и кај сите надлежни кои имаат законска обврска да се грижат за исправноста на каналската мрежа што ги прифаќа водите од падините на Скопска Црна Гора и подземните води укажувајќи на индикации преку допрен глас до јавноста дека имало големи прекршувања на законот и сомнителни коруптивни зделки при изградба на канализацијата во Стајковци на штета на квалитетот и капацитетот на прифаќање на водите.
Под точка четири јавниот обвинител побарал стручно вештачење и наредил детална истрага на состојбите во изградбата на сите објекти и целата инфраструктура која затаила поради неправилности при изградбата и нивното натамошно одржување.
Под точка пет Зврлевски бара ревизија на сите инвестиции и градежни зафати кои не се во согласност со урбанистичките стандарди и проектирани норми и кои се резултат на брзи сомнителни промени на урбанистичките планови, на градби кои не ги обезбедиле задолжителните проверки на трусни подрачја и раседи и на опасност од подземни води, поплави и несоодветна заштита од пожари.
Под точка шест Зврлевски бара специјален тим обвинители, одред полицајци и истражители бидејќи редовната полиција во случајот со катастрофата наеднаш онемела и оглувела, па така глувонема ја нема никаде да се пофали за преземените мерки, како кога ќе фатат килограм марихуана.
Има уште неколку наредби на јавниот обвинител кои во моментов не се за јавност бидејќи можат да и’ наштетат на истрагата, ама Марко Зврлевски како и секогаш досега е решен да ја брка работата до крај како што налагаат законите.
Дали верувате во ова. Не верувате, па не верувам ни јас, ама таков бил редот на нештата кога се случуваат вакви големи трагедии, па и помали несреќи кога има човечки жртви и уништен имот. Во земја каде што владее правото мора да се разграничи што е данок на стихијата и природата, а што грешка на одговорните институции и раководни личности. Велам кај што владее правото. Кај што, пак, владеат група луѓе се прави од несреќата хорор, популистичка кампања на делење помош, што е исто така законска обврска и должност на надлежните државни и владини институции и хуманитарни организации.
За време на целата оваа катастрофа ужасува односот на провладините медиуми и нивната агресивна кампања на лаги и дезинформации дека ова што ни се случило е дело само на природната стихија, дека тоа се вообичаени жртви и штети присутни секаде во светот кај што се случуваат вакви несреќи, дури и добро сме поминале оти на други места имало повеќе жртви и поголеми штети. Најсрамната работа додека се’ уште трае потрагата по исчезнати луѓе што безмерно дење-ноќе се велича спасителот небаре е Господ.
(Објавено во Утрински)

