Banner
Мое ќоше

Трагедијата го угасна лажниот сјај

Фото: Андреј Гиновски

Фото: А. Гиновски

Катастрофа во главниот град на државата, 20 мртви, повеќе исчезнати и тешко повредени, заробени стотици возила под свлечишта, разурнати, поплавени, опожарени населби, згради, куќи, булевари, улици, угината стока, откорнати дрва, уништен имот и покуќнина, многу солзи, унесреќени семејства, голема тага… тоа е првичниот биланс потврден од МВР по големото невреме што ги зафати синоќа Скопје и Скопско. Пак сме на ударните вести во светските медиуми. Никогаш за арно. Уште колку тажни вести ќе стигнат, ќе се дознае по повлекувањето на водите и расчистување на калта и на земјените наноси.

Ваква трагедија не го снашла Скопје ни за време на големата поплава 1962 година. Од земјотресот 1963 година па наваму, немало поголема несреќа во Скопје со толку многу жртви и штети. Дождот, наносите и громовите предизвикаа пустош и го угасија лажниот сјај на главниот град.

Фото: А. Гиновски

Фото: А. Гиновски

Еден силен летен дожд, невиден досега, како да течеше река од небото, проследена со ветер за два-три часа ги потопи градот и околината. Најдобро издржаа бронзените споменици и населбите каде што се градело според законските прописи. Во централното подрачје и по некои елитни населби и булевари на самракот, по кружните текови за политика, сообраќај и мерење на висок водостој трагично се узна вистината на големите промашени инвестиции во слава на режимот. Кај сиромаштијата во приградските населби со години по секој малку посилен дожд „стање редовно“, вода до гуша. Овој пат во Стајковци, во Смилковци, во Сингелиќ и во Арачиново, вода и кал преку глава. Се давеа луѓе во своите домови и автомобили. При помало или поголемо невреме зиме-лете, пролет-есен, во Скопје, како и низ цела Македонија се гледаа добро сите големи дупки и утки, подземни води и ујдурми и сите погрешни приоритети од фрлените стотици милиони евра залудно во барок и лажен гламур. Стаса казната за погрешниот редослед на изградба на она што е најважно за граѓаните. За жал, казната ја платија со своите животи над 20 невини луѓе и илјадници граѓани со својот уништен имот. Природата не може да се поткупи и корумпира, ама нејзината сила може да се ублажи, ако се гради според правилата и градителските закономерности.

Кога се гради само за фасада, за убаво лице, за сликање и за гласови, а не според градежните строги норми и кога се потценуваат опомените на природата кои ги имаше на повеќе пати само оваа пролет и лето, а да не зборуваме за претходните години, кога не се почитуваат предупредувањата на вистинските експерти и стручни луѓе, кога се гради на ура и со популизам, а не според науката и опасностите од глобалното затоплување еден ден стасува одмаздата на природата. Најтрагично е тоа што кај што е најтенко се кине. Така е кога се гради за криминал, за корупција, за грабеж, за изборни победи, а не за квалитет и трајност.

Фото: А. Гиновски

Фото: А. Гиновски

Не дека не знаат нашите познати градежни компании да градат згради, булевари, патишта и автостради, канализации, да чистат речни корита и канали… напротив, тоа знаат да го прават по светски стандарди и со признат квалитет, но кога она што е над земјата е поважно од она што е под земјата и не се гледа, кога градат човек– фирма, кога градат партиски, а не градежни компании, кога е поважно да завршат милиони во џебови и во партиски каси отколку во темели и здрави покриви и во вистинска заштита на животот и имотите на граѓаните, тогаш вистината најдраматично и најточно ја откриваат, за голема жал, жртвите и штетите од поплавите, сушите, пожарите и ја покажуваат целата лажна слика на македонските Потемкинови села и кули од карти.

Фото: А. Гиновски

Фото: А. Гиновски

Е, сега знам што следува, ќе се јават разните политички пропагандисти и квазистручњаци да не го политизираме невремето, дека паднале 50, 60, сто… литри дожд на квадратен метар, дека дувало силен ветер, имало 800, или 1000 и кусур електрични празнења, громови, дека тоа се случува насекаде во светот и дрн-дрн јариња. Еве неколку евидентни констатации за тие партиски стручњаци кои секогаш во критиката за пропустите и неправилностите препознаваат политика. Кога ќе се случи, во кој век, Скопје и сите градови и поголеми населби во Македонија да добијат комплетна атмосферска и фекална канализација соодветна на бројот на жители и која редовно ќе се одржува. Кога ќе се исчистат сите шахти и канализации. Кога ќе се отстранат опасните повеќегодишни наноси во критичните делови на речните корита и канали. Кога ќе се контролираат и запрат свлечиштата кои со години ги знаат сите надлежни институции и се прават на удрени. Кога ќе престане изградбата на објекти под диктат на градежната и политичката мафија каде што не смее да се гради. Кога граѓаните во сите населби ќе добијат квалитетно снабдување со електрична енергија, вода за пиење, прописно изградени улици и патишта со неопходните пропусти и канали, кога треба да се испраќаат авионите за гаснење на пожари на ремонт и поправки, кога ќе научиме дека овие елементарни животни потреби се поважни од споменици, кораби, галии, гаражи, жални врби, фонтани, вртелешки, рингишпили и панорамски тркала, рајски градини и лажен барок. Кога ќе ја примениме основна лекција и во градежништвото и во изградбата на општеството дека темелите и покривите се поважни од лажните фасади од стиропор и гипс-картон. Полните подруми со вода во речиси сите објекти на „Скопје 2014“ е стара и позната работа. Но, поплавените подруми и станови во новоградбите ширум Скопје покажуваат дека фалш-изградбата попримила димензии на епидемија. Никогаш не ми излегува од глава предупредувањето на стручните луѓе од Институтот за земјотресно инженерство дека многу новоградби во Скопје не се градени според законските норми. Не дај Боже да удри малку посилен земјотрес за да се увериме преку нова трагедија што му направија на градот разните алчни идиоти и лажни градители.

И сега што понатаму. Ќе стаса спасителот со прекинат одмор во Анталија, ќе тргне со свитата новинари и камери по домовите на жртвите, ќе вети помош и брза санација, ќе го прегрнуваат следните жртви …

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 6 коментари

  1. ljubica

    Vo takvi elementarni nepogodi, vo site drzavi narodot e sploten I pravi se za nadminuvanje na katastrofata, dodeka kaj nas site isfrustrirani i ljubomorni, ozboruvaat, napagjaat, manipuliraat, drugi ozboruvaci prenesuvaat, a tretite, IDIOTI prifakjaat. Zatoa, ovaa partija vladee deset godini, bidejki delata se na videlina, narodot znae I moze da prepoznae koj se se grizi za niv.

  2. Igorce od sviripicino

    da ti go turam u gluperdata umrena, da umres da dae gospod

  3. abnormalen

    kamo da udri eden zemjotres i sve da srushi novo shto e napraveno,..i toa vrz glavite na site onie shto imale nekoja vrska so nivnata izgradba.

  4. Pingback: Кој го удави Скопје | erizaov

  5. Pingback: Тука ли е јавниот обвинител | erizaov

  6. Pingback: Кога временските прогнози се најчитани | erizaov

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *