Banner
Мое ќоше

Кој е во менгеме Заев или Груевски

Kopiowanie i przetwarzanie bez pisemnej zgody firmy www.tme.eu zabronione.

Зоран Заев, лидерот на опозицијата, или премиерот Никола Груевски е повеќе приклештен во менгеме пред средбата во Брисел на политичките лидери од Македонија. Или, пак, и на двајцата им се врзани повеќе или помалку рацете. А можеби мислите како и јас дека, всушност, Македонија сосе два милиони граѓани е казнета по една цела деценија уште во недоглед да чека во балканската чекалница поради гревовите на власта и нејзините криминални политики.

Двете контрадикторни изјави на еврокомесарот Јоханес Хан дадени во Скопје и во Вашингтон за патиштата како да се надмине длабоката политичка криза во Македонија предизвикаа прво шок и загриженост во јавноста, а потоа со козметички и цензорски дотерувања и со малку квази експертски толкувања се претвори во трагикомедија и фарса. Хан во Скопје јасно најави дека крајот на кризата ќе го означат резултатите од фер избори во април идната година. Меѓутоа, останаа многу нејасни работи кој ќе ја предводи транзициската влада до изборите, односно кој ќе ги спроведува изборите. Деталите кои во вакви ситуации се најважни останаа да се договорат на 10 јуни на нова лидерска средба во Брисел. Но, сепак алузијата, до душа меѓу редови, беше дека Груевски нема да ги спроведува изборите.

Хан во Вашингтон по разговорите во Белата куќа беше друг човек. Повторно една прилично немушта изјава со голема конфузија , која превагнува кон тоа дека истрагата за злосторствата во Македонија ќе ја водат злосторниците. Со индиректна најава дека транзициската влада ќе ја предводи Груевски. И се разбира, по таквите спротивставени јавни изјави дадени во многу кусо време, духовите во Македонија уште повеќе се вознемирија и почнаа партиските ТВ и медиумски лицитации што навистина кажал Хан. Работата дојде до точка на вриење кога Зоран Заев најави дека под такви услови на 10 јуни нема да се појави на состанокот во Брисел каде треба да се уточнат сите детали за разврска на политичката, моралната и духовната криза во Македонија ако Европа навистина наумила да и’ помогне на Македонија за нејзино ослободување од стегите на режимот, со тоа што разврската од кризата ќе се спроведува со влада на чело со Никола Груески. Од Брисел брзо стасаа вести дека се погрешно толкувани изјавите на Хан, па Заев го спакува куферот откако се изложи на страшен притисок и од домашната јавност и од Брисел.

Во сиот овој галиматијас, или ако ви е посоодветен изразот во оваа калакурница, имаше и една комична ситуација која од ден на ден прераснува во трагедија. Смешната страна на изјавите на Хан ги видов во силната прозападна и антизападна ориентација на граѓаните на Македонија која се менуваше наизменично од час во час. Целата таа западна и антизападна цврста определба се распадна за пет минути пред налетот од стравот да не се изгуби власта и ги покажа тенките идеолошки струни на македонското општество. Па така големите патриоти и редовни остри критичари на Запад и на Америка наеднаш толку многу омекнаа, станаа толку големи демократи и прозападни обожавачи да му се збоктиса на човека. Редовните телевизиски телали на власта кои секоја вечер ни ја полнеа главата со страшната и злобна Америка, со заговорите што ни ги подготвуваат стивнаа како издишан балон. Пропагаторите на приближување кон Исток наеднаш почнаа да пеат како канаринци колку се значајни ЕУ, НАТО, Америка, Англија, Германија, а колку е опасно врзувањето со Русија и со Кина…

Од друга страна социјалдемократските прозападни идеалисти и надреалисти истурија на тони чемер и јад за себичната политика на Брисел и во најмала рака, сомнителна преобразба на евокомесарот Јоханес Хан. Големите прозападњаци веднаш рипнаа: нема одење во Брисел, таму нешто смрди. Европската политика на толеранција и компромис ако треба и со црниот ѓавол предизвика силни бранувања во редовите на опозицијата. Пресечените крила на Груевски и на неговите најблиски соработници освоени со жесток притисок на Америка и ЕУ веќе не значеа ништо во споредба со тоа ако Груевски и натаму останува премиер до изборите. Се разбира дека организацијата на фер и слободни избори не е можна со Груевски како премиер, но реакцијата на нашите прозападни социјалдемократи беше класичен случај на партиски популизам кога вербата во Европа и во Брисел се напушта за пет минути по пренесување на изјавите на Хан од Вашингтон и тоа без да се проверат до крај изворно, да не речам лично кај еврокомесарот. Толку за македонската западна ориентација, толку за патриотизмот и за подготвеноста за проверка на фактите.

Амбиентот на недоверба во Македонија кој е оправдан по сето она што ни се случува во изминатите години и особено по обелоденување на прислушуваните разговори е главната причина за сиот овој идеолошки и медиумски хаос во Македонија. Владеењето на Груевски цели девет години предизвика вистинска пустош во свеста на граѓаните на Македонија и е дел од драматичните делби по сите основи и национални, и верски, и меѓуетнички, и политички. Еден ден сме со Запад, другиот ден против. Еден ден сме цврсто определени за ЕУ и за НАТО, другиот ден по нив фрламе со дрва и камења. Еден ден тие се најголемите економски, политички и воени сојузи во светот, другиот ден се џандари на светот и организации кои само што не се распаднале. Еден ден Европа е виновна за сите наши несреќи и неостварени стратегиски интереси, другиот ден цврсто сме определени за европеизација на Македонија. Со такви политики се стасува само дотаму каде што сме. На балканската опашка.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *