Banner
Мое ќоше

Маша-каша и Медвед

masha

Еве една мала утопистичка и по малку патетична неновинарска приказна по повод денот кога нашите политички водачи во странство ќе бараат излез за нашите домашни несреќи, кои тие ни ги донесоа сосема намерно, од алчност, од самољубие, или од незнаење. Сеедно. Не верувам дека нешто ќе биде од тоа што ќе се случува во Брисел бидејќи власта во Македонија нема чувство за изгубено време. Премиерот Груевски мисли дека само една година е на тронот бидејќи некој му оневозможува да си го заврши четиригодишниот мандат што му го дал народот. Нашите десет години, за него се една година. Човекот мери со децении.

Во саботата точно на пладне со мојата тригодишна внука, моето ангелче Аја, бев во МОБ (Македонска опера и балет) во онаа голема театарска сала, која ретко кога е полна. Беше тоа неверојатна глетка, стотици дечиња со своите родители, испоседнати до последното место, игла да фрлиш нема кај да падне, имаше тука и баби и дедовци се уште неостарени, сите дојдени да ја гледаат „Маша каша и Медвед“, руската популарна цртана серија преточена во детска претстава. Повеќе ја гледав таа прекрасна публика, насмеаните лица на децата и нивните родители отколку тоа што се случува на сцената. Детскиот џагор, нивното смеење од срце, нивната невиност и чиста душа, аплаузите, спонтаните реакции ме исполнија со голема радост во овие скудни и волнени времиња.

И како што обично бидува кога човек ќе влезе во третата доба, од насмеаните деца погледот ми се сврти кон нивните родители и дедовци. Веднаш ми се удри од глава факторот време во човечкиот живот на кој обично додека сме млади не мислиме. Се присетив дека син ми кога првпат го однесов во театар имаше исто толку години колку што сега има неговата ќерка. Беше тоа во времето кога на повидок беше независноста, слободата и демократијата, кога со голема надеж ја чекавме убавата иднина, убедени дека големите промени ќе ни донесат посреќен и побогат живот. Поминаа повеќе од триесет години, одлетаа додека трепнеш со очите, а од големите промени не стана ништо. Останаа само надежите и очекувањата за поубави времиња. Откако знам за себе, постојано чекам подобри времиња.

Татковците кои немаат време за своите деца се лоши татковци. Обично тие стануваат добри дедовци. Така и јас сега со внуката ги перам своите гревови од младоста кога мислев дека учествувам во историски промени за подобар живот на децата за кои немав никогаш доволно време, сигурен дека мојата љубов кон нив тие ја препознаваат и кога не сме заедно. Мислев дека тоа се подразбира природно и кога тато умислил дека е учесник во револуција, па по цели денови и ноќи пишува и брбори за демократија, слобода и подобро утре, па дури кога осамнува кај „Јоле“ по јалови мудрувања и бескрајни кафеански муабети и се’ што оди заедно со тоа.

Сега со мојата Маша сум како оној Медвед, кој е добар и божем строг, па и’ ја исполнува секоја желба, но пак мрморејќи што е добро, а што е лошо. Знаете, лесно се исполнуваат желбите на малите деца. Ним им треба сосема малку за голема среќа. Што правиме со големите деца кои тргнале по нашите патеки во секојдневна борба да живеат нормално и достоинствено во држава која ние им ја стокмивме без да ги научиме колку е скапо времето и здравјето, без да ги научиме колку е уште поскапа слободата. Нас нашите татковци не’ научија по нешто за слободата. Сите ние кога бевме деца имавме по некое другарче чиј татко или дедо бил партизан, кој се борел за слобода. Научивме дека многу луѓе загинале за слободна Македонија. Кога потпораснавме видовме дека таа среќа брзо се потрошила и дека слободата не била еднаква за секого, не била еднаш засекогаш дадена, разбравме дека за подобар живот треба уште многу други работи кои нема да се завршат сами од себе ако самите не се промениме. И пак промени… и пак реформи… и пак нови надежи…

А, времето… каде е времето, кое никој не може да го врати. Гледајќи ги некни во МОБ веселите и насмеани лица на децата, човек не може а да не помисли дали повторно не им подготвуваме на нашите деца голема измама, која ќе ја откријат по 20 или 30 години.

Така стануваме повторно соучесници во големата лага дека правиме се’ за нашите деца. Вистината е дека само тие што навреме избегаа од татковината имаа поголеми шанси да успеат. Повеќето од нив низ белиот свет се посреќни од тие што останаа на родните огништа.

Децата што се родија со независноста на Македонија, годинава ќе наполнат по 25 години. Децата што се родија за време на стапување на власт на Никола Груевски в година ќе наполнат по 10 години. Кога децата ќе почнат да се раѓаат во слобода, ќе соопштат бесмртните од МАНУ. Тие решиле да прават стратегија за излез од политичката, економската, моралната и духовна криза за спас на Македонија. Првата национална стратегија за развој на Македонија ја направија рамно пред 18 години кога ја одредија насоката каде ќе се движиме во наредните 20 години. Сега кога останаа само уште две години од реализацијата на нивните научни и историски промени од кои ништо не се оствари, ќе седнат да подготвуваат нова стратегија за наредните десет години. И се’ така ќе течат години и години додека еден ден не се открие вистината дека ништо не може да се смени, ако не се сменат луѓето, ако не се смениме сите. Како беше онаа латинската О, темпора, о морес. О времиња, о луѓе.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *