Banner
Мое ќоше

Алооооо Миле, кај си

mile_janakieski-600x400

Правдата еден ден ќе тропне и на вратата на онеправданите, понижените и ограбените

Ало, Миле, слушам дека многу добро ја познаваш технологијата за уривање, градење, продавање и преземање на атрактивни градежни плацови. Притоа одработуваш одлично се’ да биде покриено со закон според урбанистичките планови. Овозможуваш да се купи земја евтино од државата, да се продаде сто пати поскапо. Алал ти вера, алал да им е на твоите родители што те родија и воспитаа толку умен, чесен и храбар што и’ помагаш на државата да се ослободи од грижата за својот имот. Нема водач на дуњава што не би сакал да те има во првите редови.

Погледни веднаш како стојат работите со оној плац од околу 1400 квадратни метри во центарот на Кочани, пред Културниот дом кај споменикот на Никола Карев. Десет години се влечам пред вашите независни и непартиски комисии, а сега предметот собира прав во Управниот суд. Наместо да ти се јавам тебе и да ти кажам дека тоа е мое место наследено од мојот татко, јас наивен пишувам тужби и чекам одговори во кои час се прифаќа моето барање, час се одбива, во зависност од климата. Ако е студено се одбива, ако е потопло се прифаќа. А, некогаш се носат одлуки без оглед на временските услови и без да бидам известен, што тебе не може да ти се случи. Ти ги правиш работите брилијантно, па во секое време имаш решение во рацете како што нарачуваат македонските богови од врвот на Олимп, или на Водно, сеедно, двете се свети планини.

На пример моите 1.400 квадрати во центарот на Кочани вредат џабал’к според законот за обесштетување на национализиран имот. Така приватната парцела си останува државен имот – парк додека не заврши праведно судскиот спор, се разбира, во интерес на државата и во име на народот како што си е редот. Откако државата ќе стане газда, тие 1.400 квадрати нагло почнуваат да растат и над земја и под земја, вкупно едно пет-шест ката, потоа малку се шират те лево, те десно, сето тоа според закон и експресните промени на ДУПОТ и ГУПОТ, кои можеш да ги направиш само ти. И еве така преку ноќ тие 1.400 квадрати стануваат 11.000 квадратни метри и наместо лош државен парк, ти како волшебник, со еден потег го претвораш во идеално место за убав приватен трговски центар, луксузна станбена зграда, или нешто слично од што граѓаните ќе бидат одушевени, политичарите задоволни оти му подариле прекрасен објект на градот, а најсреќни со триење на дланките ќе бидете ти и твојата дружина, врвни експерти за имоти.

Ало, Миле, види јас навистина ти симнувам капа како ја изведуваш оваа сложена операција за брза трансформација и со тоа постигнуваш одлични и економски и политички поени. Ти знаеш колку твојот водач се гордее со Законот за денационализација и враќањето на одземените имоти. Тогаш добивте многу пред јавноста кога одлучивте да ги вратите одземените имоти од комунистите и да ја ублажите неправдата што им е нанесена на илјадници граѓани. Вративте што вративте, како кому иде. На некој со шака и капа, на некој ни колку под нокотот. Е, сега дојде време да одработите што може вам да ви врати државата за ова големо дело. Прво, добро ги разгледавте локациите, сите убави парцели и меѓите до каде одат. Потоа им фрливте око на државните имоти, или на имотите на поранешните сопственици кои не можат да си ги вратат затоа што во меѓувреме станале паркови, или затоа што ги прогласивте за центри за рекреација на граѓаните… ги купувате за багатела преку ваши блиски компании, или ваши луѓе и веднаш ги променивте, ако треба и по неколку пати урбанистичките планови. Потоа им залепивте убави маркички, според кои квадратурата расте на секоја парцела за неколку пати и еве ти легално стекнато богатство според законот и според мудроста и чесноста ваша и наивноста наша, и според моќта ваша и стравот наш во коски влезен од власта.

Види, отвори ги очите добро, ако има некој што се сомнева во законитоста и вашата чесност веднаш преземи мерки друг пат да не помисли такво нешто.

Ало, Миле, само треба да имаш на ум една многу важна работа, еден ден сето ова ќе се дознае, не само од прислушувањето и од бомбите на Заев, кои сега не ги признавате оти како велите биле креирани и монтирани. Ама, ќе се отворат нови книги и документи, ќе се јават сведоци, страдалници и маченици на кои сте им го загорчиле животот и сте им ги уништиле семејствата кои сега уплашени молчат, ќе се јават судии и обвинители од мајка родени кои ќе бараат правда, малку поинаква од вашата. Има злодела кои никогаш не застаруваат. Правдата некогаш многу доцни и тогаш се претвора во голема неправда. Правниците и чесните судии добро знаат дека задоцнетата правда често е поголема од неправдата, но еден ден таа сепак тропнува на вратата на обесправените, понижените и ограбените. Сметките за вакви дела не застаруваат.

Ало, Миле, никој не може да биде сто години на власт. Ако некој ја избегне правдата во овој живот, срамот ќе го теглат неговите поколенија со генерации. Извалкан образ на овие простори долго се памети.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *