Banner
Мое ќоше

Збогум Европо, каде и да си

europe-flags

 

И покрај најдобрите намери на Брисел да се најде излез од кризата во Македонија, со политичка култура тоа не е можно

Македонски пратеници на власта и на опозицијата во бојкот и во оставка, читам и не си верувам на очите, водат дијалог во Европскиот парламент. Да се крсти човек со две раце, дури и да е атеист. Учителот од Брисел им задал домашна работа на децата од Скопје да зборуваат за политичка култура. Боже, си велам, какво лицемерство да се беседи цивилизациски во европската престолнина со актери кои дома во својата куќа учествуваат во духовна, морална, политичка и економска ерозија и во срамно спуштање на татковината на европско дно со јавно манифестирање на балканштина, примитивизам и простотилак.

Можно ли е да се дебатира со народни избраници чии лидери признаваат во своите прислушувани телефонски разговори дека тие станале парламентарци на фалсификувани и нерегуларни избори. Како да се полемизира со луѓе кои не можат да видат грубо кршење на основните човекови права со арогантна злоупотреба на власта и моќта, на институциите на системот, со кршење на законите и на Уставот, со укинување на демократијата и слободата, со луѓе кои воведоа воена цензура во највлијателните телевизии и строга контрола на јавниот збор. Како да се разговара за политичка, комуникациска и општа култура со луѓе кои го негираат најмасовното противзаконско прислушување во поновата историја на Европа, кои гледаат молкум на поразителниот и срамен чин да се стават под надзор и да се следат и прислушуваат со години непречено над два проценти од возрасното население и повеќе од половина од вкупниот број познати јавни личности. Како да се надева човек на правна и праведна разврска ако соговорниците, од едната страна, не се спротивставуваат на деградацијата на судството, на партискиот избор и именување на судии, на нарачани судски пресуди, на злоупотребено судство во функција на група луѓе кои прават груб прекршок на конститутивните закони на државата и на целиот општествено политички и економски систем. Можен ли е дијалог со пратеници кои не препознаваат дека е укината уставната поделба на власта на извршна, законодавна, судска и монетарна власт, на кои не им недостасуваат слободни и независни медиуми. Како може да се учествува во парламентарна дебата, па дури и во Брисел, ако во сопственото Собрание и во сопствената држава е отстранета сржта и суштината на парламентаризмот, односно ако нема опозиција во парламентот и ако пратениците на најголемата опозициска партија се избркани насилно од дебатната сала. Како да се зборува за демократија и слобода и за основните европски вредности ако новинарите грубо се отстранети од парламентот, од своите работни места, да не и’ ја покажат на јавноста срамната слика, која сепак го обиколи светот благодарение на една присебна пратеничка и нејзините снимки со нејзиниот мобилен.

Да, големи европски вредности се дијалогот, компромисот и толеранцијата. Но, има прашања за кои ни Европа не сака да разговара, нити да дебатира , ниту да полемизира, ниту да преговара. Загрозениот парламентаризам, нарушеното владеење на правото, партизираното судство, контролираните медиуми се работи за кои ни Брисел, не сака да разговара. Со Македонија како земја 10 години кандидат за членство во ЕУ, која назадува во демократските процеси и е влезена во длабока политичка криза одамна е прекинат дијалогот од страна на ЕУ и европската влада. Затоа сегашните обиди да се води дебата и да се воспостави дијалог меѓу власта и опозицијата во Брисел ми изгледаат ептен јалови и залудни. Опозицијата, веројатно, имајќи ги предвид европските вредности и чувствителноста на Брисел во врска со дијалогот и парламентарната дебата прифатила да се сретне со своите колеги од власта, за да не биде обвинета дека бега од расправа. Очигледно дека со тоа се дава легитимитет на власта дека може да се води културен дијалог и при вакви нарушувања на демократијата и човековите права, како што е повеќегодишното прислушување на илјадници јавни личности. Во која тоа европска земја може да се води дебата ако по ваков скандал носителите на власта не поднесуваат морална одговорност. Како да се води дијалог со луѓе кои им забраниле на медиумите да се објавуваат конференциите за печат на опозицијата и им забраниле пристап на нивните телевизии на луѓето кои различно мислат од власта. Како да се дебатира со луѓе кои своите политички противници ги апсат пред ТВ-камери и нарачуваат кај судиите колку годни треба да лежат во затвор. Како да се зборува за медиумска независност ако во најгледаните телевизии и во јавниот сервис се проскрибирани илјадници личности на кои со години не можат да им го соопштат своето мислење.

Господа од Европа и од Брисел, и покрај вашите добри намери и насоки дека излезот од секоја криза треба да се бара со културна дебата во која треба да победат аргументите, тоа кај нас не е можно додека не се детронизира режимот и додека носителите на злоупотребата на власта за масовното нарушување на човековите права и на Уставот не се повлачат од своите функции и не поднесат неотповикливи оставки. Без таква лустрација не е можен никаков дијалог бидејќи тоа што вие го барате служи само како изговор да се зацврстува режимското владеење и да се продлабочува стравот кај граѓаните.

Наместо да понуди цврст став за своите фундаментални принципи на демократијата, која е грубо укината во Македонија, Европа преку некои свои лобистички ангажирани и мотивирани пратеници на десницата праќа штетни и лоши пораки до македонската јавност, апстрахирајќи го масовното кршење на човековите права и слободи и забошотувајќи ја одговорноста на политичкиот врв за кризата и уништувајќи ја надежта.

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *