Banner
Мое ќоше

Полициски трилер на задушница

rahic

Бев еден од многубројните непосредни сведоци на полицискиот трилер што се случи во петокот вечерта околу 20.40 часот, во едно од познатите и елитни скопски кафулиња. Загледани кој во телевизорите, кој во картите, следејќи фудбал или адути, кога наеднаш покрај прозорците на нашата кафеана почна да се одвива филм во живо, многу повозбудлив од картите и фудбалот. Покрај нас, на само два-три метри претрча првиот бран од десетина специјалци со качулки на главите и автомати во рацете. Исто како во холивудските филмови, додека изненадени се прашувавме што се случува, налетаа уште десетина и зад нив уште десетина нинџи… За малку можевме да станеме колатерална штета поради неколку љубопитни момчиња, кои сакаа да излезат и да видат што се случува надвор иако од широките прозорци добар дел од акцијата можеше да се следи како на големите телевизори. Само што ја покажаа главата одекна силна заповед – Назад!!!! Влегувај внатре!!! – Полиција!!!!

Викотниците и трчањето натака-навака на педесетина маскирани полицајци низ паркингот и покрај соседните кафеани и ресторани, пристигнувањето на полициските возила со цивилни регистарски таблички, полицискиот час со забрана на движење, навести дека станува збор за крупна акција на специјалните единици. Некој од присутните рече ова не се алфи, туку антитерористички командоси, друг рече дека станува збор за лов на наркодилери, некој дофрли дека е ноќна вежба… лицитацијата траеше се’ додека пред соседното кафуле не изнесоа некој тип со лисици на рацете и не го легнаа среде паркингот. Драмата траеше уште еден цел саат и пол додека „форензичарите“ ги пребаруваа кафулето и неговата околина, а типот лежеше на асфалтот, веројатно, за да ги најдат доказите.

Утредента разбрав дека,сепак, не била антитерористичка акција, немало подметната бомба, ниту пластичен експлозив, туку полициска парада вообичаена кога вниманието на јавноста треба да се сврти на друга страна од нешто многу покрупно што и’ пречи на власта. На ден задушница беше организиран лов на наркодилери на повеќе локации во Скопје, а главниот мотив за спектакуларната акција е веќе добро испробан метод на напади врз Зоран Заев, лидерот на опозицијата, бидејќи замислете еден од уапсените му бил брат на поранешен пратеник на СДСМ, кој, пак, бил близок со Заев. А, кој се’ друг бил уапсен и приведен на различни локации и кој чиј брат, татко, братучед или кум бил, тоа воопшто не е возбудлива вест, веројатно затоа и не е објавено ништо друго во медиумите што први дознаваат вакви ексклузивни вести за роднински, партнерски и партиски односи.

Зошто тврдам дека се работи за спектакуларна парада и тешка злоупотреба на специјалните единици за партиски и политички цели. Затоа што организаторот на оваа инцидентна акција соопштена со голема медиумска помпа и со фотографии и снимки добро пресметал колкаво зло е дрогата, која речиси јавно и без големи прогони и апсења се растура како алва низ градовите на Македонија и која секоја година унесреќува и завива во црно голем број семејства. Чувствителноста и огорченоста на сите граѓани од тешките последици на пандемијата на зависници од различни дроги кои безмалку легално се продаваат со години на секое ќоше во Македонија е вистинскиот мотив да се прават лажни полициски акции и да се удира по последната алка во сложениот синџир на наркобосовите, со што се одбегнува сопствената одговорност за големата корумпираност и тотална општествената амнезија пред можеби најголемото зло на човештвото што и кај нас од ден во ден добива чудовишни размери. Лесниот пристап до дрогата и индиферентноста на општеството, отсуството на комплетниот и сложен механизам на одбрана од дрогата почнувајќи од семејството, од училиштето, па до десетици и десетици надлежни институции ги десеткува младите со многу потешки последици отколку преселбите и напуштањето на земјата.

Стотици зависници и унесреќени момчиња и девојчиња и нивните најблиски ќе ви ги покажат со прст уличните продавачи на дрога како стојат на познатите ќошиња каде безмалку 24/7 легално се нуди цела палета од опасните отрови. Во Скопје и по градовите низ Македонија илјадници луѓе ги знаат продавачите на злото и на несреќата, ама освен апсењата на ситните риби меѓу уличните дилери, големите мафиози остануваат негибнати иако нема полицаец во специјалните единици за пресметка со наркомафијата што не ги знае големите газди и кој стои зад ова зло. Тие монструми се заштитени до таму што ако го дишите истиот воздух со нив, можете да бидете веднаш уапсени за нарушување на нивната приватност и нивно обеспокојување.

Само по булеварот Партизанска од Влае до центарот на Скопје има преку 20 легално отворени коцкарници, каде што секој ден исчезнуваат становите, куќите, заштедите на голем број семејства. Оваа зависност исто како и дрогата носи тешки несреќи, страдања и семејни драми. Ама тоа си е легален бизнис, како што се легални и лихварите силеџии што им зајмат пари на децата и ги банкротираат семејствата. Тоа не е предмет на интерес на полицијата и на специјалните единици. И зошто би бил кога грабежот е законски. Таму кој на кого му е брат, братучед, вујко или кум не е битно. Цветаат бизнисите за производство на илјадници зависници во Македонија и за преземање на имотот на илјадници семејства на сосема легален начин.

По сите македонски градови и населби општо се познати наредбодавачите на оние типови со тркалезни глави и златни ланци на шијата што продаваат дрога, зајмат пари со дневни камати и рекетираат се’ живо и диво. Нив никој не ги закача, до пред избори или додека не почне нивната меѓусебна конкурентска војна. Ете затоа сум убеден дека акцијата на задушница беше политичка нарачка. Во тоа брзо ќе се увериме затоа што веќе од утре, задутре растурањето на дрогата ќе продолжи да се одвива без посебни пречки.

Се’ додека не почне чистката во високите ешалони на злото секогаш блиски до политичкиот врв на власта одвреме-навреме ќе гледаме лов на гирици и полициски паради за политички пресметки. Овој пат беше важно само да и’ се приопшти на јавноста додека траат преговорите за состав на нова влада и смена на власта дека еден уапсен е брат на поранешен пратеник на опозицијата, кој, пак, му бил близок на Зоран Заев. Толку. И ништо повеќе.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Кога близок до врвот на македонските безбедносни органи ќе ви раскаже како негов ближен преку-ноќ стекнал имоти,џипови,часовници од неколку илјади евра,сфаќате дека дилерите кои ќе ги фатат низ државава се всушност конкуренција на босови вработени на државна сметка!Кога затвореник ќе ви раскаже дека нарко-бос ги ужива сите подобности во затворот и од таму најлегално „купува“имоти сфаќате дека државава одамна отишла у Хондурас!Не навлегувам во вината на Сеад,ако е виновен треба да одговара секој независно од статусот,но сомнително е кога вината се лиферува преку портали и медиуми блиски до Бате и кланот(телеграф/инфомак),а „главен доказ“е што е „брат на Есад,близок до Заев“,па се импутира вмешаност и вина на целата партија!Додека за ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ објавените иницијали и јавни сведоштва на нивните босови се нарушување презумпција на невиност,преку МВРО секојдневно апсат критичари на власта под полно име и презиме,со МВРО-видеа во кои однапред им се одредени и вината и казната!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *