Banner
Мое ќоше

Бербат до гуша

target

Во Македонија е наметнато клучното морално, правно и праведно, човечко, цивилизациско и суштинско прашање за иднината на државата: дали можат на избори да учествуваат и да бидат избирани луѓе осомничени дека стојат зад најмасовното и најдолго нарушување на човековите права и слободи, луѓе под истрага дека се носители на организиран криминал и досега невидена корупција. Наместо на суд можат ли вакви луѓе да одат на избори и да бидат избрани за пак непречено да продолжат со тиранија.

Најсилно експлодира бомбата чиј фитил гореше безмалку две години. Специјалното обвинителство објави дека поведува истрага за најмасовното и најголемо нарушување на човековите права во Македонија по Втората светска војна. Постојат докази и основани сомневања, соопштија специјалните обвинители, дека ова злодело е направено со злоупотреба на службените овластувања и на државните системи. Во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) повеќе вработени вршеле незаконско прислушување на телефонските разговори на илјадници граѓани во период од осум години. Од 2008, што се вели до денес, се следи секој збор не само на политичките противници, туку и на своите најблиски соработници, на деловни луѓе, на новинари, на познати личности од јавниот живот, академици, универзитетски професори, писатели, уметници, актери, а многу веројатно и на странски дипломати и на претседателот на државата, што е јавна тајна.

Од политичкиот врв само поранешниот премиер, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, не е прислушуван. Но, сите што му телефонирале најревносно биле снимени. Не ми е јасно само како три години го слушале Зоран Верушевски и неговата сопруга, а не откриле дека Верушевски ги издавал наредбите за прислушување како што вергла власта пред јавноста. Ваков изум нема ни ЦИА.

Чуден е народецот што преостана да чмае во оваа наша жална Македонија. Со години слуша и гледа како пукаат бомби на најголемиот жив срам и невидена брука од постоењето на државата до денес и уште сомничаво врти со главата прашувајќи се, а дали е тоа баш така, дали ова не ни го прави Америка, ЦИА, Сорос, ЕУ и злобните комшии. Па нели лично Никола Груевски кажа дека прислушувањето е дело на странски служби, на домашни предавници и непријатели и на платеници, дека сето тоа ѓубре сечело, лепело и монтирало за да се направ и „пуч“ и да се преземе власта од изроди.

Штом нешто кажува Груевски мора да е точно. Зошто не би му верувале кога водачот сто пати потврди дека се измислени сите обвинувања за организиран криминал, за корупција, дека кај нас нема никаква злоупотреба на власта, ниту пак незаконска пресметка со политички противници, нема нарачани шамари и судски пресуди и нема унапредувања на судии и обвинители преку телефон. Нема злосторничко здружение за изборни нерегуларности и местенки, а приказните за криминализација на целото општество е грозна шпекулација и непријателски акт. Сето тоа што сме го слушнале и виделе овие две години е голема лага на опозицијата во спрега со странските разузнавачки служби кои сакаат да ја дестабилизираат Македонија. Груевски ова го кажува само пред нарачани камери и микрофони, а никако пред суд дури и кога е единствен сведок на пучот, а уште помалку како обвинет. Срамно и кукавички бега од судот и од соочување со правдата.

Но, народот на кој толку многу се повикува Груевски знае да биде и непредвидлив, особено ако долго го јавате. Нема здраворазумен човек во државата кој не се сомнева дека целата оваа криза е предизвикана од врвот на власта. Сега кога се фатени на дело и кога вистинските патриоти мал дел од тој ужас го дадоа на увид на јавноста виновниците врескаат на цел глас дека опозицијата сака да ја дестабилизира Македонија, да ја албанизира, да ја грцизира, да ја направи двојазична и безлична, опозицијата сака да го продаде името, идентитетот, јазикот…

Цело ова време никој не го праша водачот како тоа наеднаш иако невин и безгрешен, иако се работи за пуч и обид за преврат со уцена, со монтирани и лепени разговори, како тоа тој преку ноќ стана многу послушен и сервилен кон странските непријатели и платеници. Наместо да ги отера во мајчину, ги смени без збор своите најблиски и најверни министри, началници и соработници. Како тоа без збор прифати да се формира Специјално обвинителство и вети дека нема да се прават никакви попречувања на истрагите на овој ашикере наметнат паралелен државен орган поради целосната контрола и партизираност на правосудниот систем почнувајќи од основните судови и обвинителства, па се’ до Уставниот суд. Груевски прифати и специјален закон за гонење на кривичните дела кои произлегуваат од незаконското прислушување. Прифати да поднесе и оставка. Ако беше чист, дали ќе прифатеше што било од овие изнудени решенија. Неизвалкан премиер не би прифатил ниту едно барање под притисок чиј било. Груевски стави се’ на една карта за да го смени вистинскиот суд со народен, а тоа се избори. Влогот е Македонија, ако победи на избори тој е убеден дека сите други истраги и обвиненија паѓаат во вода. Штом повторно го земе стапот во рацете сите од страв ќе судат во негова корист, а народецов ќе го врати кубурот под перница.

Да, ама домашниот есап не излегува на пазар. До 11 декември ќе пукнат уште многу бомби од двете страни на фронтот. Ќе препознаеме ли кои се ќорфишеци и лажни, а кои вистински. Велат, ќе имало една атомска.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Aleksandar

    Ѓорѓи,да престанеме со таква аргументација..Криминал е криминал,а тој што тоа го прави е криминалец.Без разлика на која партија или на кој етнос припаѓа.ДПМНЕ е на власт една деценија има контрола над судскиот апарат , ако малку беше патриотски ориентирана требеше сите киминалџи од претходниот период да ги изнесе пред суд.Пресудите ке потврдеа кој крадел а кој е невин.Зошто тоа не го сторија.Па сите функциобери станаа милјонери.Како.Со труд? треба да да се расчисти и тоа ѓубре,ама првин големово кое не гуши.Нас не ни треба демагогија во Македонија,нас ни треба правда…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *