Banner
Мое ќоше

Тито и Сталин во Белата куќа

gruevski_bajden

Ми падна жал за биографите и пишувачите на панагирици за успесите на премиерот Никола Груевски, за неговата историска големина и натчовечка храброст кој својата сила ја црпи од народот, демек исто како Јосип Броз. Ги фати паника полтроните по ненадејната покана Груевски да појде итно до Белата куќа во Вашингтон. За да го прикријат стравот, изигруваат првоборци и измислуваат судир меѓу Македонија и Америка, небаре како Југославија и Русија 1948 година. Наместо радост што ете некој од врвот на светската политика се сетил да го повика Груевски, неговите апологети распалија со сета сила на невидено против Америка, единствениот стратегиски партнер од големите сили што го има Македонија. Или можеби не е на невидено, се’ ми се чини дека нешто од прва рака разбрале кабинетските новинари што толку многу се вознемирени. Големите аналитичари однапред знаат дека потпретседателот на Америка Бајден ќе се обиде да му ја витка раката и да му удира чврги и на нашиот Тито како на другите државници.

Е, малку морген, со Тито не може така, зад него е народот.

Не знам зошто воопшто замина Груевски за Вашингтон, требаше само да им каже дека е зафатен со предизборната кампања и со преговорите со шумариштето кој на 24 април ќе ги избрка сите што му стојат на патот и ќе престане играта „камај“ меѓу партизаните и германците. Воедно до Белата куќа Груевски требаше да испрати телеграма дека на 25 април го очекува во Скопје лично американскиот претседател Барак Обама за прв да ја честита големата победа и да се увери дека Македонија е „олрајт“, слободна и демократска земја во која се почитува волјата на народот речиси цела една деценија. Пред тоа имаше големи фалсификати и изборни нерегуларности, но од 2006 година наваму сите избори, а ги има фала богу секоја година, се фер и скандинавски, далеку подемократски од Америка.

На 25 април Обама ќе се увери дека ништо не бидна од неговите нарачки за прислушување на премиерот Груевски и неговите најблиски соработници, дека залудни беа сите тие монтажи и лепенки, дека неправедни беа притисоците да поднесе оставка и да ги смени неговите најблиски соработници, џабе се монтираните специјални обвинителства, обвинители и закони кога народот сето тоа го прочитал и според тоа пресуди на избори. Обама ќе мора како Хручов што замина за Белград, да дојде во Скопје и да се извини за неправдата што е направена врз Македонија и обидот за дестабилизација на стратегискиот партнер. Белки тогаш Обама ќе собере сила да каже зошто Америка сака да ја уништи Македонија, зошто има толку страв светската велесила од Македонија и од неполни два милиона мирољубиви граѓани кои не претставуваат никаква закана за никого. Конечно ќе разбереме лично од Обама зошто не’ плашат толку многу од Америка дека е нашиот најголем непријател и душман, ќе ја дознаеме и големата тајна за опасноста по светскиот поредок од Македонија.

На 25 април Груевски со извесни сериозни забелешки подготвени од неговиот самопрогласен советник Ристо Никовски за односите со НАТО и Америка, кои НАТО ќе мора да ги внесе во своите статутарни и основачки акти, ќе ја прифати поканата на Обама Македонија итно да влезе во Северноатлантската алијанса, со што ќе престане стравот во Америка од геостратегиската положба на Македонија како центар на светот. Истиот ден ќе биде прифатена и молбата на Јоханес Хан Македонија да ги почне преговорите со Брисел за членство во ЕУ кои треба да завршат експресно бидејќи одамна ги исполнуваме сите услови. Името на државата ќе биде решено на заемно задоволство и на Македонија и на Грција што ќе биде потврдено со референдуми во двете соседни земји. Грција ќе го прифати античкото потекло на Македонците што никогаш не било спорно, а Грците бидејќи ги сметаат за свои предци Македонците, за нештата да бидат појасни, државниот историчар, многу ценетата и почитувана Виолета Ачковска, ќе излезе со спектакуларни откритија дека денешните Македонци и Грците се еден ист народ со античките Македонци и Грци од кои Словените подоцна ги преземале јазикот и верата. Со тоа се затвора проблемот засекогаш и со Грците и со Бугарите и со Србите, но и со Албанците кои како староседелци на Балканот и како потомци на јужните Илири се дел од антиката и претставуваат наше значајно културно наследство, со што Ачковска генијално го разрешува и тој проблем. Останува само да го докрајчи непријателското дејствување на партизаните во Втората светска војна и особено по неа за време на страдањата на жртвите од комунизмот во асномска Македонија и федерална Југославија, за што Америка и Русија даваат целосна согласност како наши сојузници во антифашистичката војна.

Како и да е, не треба да паничат и да очајуваат медиумските труби на власта и големите патриоти. Груевски по историското НЕ на Бајден ќе се врати насмеан и презадоволен од Америка со силна поддршка на Белата куќа да го направи најважниот чекор за разрешување на кризата, за стабилизација и демократизација на Македонија. Тоа можело да се направи веднаш уште пред изборите, му објасниле Американците, не морало да се чека што ќе каже шумарот.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *