Banner
Ориент експрес

Европски национализам во балканско пакување

Европскиот национализам и егоизам стаса и во Македонија во ново балканско пакување. Не е толку примамлив повеќе оној квазипатриотизам инспириран од првата половина на минатиот век, иако сè уште е жив и се тркала по темните ќорсокаци. Сега се во тренд влијанијата на западноевропските десничарско фашистички застрашувања, кои на Балканот стасуваат на голема врата и добиваат чудовишни димензии.
Европа се тресе од страв од новата преселба на народите кои не бегаат од Атила, Бичот Божји, како во петтиот век, туку од замешателствата на светските џандари и од последиците на алчната политика на богатите и моќните кои управуваат со светот. Нивните воени жаришта и интервенции ги предизвикуваат големите миграции.
Македонија е притисната од една страна од стремежот кон европските вредности, демократија, култура, економски развој и просперитет и подобар живот, а од друга страна од баучот за Балканот што се одржува во Европа повеќе од сто години како нешто ужасно. Последните вести во наездата на десничарските фобии кон различните и особено кон последните кандидати од Балканот за нивна европеизација, изгледаат разочарувачки и депремирачки по сите напори, жртви и особено силни ветувања да се забрзаат процесите за влез на Македонија во европското семејство. Големите признанија и пофалби кои ги дава Европа на храбрата политика на новите политички лидери во Македонија поради Преспанскиот договор со Грција и за Договорот за добрососедство со Софија, сè повеќе се слуша и одекнува како казна и уште една европска измама на наивните политичари.
Решавајќи свои проблеми во изборната кампања за пратеници во европарламентот, демократска Европа ја примени својата прагматична политика да не долева бензин на огнот не давајќи им адути на противниците на проширување на ЕУ со нови членки од Западен Балкан. Притоа се употребува флоскулата дека до 2025 година ќе нема прием на нови членки. Во ЕУ тоа не ги смирува скептиците и радикалите, а на Балканот ги охрабрува патриотите кои удираат на таламбаси: што ви рековме ние, ќе нема одлука во јуни за почнување на преговори со ЕУ. Бадијала им се продадени националните интереси на Грција и на Бугарија.

Притоа и на двете страни не се спомнува реалноста дека земјите на Балканот кои веќе ги почнале преговорите, а уште помалку тие што не ги почнале, во никој случај не можат да стасаат да ги остварат реформите предвидени со бриселските поглавја како главен предуслов за членство. Ни Црна Гора, која е најдалеку одмината на тој пат, ни Србија во најидеални услови не можат да станат до 2025 година членки на ЕУ. За Македонија, Албанија и за Косово утре да почнат преговорите ќе бидат неопходни осум до десет години, што значи дека дури од 2026 до 2030 година можат да се очекуваат реално новите членки на ЕУ од Западниот Балкан.
За жал, од ова во Македонија се гради политички капитал кој може многу полесно да ги спречи евроатлантските аспирации отколку и најкатастрофалниот пораз на европските демократи на претстојните избори во земјите членки на ЕУ за пратеници во Европскиот парламент и за избор на нови функционери во Брисел. Кога земјите кандидати за членство во ЕУ отвораат домашни проблеми кои се во спротивност со бриселските поглавја и неопходни реформи тоа ја олеснува работата на бриселската администрација и служи како одличен адут дека вината е во самите земји кои сè уште немаат капацитет да се справат со своите домашни најчесто политички и економски прашања.
Во Македонија денеска во таа насока се најактуелни три жаришта кои можат да бидат добредојдени за следниот извештај на ЕУ. И Преспанскиот договор и Договорот со Софија можат да бидат само обележани со пофалби доколку престане функционирањето на Специјалното јавно обвинителство, факт што во Европа се чита правилно како признание дека земјата не сака да го примени владеењето на правото, не сака да ги заврши судските постапки за обвинетите високи функционери на претходната власт и не сака да води истраги за корупцијата и криминалот на новата власт. Тоа, од друга страна, ја отвора вратата на новиот бран национализам и шовинизам кој најдобро се виде со упорното секојдневно пребројување на македонските и албанските гласови кои биле пресудни при избор на претседател на државата. Интенцијата на ова пребројување е да се одржи овој мртов капитал за следните парламентарни и локални избори и повторно во Македонија да се одржуваат тензиите на меѓуетнички конфликти кога најдобро пливаат националистите од двете страни. Математиките за чисти македонски и чисти албански гласови се многу поопасни отколку што тоа изгледа на прв поглед, затоа што тие не завршија со изборот на претседател, туку допрва се подгреваат.

Во такви атмосфера и амбиент не е можно да се остварат очекуваните резултати, а уште помалку посериозни реформи. Ваквото вреднување на етничките гласови е придружено и со други активности кои навестуваат нова политичка криза. Вицепремиерот за интеграции Бујар Османи излезе со зачудувачка стара теза на двоглава влада, антиевропска, антиуставна стратегија – дека промените во владата кои би ги направил премиерот не важат за него и за министрите Албанци. Тие не одговараат пред премиерот, туку пред Али Ахмети. Не верувам дека во која било европска, балканска, азиска, јужноамериканска и африканска држава има ваков начин на функционирање на влада. Демек, така работеле политичките и консензуални влади. Османи многу добро знае дека политичките консензуални влади договараат ресори и министерски места, но не договараат траен мандат на министерот. Ако ДУИ го има тоа место, тоа не значи дека Османи има тапија на таа функција и дека е безгрешен и непроменлив. Не знам колку е ова поврзано со пребројувањто на етничките гласови и со судбината на СЈО, но очигледно дека бааги се побркани лончињата во сите парламентарни партии по претседателските избори и кај носителите на актуелната и на претходната власт.
Триумфот со добиените гласови за Гордана Силјановска-Давкова се претвори во Ивкова слава која ќе се тера до следните избори. Укинувањето на СЈО било доктрина за владеење на правото. Вака го претстави тоа ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот најтазе правен експерт Антонио Милошоски кој искуствено во СЈО дознал дека е жртва на прогон, како и неговиот шеф. Стануваат трагикомични адутите на криминалците за укинување на СЈО.
Од друга страна, „метлата“ на Заев се очекува како волшебна на која ќе летаат вештерки. Сè ми се чини најголемата жртва од претседателските избори ќе ја понесе СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ уште слави победа и ги грее гласовите на тивок оган. ДУИ не ги признава Владата и премиерот во делот на одговорност, а СДСМ ќе чисти во дворот. Да живее слободата, побудале народот.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *