Banner
Ориент експрес

Заедничката историја и заедничките лаги и митови

Споменикот на Гоце Делчев во Скопје | Фото: Richard Schofield / CC BY (https://creativecommons.org/licenses/by/2.0)

Maкедонија се втурна жестоко во еден многу тежок период во нова политичка криза издигнувајќи ги односите со Бугарија на ниво да се биде, или не. Мобилизацијата на јавноста во Вонредна состојба за прашања на односите со  соседот, кои се присутни долги години, во пресрет на долгоочекуваниот почетокот на преговори со ЕУ, од ден на ден попримаат крајно загрижувачки димензии небаре се работи за објава на војна, а не за декларација на бугарскиот парламент кој не навестува условување на преговорите со ЕУ. 

Влошувањето на односите со Бугарија е против интересите на двете држави. Во ситуација на пандемија и економска криза како последица на корона вирусот, во предизборие и при распуштено Собрание, изјавата на бугарскиот парламент за рамката на  преговарачките услови се вклучи на точка на вриење, на нови делби, омраза и меѓусебна сатанизација во Македонија. Бугарската рамка се претставува потешка и од вирусот и од економскиот крах и од Договорот со Грција. Се оди дотаму да се доведе во прашање и одложување на преговорите со ЕУ. Секој јавно искажан збор поприма димензии на патриотизам, или предавство. Делбите по живо ткиво повторно се на јавната сцена уште пред да биде разгледана бугарската изјава која го покажува кревкиот капацитет на државничка мудрост. Пак сме во патриотски вознес на умислена атомска велесила која поставува услови, наместо мудрост, единство и историски докажани факти.

Има ли земја која нема заедничка историја

Сите републики на поранешна Југославија, веќе 30 години независни држави, имаат своја, и заедничка историја. И земјите од целиот Балкан кои биле во составот на Османлиското царство повеќе векови имаат, исто така, и свое, и заедничко минато. И европските средновековни кнежевства, царства, империи, па и современите национални држави долги години имале и имаат своја и заедничка историја на војни, револуции, сојузи и унии. На целата планета речиси не постои толку изолирана земја која со своите поблиски и подалечни соседи немаат заедничко минато, или личности кои созадавале историја, на кои им биле тесни државните граници, етничките и верските припадности. Во целата светска историја на новиот век во последните 200 години речиси да нема примери некој на некого да му го оспорува името на државата, или јазикот. Македонија се соочува со овој проблем наметнат од своите соседи Грција, Бугарија и Србија во делот на националната припадност, името на државата, јазикот и  автокефалноста на црквата. 

Оваа негација трае од првиот ден на раѓање на идејата за посебноста на Македонците во 19 век во однос на посилните  соседи кои попрво формираа свои национални држави, а  територијата на географска Македонија остана безмалку цел век подолго во рамките на Османилиската империја, сè до Балканските војни. Негацијата продолжува и по основањето на првата парламентарна држава нација 1944 година како Федерална Република Македонија која влегува во составен дел на Југославија со свои граници, парламент и влада, а подоцна со уставот од 1974 па сè до 1991 година и со конфедерални посебности на држава. Оспорувањата на македонската самобитност траат и до ден денес, без оглед на големите политички, демократски и економски, демографски, географски и култирни промени во сите балкански држави. 

Братска љубов со условувања 

Додека Македонија беше во состав на Југославија како најголема регионална сила, овие оспорувања беа присутни, но многу потивки и главно сведени на академски и медиумски текстови и полемики поттикнати од политиката и кои имаа негативно влијание на политичките односи на Југославија, особено со Бугарија и со Грција во целиот период по судирот  Тито – Сталин 1948 година. И по граѓанската војна со Грција истата година. 

По прогласувањаето на Македонија во 1991 година за независна држава доаѓа до постепено, прилично бавно  подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија, особено по признавањето на Македонија од страна на Бугарија, како прва земја што го направи овој историски чин, но и тој проследен со извесни огради. Меѓутоа, и натаму остануваат повеќе разлики и несогласувања кои сè уште ги попречуваат  „братските и сестрински“ односи како што често нагласуваат бугарските политичари и од лево и од десно со јасна алузија дека станува збор за исти народ и иста етничка припадност. Притоа, тие не мислат кон припадноста на јужните словени, како кај нас, туку на националната припадност и тогаш кога таа не постоела.

Во голем дел на јавноста во Бугарија е создаден амбиент од официјални и влијателни личности дека Македонија не е благодарна на подадената рака и на големите „отстапки“ што ѝ се направени. Во официјална Софија сè уште се проповеда дека Македонците се под силно српско влијание кое не им дозволува да се изјаснат како Бугари со што автоматски би биле разрешени и јазичните и националните прашања. Мнозинството Бугари погрешно мислат дека во прашање е индоктринација, страв и недостиг на демократија, па доколку Македонците се ослободат од тие стеги веднаш ќе се изјаснат како Бугари.

Дури и социјалната поделба на европски пасоши со прифаќање на бугарските корени не ги даде очекуваните резултати. Тоа привремено менување на националната припадност ќе потрае додека Македонија не почне да издава пасоши со еднаква важност на бугарските. Во Бугарија кога ќе кажеш јас сум Македонец кај повеќето од нашите комшии тоа се слуша како јас сум Србин, или Југословен, титоист, или комунист, неосвестен Бугарин. Тие тоа го нарекуваат македонизам. 

Поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов искажа една мисла која влезе во колективното памтење на Македонците со негативен предзнак дека Македонија е најромантичниот дел од Бугарската историја. Така, убиствата и атентатите по софиските улици и по европските градови, жртвите во балканските војни, во првата светска војна во кои Македонците мобилизирани од сите завојувани страни гинат на сите фронтови како бугарски, српски и турски војници  стана романтичен дел од Бугарската историја, што воопшто не е романтично во Македонија, туку трагично. Окупацијата, пак, на Македонија во Втората светска војна од германските, италијанските и бугарските војски се прикажува како ослободување на Македонија. 

Како стануваа изгледни да бидат остварени амбициите на Северна Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ поддршката од соседите сè посилно беше условувана со болни отстапки кои Македонија немаше ни капацитет, ни политичка воља, ниту амбиент да ги ублажи на едно прифатливо ниво со мудра политика, професионална дипломатија и директни преговори за воспоставување на доверба и поволен амбиент во јавноста. Напротив, во долг период македонските политичари се однесуваа како светска велесила и диктираа услови без реално одмерување на своите  сили и можности. А Бугарија како постар брат кој го сака целото наследство за себе. 

Историските договори не се доволни

Така стасавме во исклучително лоша позиција на една мала  мирољубива нова самостојна држава која не претставува опасност за ниту еден сосед за да ѝ се наметнува блокада на своите евроатлански аспирации од позиција на сила да направи отстаки и компромиси со кои само така ќе ѝ овозможат да ги оствари своите стратегиски цели да биде дел од европското семејство и да обезбеди побрз развој и подобар живот на своите граѓани. 

Два милиони граѓани, на самостојна држава, со кревка демократија, се соочија со чудовишен ултиматум од првиот ден на независноста, земи или остави, што практично значеше, или ќе направите отстапки, или ќе останете црна овца на Балканот. Тоа беше срамна политичка и протекционистичка пресуда аминувана во првите години од индиферентната меѓународната заедница, Македонија да биде осудена на изолација, политичка и економска криза со постојана опасност од распаѓање. 

Долги години траеше отпорот и обидите Македонија чекор по чекор, два напред еден назад, да го убеди светот дека ѝ се нанесува голема неправда. Во тоа конечно успеа што се потврди со договорите за заеднички прифатливи отстапки со најмоќниот и највлијателен сосед Грција. Склучен е историски Договор, со тешки и храбри компромиси, кои беа силно поддржани и од Америка и од ЕУ што ги отвори вратите на Македонија за евроатланските интеграции. Истото се случи и со источниот сосед Бугарија со кој е потпишан Договор за добрососедство и за надминување, донекаде, за жал не целосно, на историски наталожените недоразбирања и црни и бели петна, означени како историски фалсификати и присвојувања на туѓо минато. Но, очигледно договорите иако обврзуваат, не се доволни. Политичарите и интелектуалните елити низ демократски процеси и сериозни дебати ќе мора да изградат пријателски односи и со Бугарија и со Грција. Тој процес ќе потрае подолго додека граѓаните и кај нас и кај соседите не ја препознаат искреноста и не ги пречистат  изворите на омраза по европски терк, како што тоа го направија европските политичари по стогодишни меѓусебни крвави војни со милиони жртви и страотни разорувања.

Пресилна прегратка која задушува

Но, да се стаса до европските стандарди на Балканот остануваат уште крастави жаби кои овие генерации Македонци се принудуваат да ги проголтаат за да дојдат до конечната цел. Деновиве реакциите во Македонија покрај партискиот призвук се жестоки и поради поголемите очекувања од Бугарија дека, сепак, источниот сосед ќе биде далеку поумерен од Грција и нема да наметнува услови кои лесно се воздигнаа на ниво кога мнозинството Македонци би биле среќни да им се каже на соседите ви благодарамие мили браќа и сестри, драга Европо за вашата грижа за нашата иднина, за вашето кумство и заедничка историја, за нашиот јазик ама простете не ни треба вашата пресилна прегратка која ќе нè угуши. Тоа е говорот на емоциите, но разумот повеќе гледа кон последиците.

Со отстапки започна и најтешката завршна фаза на претстојните повеќегодишни преговори со ЕУ кога помоќните соседи повторно од позиција на моќ и на статутарни одредби на ЕУ кои се над меѓународното право и над одлуките на Судот за правда во Хаг, во долгиот, мачен и тежок процес на исполнување на условите за членство во ЕУ, наметнуваат и  испорачуваат побарувања во зависност од политичката нестабилност кај нас, но и кај нив. Да бидеме реални и ние да станевме по некој случај членка на ЕУ пред Бугарија многу веројатно ќе поставевме некои услови кои немаше да бидат прифатени со одушевување во бугарската јавност.

Нашите стратегиски грешки

Својата  борба за место под сонцето Македонија ја продолжува чекор по чекор во тешки околности со своето единствено оружје, вистината, односно реалноста на постоењето на државата, македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската црква. Историска неминовност и закономерност е Македонија по мирен пат  да успее да ја извојува наметнатата војна по 76 години своја парламентарна држава  за својата посебност, јазик и култура, национална и верска припадност и во рамките на ЕУ, како што е тоа од поодамна е во рамките на ОН. Проблемот е во тоа како тоа да се постигне побргу да не заглавиме во кавги и конфликтни ситации и внатре во земјата и во односите со соседите, што е многу веројатно имајќи ги предвид домашните состојби. 

Единствен предуслов, откако веќе се изоди голем дел од патот и се стаса до оваа фаза со членство во НАТО и до почеток на преговорите со ЕУ,  во Македонија е неопходноста од консензус. Внатрешен договор, пак да не се повторат грешките кои беа присутни и ги одложија стратегиските приоритети цела една деценија и ни ги ослабнаа преговарачките позиции со бесмислената потрага за пославно античко минато, со заострување на односите со соседите и со инсталирање на режим и заробена држава со тежок удар врз демократрија и врз поддршката од светот што ја имавме. 

Со ваквите стратегиски грешки на македонската политика,  во долг период од 11 години, е направен најголемиот застој во евроатланските интеграции. И второ, што всушност е и најголемата опасност, дали во Македонија сега ќе се постигне единство, или пак  во оваа завршна етапа, самите ние со партиските политички пресметки, во битките за власт, ќе го одлагаме во недоглед членството во ЕУ. Според сегашните реакции по Изјавата од Бугарија тешко е да се очекува  единство. Напротив. 

Ни се заканува „турскиот синдром“

Ако дополнителните услови што ги поставуваат соседите, согласно статутот на ЕУ, излегувајќи од рамките на договорите за добрососедство и во Македонија служат за политички пресметки. Така, преговорите со Брисел ќе го добијат „турскиот синдром“ на отворени неколку поглавија кои стојат на првата страница со децении. Мала ќе биде утехата и надоместот од изгубеното ако во глувата балканска чекална останати сами врескаме колку се лоши нашите комшии и коклку е неправедна ЕУ и големите сили. Тоа ама баш ништо не значи во светот на големите интереси. Во тоа сме се увериле повеќе пати. 

Многу е помудро, по примерот на сите нови членки да осознаеме и така да се однесуваме дека откако ќе станеме дел  на европското семејство и ќе седнеме на заедничката маса,   како што по долги премрежија станавме членка на НАТО, конечно да сфатиме дека тоа што е неодржливо на подолг рок во односите со соседите ќе отпадне со текот на времето. До тогаш и нашите „неверници“ ќе се уверат дека никој не си ја сменил националната припадност, верата и јазикот и дека уставното име е Македонија со несуштински идеолошки и  географски додавки, или без додавки, сеедно, како што било  повеќе пати од нејзиното основање како современа држава во изминатите 76 години. 

Бесмисленоста да се одредува и оспорува име и национална и верска и јазична припадност со одлуки на комисии и политички договори е антиисториски и антинаучен чин направен под притисок на соседите и меѓународната заедница, но и по сопствен избор, свесно, прифаќајќи  ги поголмите интереси, или ако сакате поинаку да кажете, свесна опредлба кон  помалото зло, за подобра иднина на граѓаните и на државата. Историската вистина е во фактот  дека никој со договори не може да го избрише ниту минатото, ниту националната припадност, ниту јазикот, нити било што друго што е дел од посебноста на Македонскиот народ, или на било кој народ. Направените отстапки уште повеќе  ќе ја зајакнат свеста за припадност по сите основи карактеристични за секој народ.

Академско шарлатанска какафонија

По крвавиот распад на Југославија сите нови држави имаат свои граници, своја национална припадност, свој јазик и своја црква, своја историја. Никој од научен и лингвистички аспект не ги оспорува ниту словенечкиот, ниту српскиот, ниту  хрватскиот, ниту македонскиот јазик без оглед колку се тие јазици блиски како јужнословенски . Оспорувањата од Бугарија се политички. Бугарија бара отспаки непознати во лингвистиката, но многу добро познати во политиката меѓу двете држави. Како на пример условот за македонскиот јазик да стои една срамна и смешна будалаштина, потпишано „на јазикот како што тоа е одредено со уставот“. Каква академско шарлатанска какафонија. Тоа е македонски јазик, или не е. Е признат јазик или не е. 

Се пишуваат ли книги на макледонски литературен јазик, се преведуваат ли тие книги на повеќе светски јазици, патем и на Бугарски јазик, се изучува ли македонскиот јазик на повеќе универзитети и во повеќе земји, стои ли во документите на ОН уредно заведено Македонски јазик или не стои. Зборуваат ли луѓето во Македонија на литературен македонски јазик, или не….

Што повеќе аргументи, тоа полошо по аргументите. Дури е непристојно да се докажува посебноста на македонскиот, или на било кој друг јазик во светот вклучувајќи го и бугарскиот кој е кодифициран многу години пред македонскиот. Српскиот, хрватскиот, црногорскиот и бошњачкиот јазик се стопати послични меѓу себе, но поради некои посебности секој од овие јазици е во индоевропската група на јазици како што и македонскиот и бугарскиот со далеку поголеми разлики и говорни и лексички кои одлично ги проучила лингвистичката наука.  

За жал, нашата реалност е дека Македонија не можеше да ги добие овие битки без отстапки доколку сака да ги реализира своите стратегиски интереси. Во тоа се уверивме во изминатите 30 години на независност. За да успееме да стасаме до целта која не е спорна, барем така се декларирани сите политички партии, такви резолуции и одлуки се донесени и ратификувани во Парламентот, таков е ставот на огромното мнозинство граѓани, ни требаат многу повеќе мудрост, стрпливост, влијателни пријатели во светот и што е  најважно, единство во земјата за најголемите државни приоритети. Тоа кај нас го нема, поточно ги има ама само декларативно.   

Што се однесува до заедничката историја со Бугарија проблемите тука ќе потраат подолго време отколку со признавање на јазикот, додека од двете страни не се прифати реалноста која не може да се види од долгогодишните напластени идеологии полни со омраза. Но и од историски фалсификати кои се присутни на двете страни.

Големи емоции, малку знаење

Добро е што и во двете земји има повеќе луѓе, јавни личности, иако сè уште во малцинство и изложени на сатанизација, кај нас повеќе отколку во Бугарија, кои ги гледаат тие реалности и се критички настроени кон политичките притисоци и  националистичките политики на радикалите оркестрирани од владите, парламентите, од политичките партии, многу често поради актуелните битки за  превласт. Харнгата на секој обид за толерантен пристап не е само од политичките центри, туку и од интелектуалните средини заробеници на идеологизираното и разубавено минато па се јавуваат како нагазни мини и загрижени бранители на националните интереси плукајќи на сè што мисли поинаку. Разликите во гледањата во Македонија и во Бугарија се далеку од академска расправа и пристојност на јавна комуникација.

Тогаш каде се излезните решенија. Во здравиот разум, во отворените дебати, во добрите европски  практики и во интересите, интересите и интересите. Големите емоции, малото знаење создваат силни ексползии во главите на луѓето кои се одлична база за партиските битки на екстремите и радикалите за превласт. Во светот има илјадници примери на славни личности, револуционери, научници, писатели, спортисти и заслужни дејци од разни области кои припаѓаат на повеќе држави, нации и култури. Некои од тие историски личности по неколку пати ја менувале својата национална и верска припадност. Создавале научни трудови и ремек дела на повеќе јазици, го дале животот за својата идеја. 

Науката  не признава натурени решенија

Многу интересна е една порака на генијот и личноста на 20 век Алберт Ајнштајн кој е роден во еврејско семејство во Германија, а одел во католичка црква, учел во Италија и во Швајцарија, се оженил со Србинка, станал светски научник и нобеловец. Германците велат дека е тој германски научник, Евреите дека е Евреин, а сите велат дека му припаѓа на светот. Никој тоа не го проблематизира бидејќи сите се во право. Она што за ова пригода може да биде поучно и за нас е малку познатата порака на Ајншатјн напишана по повод смртта на неговиот најблизок пријател Мишел Бесо: „Повторно ме испревари со заминувањето од овој чуден свет. Но, не е важно, За луѓето како нас кои веруваат во физиката, разликата меѓу минатото, сегашноста и иднината е чиста илузија“. На многумина на Балканот нема да им се допадне оваа генијална мисла. Ги урива нашите заблуди, се разбира, ако ја разбираме пораката.

Што мислите што е најзначајно за Никола Тесла. Тоа што е роден во Хрватска, што е Србин, или што станал Американец, или американски и светски научник, и е еден од најголемите умови на планетата чии научни откритија го променија светот. Со вакви примери на повеќекратна национална и јазична и културна и научна припадност на светски личности во сите области можат да се наполнат неколку тома поголеми од телефонски именик. 

Намерно одбегнувам да ги спомнам имињата на заслужни дејци родени во денешна Македонија, во денешна Бугарија, во Грција, во Србија, во Хрватска во Турција, во Египет, во Сирија, во Романија…. на целата териоторија на отоманската империја затоа што се чуствителен предмет на незавршена работа во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања бидејќи секој и најдобронамерен новинарски текст може да се злоупотреби и да нанесе штета,  а да не зборуваме за идеите за некакви декларации и документи кои сега се предлагаат кај нас дополнително со политички притисок од што партиите прават популистички капитал. Почитуваните историчари во Комисијата знаат дека историјата не признава натурени решенија. Да, политиката може, но не за вечни времиња. Нема вечни договори и решенија. 

Сакрофагот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје | Фото: wikimedia commons, public domain

Можно ли Гоце Делчев да бил само Бугарин

На сите во Комисијата, исто така, им е добро познато дака на многумина од „спорниот“ список на историски личности етничката припадност им била помалку значајна од она со што се одредува нивната заслуга за македонската и заедничката историја, наука и култура. Ако постојат неспорни документи дека Гоце Делчев е роден во Македонија на територијата на денешна Грција, се изјаснувал како Бугарин, или по верска припадност бил Унијат, постојат и неспорни докази дека животот и својата револуционерна дејност ја посветил на Македонија и за неа го дал животот. Можно ли Гоце Делчев да бил само Бугарин. Нели е тоа претесен простор за една толку сакана и почитувана историска личност на Македонија и на Балканот. 

Гоце Делечев е најсилната симболика на македонскиот стремеж кон своја држава. Ниту историчарите, ниту политичарите можат, ниту било кој денес може да влезе во главите на тие луѓе зошто во одреден момент некои историски околности, или лични јанѕи, им наложиле да се изјаснат како Бугари, или како Македонци, Срби, Американци, или Руси, Евреи, Турци… Важни се нивните дела каде најсилно се огледуваат нивните цврсти определби и нивната вистинска припадност. Не е реторичко прашањето ако  Бугарија, Србија и Грција извојувале автономија под гаранција на Османлиската империјата и на султанот под одредени услови нели е сосема логично и македонската кревка буржуазија која национално ја осознава својата посебност да тежнее кон овие земји и народи  кои силно ја пласираат својата пропагнда за поддршка и за ослободување од „турско ропство“ на Македонија за потоа да водат меѓусебна војна за таа територија.  

За време на турската империја нема припадности и пописи по национална, туку само по верска припадност, Муслиман, Христијанин или Евреин. Верската и јазичната припадност се суштински и се сочувани во целиот период на средниот век. Верата е далеку над националното кое било во зародиш со појавата на образовани деца на првита буржуазија што е една од главните причини за лесното изјаснување како Бугарин, или Србин. 

Жалниот резултат од голмото произвоство на историја

Има една историска апсурдност чие научно истражување не е завршено, или поточно малку е познато кај нас: зошто речиси сите земји кои беа во состав на турската империја направија национални држави пред Турција, некои и сто години порано. Република Турција и Федерална Република Македонија се последните две национални парламентарни држави, поточно по нив се само Египет и како последна Косово. Турција со  формирање на својот парламент во 1923 година станува национална и парламентарна држава,  а Македонија само 21 година подоцна формира своја прва национална држава со одлука на АСНОМ 1944 година. Идејата на комунистите за македонска национална држава, „Македонија на Македонците,“ од почетокот на 20 век не е ни малку случајна, таа е општо сенародно прифатена иако тогаш на територијата на денешна Македонија дали имало 20-ина комунисти. Тоа јасно кажува колкав бил вековниот стремеж на Македонците за своја национална држава.      

Денеска веќе влезени во третата декада на 21 век далеку од романтичниот национализам сè уште во односите меѓу балканските земји проблемот е во идеологизираната и фалсифкувана историја, во образованието и во учебниците, во најголем број случаи пишувани по нарачка на политиката и на царските дворови и интереси која на Балканот остави пустош во главите на повеќе генерации. Сега го гледаме жалниот резултат од енормното производство на историја од политичките фабрики за опиум на целиот Балкан. На никого ни во Бугарија ни во Македонија нема ништо да му се смени во животот ако Гоце Делчев и плејада преродбеници и  револуционери припаѓаат и на Македонија и на Бугарија и заеднички им одаваме почест, бришејќи ги идеологиите и омразаите од учебниците, простувајќи, но она што не може да се заборави и што е историски факт останува за навек, без оглед на политичките договори. Политика е политика, науката е наука, историски факти се факти. Тие се неизбришливи, кога тогаш ќе излезат на виделина. 

Идентитетот не е добра основа за историја

Тоа најдобро го објаснува еден од најпознатите историчари на 20 век Ерик Хобсбаум, иконата на Брикбек колеџот во Кембриџ Роден 1917 година во Александрија во семејство на Англиски Евреи. Израснат во Виена и во Берлин, се населил во Лондон бегајќи од фашизмот во Германија.  

Овој голем научен и интелектуален авторитет кој живееше безмалку цел век на идните историчари во една прилика им порача: митот и лагите се значачаен елемент во политиката на идентитетот со чија помош група луѓе денес се дефинираат себеси по етницитет, религија, или со некогашните и сегашните граници на државите, настојувајќи да најдат некаква сигурност во несигурниот и разнишан свет зборувајќи: ние сме поинакви и подобри од другите. 

Луѓето што ги формираат тие митиови и измислици се учени луѓе, тоа се световни и верски учители, професори, новинари, луѓе од телевизиите и радијата. Загрижен сум околу сите видови истории за идентитетот. Идентитетот не е добра основа за историја. Но, најзагрижувачки е тоа што историјата, вклучувајќи ја и традицијата, во голема мера се измислени. Во последните 30 години имаше експлозија на локации каде што се откриваа културни наследства и пославно минато и се отвараа музеи. Особено по падот на комунизмот и формирање на нови држави кои имаат потреба од измислување историја и пославно минато за да покажат колку се важни. Начинот на кој се прави тоа е таков што се измислува, или присвојува нечие минато… 

Опасна суровина за националистички идеологии

Денес светот е полн со луѓе кои измислуваат истории и лажат во врска со историјата, а тоа во голема мерка се должи на тоа дека луѓето што го прават тоа  не се заинтересирани за минатото. Она за што се заинтересирани е нешто што ќе ги направи да се чуствуваат подобро. Како никогаш досега се потребни вистински историчари. Ако нема скептични историчари ќе ја преземат науката луѓе од типот „направи сам“ историја, или луѓе од типот „купи сега“. А историјата е многу опасна суровина за националистички, или етнички идеологии како што е афионот суровина за дрогирање со хероин. Ако нема пристојно минато, тоа секогаш може да се измисли.“  

Ако на светот, како што вели Хобсбаум, му требаат како никогаш досега скептични историчари пред сè кон сопствената историја, колку ли ѝ требаат такви на Бугарија и на Македонија и на целиот Балкан. Само непристрасни историчари со строго научен приод кон минатото и кон фалсификатите и идеолгиите во сопствената историја, и кога тоа не им се допаѓа, можат да ја ослободат историјата од омраза и од лаги со кои се дрогираат и денешните генерации и во училишните клупи и дома со митови и преданија. За ова на Балканот ќе почекаме историчарите, секоја чест на исклучоците, да се ослободат од примамливоста на откритија кои ќе им доделат титули, медаљи и привилегии од владите и претседателите и ќе влезат во учебниците по нарачка на министерствата. 

Не е крај на историјата

Со одлуките на комисиите колку тие и да изгледаат праведни, или неправедни, научни, или полтички не е крај на историјата, со сиот респект кон луѓето што ја работат оваа неблагодарна и тешка работа. Побрзо е можен крај на државата што не е ништо ново да исчезнуваат држави и во најсовремената и најблиска наша и светска историја како што вели знаменитиот историчар и општественик на Србија Латинка Перовиќ која пораката како да се спаси Србија од исчезнување од подамна ја насочи со припадноста на  Европа. Истата порака важи за сите балкански земји.

Ако се распаднаа Советскиот сојуз, Југославија и Чехословачка како потрошени историски модели неподготвени за реформи со Македонија тоа можеше да се случи многу полесно ако не станевме членка на НАТО. Досега ниту една земја членка на најголемиот воено политички сојуз НАТО не се распаднала од надворешна агресија. Со членството во ЕУ тоа не може да се случи ни на внатрешен план бидејќи најважните предуслови за членство во ЕУ се демократија, владеење на правото  економската и политичката стабилност и добри односи со соседите. Тоа се најголемите гаранции за стабилност, побрз развој и подобар живот на граѓаните. Ако се прават споредбите гледано од овој агол и ако се мерат интересите тогаш Македонија не е на погрешен пат и покрај отстапките и компромисите. Но, и тие имаат точка на топење.

Што се однесува до минатото со неопходниот научен и критички приод кон сопствената историјата „има дана за мегдана.“ Прво треба да стасаме подготвени до мегданот. Никој не може да ги сопре научните историски откритија, ниту да ги промени историските настани со одлуки на комисии и со европски протекционистички рамки во интерес на своите членки. Значи ли дека денешните одлуки на парламентите и комисиите на политичарите и на историчарите ќе важат при нови откритија од сè уште недопрените архивски документи. Дали идните научни откритија, можат да се оспорат со потписи на политички одлуки и декларации. Се разбира НЕ. Ќе помине и оваа болест на анахронизмот и национализмот, како и секоја епидемија. Тоа ќе потрае уше извесно време, додека Македонија не стане членка на европското семејство. Колку побрзо тоа го осознаеме, толку подобро. Се додека стабилна и европска Македонија е решение на проблемот е добро. Ќе биде лошо ако и натаму докажуваме дека треба да се изеде „јаболкото на раздорот“, да го нема, да исчезне.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *