Banner
Ориент експрес

Читајте ги Колбе и Вoскопулос

sijaliciСиве овие години, безмалку три децении како трае блокадата на иднината на Македонија и попречувањето на нејзиниот развој во современа демократска држава, најмногу ме измачуваше едно прашање – дали ќе се појави лидер, државник, почитувана личност, предводник, татко на нацијата, кој ќе создаде околу себе критична маса и амбиент да се забрзаат историските процеси кои водат кон Европа и кон европеизација на Македонија. Во тоа го гледав решението како да се спасиме од проклетството што не ни дава да мрднеме напред, иако мнозинството граѓани на мојата татковина со отворени очи ја сонуваат Македонија како европска држава, рамноправна членка на ЕУ и на НАТО.

Која е таа сила што спречува историски процеси предизвикани од јасната определба на огромно мнозинство граѓани на една напатена земја. Како може само на ова педа почва да не важи научната закономерност потврдена во сите бурни историски настани која вели дека при големи промени, револуции, војни, се појавуваат водачи, лидери, државници кои предводат кон целта. Дали настаните исфрлаат историски личности или, пак, личностите ги прават историските настани, за тоа науката има свои критериуми да ги одредува фактите и да ги сместува личностите, порано или подоцна, таму каде што припаѓаат. Македонија, за жал, и покрај тектонските промени настанати за чудо по мирен пат, без ниту една жртва, ги смени и политичкиот и општествено економскиот поредок и стана независна држава, што беше неверојатен и непредвидлив настан. Се разбира, не велам дека за тоа нема заслужни личности, но и нашата поблиска историја веќе се полни со табуа бидејќи сè уште ни науката ни татковината ги нема препознаено своите основачи на самостојноста, како што тоа беше со Илинден 1903 година и со антифашистичката војна, АВНОЈ и АСНОМ 1941-1943-1944 година.

Луѓето од науката ќе речат нужна е историска дистанца. Да, но дистанца има и од Илинден 1903 и од АСНОМ 1944 година, па до некаде и од референдумот за независност и тоа што му претходеше на 1991 година. Од денот на независноста поминаа 27 години, што не е малку време да се разјаснат точно сите клучни настани без пристрасности и да се одреди улогата и заслугите на личностите кои ги забрзаа или, пак, ги запреа историските процеси и нанесоа големи штети. Кога ја гледаме селективноста и идеологизацијата, преправањето и фалсификувањето, лажните сведоштва за настаните на кои сме непосредни сведоци, па и учесници, тогаш се открива од каде доаѓа големата конфузија во свеста на Македонецот низ целата негова историја. Историските фалсификати и од 19 и од 20 век, во екот на создавање на македонската национална свест, но и подоцна ставањето под амнезија на единствената голема победа во историјата во антифашистичката војна и конечно повторување на истата грешка по основањето на првата современа парламентарна држава 1944 година со АСНОМ, и тоа со лаги и популизам во време на сите изминати 27 години на независна Македонија направи таква пустош во главите на луѓето каде што во судирот меѓу незнаењето и емоциите добивме само жален производ од аморфна маса и тесто за месење на живи луѓе.

Во наездата на речиси идентични пропаганди низ целата историја на Македонија во изминатите сто и кусур години, особено се ужасни и опасни тие кои експлодираат секогаш кога има шанса да се направи историски исчекор напред. Денес, повторно на крајот на втората декада на 21 век, кога сме на еден чекор од Европа, со иста жестина голем талас на популизам и примитивизам ја поплавува Македонија. Се регрутираат Македонци во сите војски кои војуваат едни против други да не успее Македонија на својот пат кон иднината. Во оваа какафонија и медиумски морален и професионален дебакл има неколку силни светилки кои ја осветлуваат мрачната страна на обидите да се спречи Македонија да ја искористи шансата создадена за првпат по прогласување на независноста да стане европска држава по теркот на западната демократија. Долгиот процес од придобивките малку ќе го почувствуваат генерациите на заминување, но затоа поколенијата ќе можат да влезат без балкански комплекси и без инфериорност во натпревар со своите врсници од Европа.

Такви две силни светилки кои го осветлуваат тој пат и ги разјаснуваат нашите комплекси и натурени дилеми од историските наслаги и пропаганди деновиве ги видов во текстовите на Кица Барџиева Колбе, објавени во „Дојче веле“ и пренесени на повеќе интернет-портали и на социјалните мрежи, и во интервјуто за „Новатв“ на Павлос Вoскопулос Филипов, лидер на движењето „Виножито“ од Грција, добро позната личност во нашата и грчката јавност, кој храбро се спротивставува на грчкиот национализам. И Кица Колбе и Павлос Вoскопулос не случајно, чинам, најдобро ја одредуваат суштината на договорот со Грција. Двајцата деца на страдалници од историските настани во Граѓанската војна во Грција се издигнале над омразата и ја согледале европската димензија на компромисот. Еве што вели нашата извонредна писателка Колбе: Кога една држава го чувствува загрозен својот национален идентитет, тоа, напати, е само симптом дека нејзиниот наратив не е доволно кохерентен. Вистински јасниот национален идентитет и вистински јасниот национален наратив никогаш не би требало да се чувствуваат загрозени од идентитетот на соседна земја. Зошто тогаш Грција и Бугарија стравуваат од „грабеж“ на тоа што го нарекуваат само нивна историја? Затоа што, очигледно, веруваат дека историјата на Балканот не е завршена. Дека геостратегијата на овој дел на Балканот уште може да создаде нови воени конфликти. Југословенските војни го потврдија тоа сознание. Ова е факт што треба да го замисли секој самосвесен македонски граѓанин. Никогаш во минатото Македонија не била актер во одбраната на својот историски и национален наратив. Во Договорот тој наратив, така како што го познаваме од последните седумдесет години, само добива потврда и заштита во меѓународни рамки. Македонскиот наратив, колективното културно паметење добива со договорите со Грција и со Бугарија меѓународна легитимација. Во минатото меѓународната заедница за македонското паметење беше само егзекутор на договорите по воените порази. Сега, таа за Македонците е првпат гаранција на нивната самобитност. Зошто? Затоа што Македонците првпат во историјата беа прашани да кажат кои се тие и што се тие. Првпат Македонците во преговорите за името ја заштитуваа својата приказна – македонската. Независно дали таа можеше да се заштити и одбрани подобро отколку што се случи, факт е дека главниот македонски наратив е сочуван…

Кое беше досегашно колективно паметење на Македонците? Кој наратив беше закотвен во самосвеста ако не оној на „историската жртва“ Македонија? Имено, кога непристрасно се посматра историјата на територијата Македонија, колективното паметење на Македонците досега беше само паметење на порази…

Павлос Воскопулос, пак, во интервју за „Новатв“ вели: „Префиксот „Северна“ не значи какво било оспорување на идентитетот. Мислиме дека тоа воопшто не влијае врз националниот идентитет. Ние сметаме дека македонскиот национален идентитет е загарантиран секаде во светот. Цел свет го признава и тоа го знаеме добро. Грција и Бугарија имаат внатрешен проблем со македонското прашање. Кога станува збор за национален идентитет, нема да има никаков проблем, но исто така сакаме да потенцираме дека настојуваме да гледаме напред и да има мир за следните генерации… Во договорот јасно се наведува македонскиот јазик и ова е голем шок за просечен Грк. Ова е голем продор и прво распукување на националистичката идеологија во Грција и затоа е голем проблем за просечен Грк да прифати македонски јазик. Овие две точки во договорот, македонската националност, или државјанство и македонскиот јазик се проблем за просечен Грк кој не е информиран и едуциран за да знае за што станува збор. Самиот договор во овие две точки е размрдување и удар на грчката националистичка идеологија. Ова им дава предност на грчките либерали и демократи да признаат поинакво поимање на македонштината од она што учат во школите“.

Ако ви недостасуваат камчиња да го склопите мозаикот за вашите дилеми и определби за патот по кој треба да оди Македонија за да стаса до целта, читајте ги Колбе и Вoскопулос, ве уверувам дека нема да погрешите.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 2 коментари

  1. nacional-patriot

    Se obiduvash izjavata na Kolbe da ja pretstavish kako da e vo polza na makedonskite interesi,no vsushnost taa izjava ja potkopuva makedonskata kauza i i’ pravi shteta.Izjavi deka narativot e odbranet,no vnimavaj,samo od poslednite sedumdeset godini.Ovaa nejzina izjava e kako sinhronizirana so dogovorot pomegju SDS i Sofija bidejki periodot od makedonskata istorija pred vtorata svetska vojna,so toj dogovor e daden na Sofija,odnosno prikazhan kako “zaednichka istorija”.Dali taa ja zastapuva sofiskata propaganda deka makedonskiot narod e sozdaden so krajot na vojnata?Taa nenamerno,naivno za nea,nesakajki prizna deka toj dogovor go negira istoriskiot kontinuitet na makedonskiot narod koj shto e mnogu postar od sedumdeset godini i vo VSV Makedonija i Makedoncite go odbranija toj star identitet i zatoa Kolbe kazha ushte edna greshka koga izjavi deka nikogash vo minatoto Makedonija ne bila akter vo odbrana na svojot istoriski i nacionalen narativ.Neka i bide jasno na taa pisatelka deka makedonstvoto ne e staro sedumdeset godini.Potvrdata i megjunarodnata garancija za makedonstvoto si postoeshe i pred ovie dogovori.So dogovorot pomegju SDS i Sofija i megjupartiskiot dogovor pomegju SDS i SIRIZA,se pravi obid za brishenje na znachenjeto na makedonstvoto.Zatoa ne treba kompromisierite da se povikuvaat na izjavata na Kolbe.Doplnitelno kje zaglavat.Sto se odnesuva do Vaskopulos,toj so pretstavuvanjeto na makedonskata javnost so takvo prezime,samiot se devalvira.Jasno mi e deka shovishtichkiot sistem vo Atina im nametnuva tugji preziminja na etnichkite malcinstva tamu,no sepak barem pred makedonskata javnost treba da se pretstavuva so prezimeto na negovite predci.Chinam deka e Filipov.Ne se soglasuvaat site od taa partija so mislenjeto na Pavle.Toj negov stav ne mozhe da se tretira kako partiski,tuku kako lichen.Toj misli,a ne veli deka e siguren deka dodavkata “Severna” ne go zagrozuva identitetot.Dali toj e svesen deka so megjupartiskiot dogovor se predlaga Makedonija da se otkazhe od nego?Dogovorot go oznachuva kako nepostoechko makedonskoto malcinstvo tamu.Na Pavle verojatno toa ne mu smeta shtom ne se buni poradi toa.Taka pokazhuva deka i nemu ne mu e vazhna etnichkata,tuku lichnata promocija.Zatoa Erole,ne treba da gi pretstavuvash ovie izjavi na Kolbe i Voskopulos za bezgreshni.Sepak toa tebe ti dolikuva.

  2. Ајван Доктор®

    Историските процеси може да унапредуваат, но може и да нè уназадат, како што ни се случува во последниве триесетина години, иако сме убедени токму во спротивното, дека сме отишле кој знае колку далеку нанапред и дека сме зачекориле во иднината. Во Македонија не се случуваше ништо особено бурно во изминатиов период, уште помалку некаква револуција. Кај нас изостана и бурната еволуција, поточно македонските граѓани (не само Македонците) воопшто не еволуираа во изминативе 27 години. Можеби само поединци и тоа исклучиво во економска смисла, финансиски, служејќи се со матни работи, но никако не можеме да говориме за групен или општествен напредок. Напротив. . Самиот влез во НАТО не може ниту пак претставува некаква иднина, ниту Македонија ќе стане „европска држава по теркот на западноевропските демократии“ со самиот нејзин влез во НАТО или ЕУ (иако самото наше членство во ЕУ е невозможна мисија, а влезот во НАТО билет за дополнителна економска пропаст на државата). Имаме уште многу леб да јадеме за да стасаме до општествената култура на Западот, а западноевропската демократија најчесто и не е толку совршена каква што си ја замислуваме.

    Има еден интересен лесно воочлив факт – македонскиот идентитет воопшто не беше загрозен во СФРЈ „занданата на народите“ „србославија“ ниту во „црниот комунизам“ како што обожаваат да ги нарекуваат нашиве новокомпонирани демократи, туку тој (воопшто не случајно) стана предмет на расправа, сомнежи и загрозеност токму во моментот кога прогласивме самостојност после двосмисленото референдумско прашање кое многу повеќе обврзува враќање во југословенската заедница, отколку „влез во НАТО и ЕУ“, како наша иднина. И тоа токму во самостојна, независна, демократска и суверена Македонија и тоа многу повеќе од нас самите, поточно од нашите „патриоти“ и „националисти“ од сите бои и намази. Тоа јасно говори за тоа кога идентитетот бил создаван, сочувуван и надградуван, а кога загрозен. Причините и последиците од тоа, секако можеме да ги бараме и истражуваме единствено во барокната ни елинизација, во антиквизацијата и во нашата („нашата“) пластографска историја, во нејзиното сфаќање како наука за случувањата и минатото врзани за специфична нација, а не како наука поврзана со одредена територија. Ако ја сфатевме како појава и специфика на одредена географска област и територија сè ќе ни беше многу појасно и никогаш немаше да говориме или употребуваме погрешни термини од типот „заедничка историја“, туку ќе говоревме за историјата на територијата на денешна Република (Северна-или-не) Македонија. Немаме ништо заедничко со историјата на Бугарија, освен нивната окупација во 1913, 1914 и во 1941 година на оваа територија. Преображенското востание и ВМРО се дел од нивната национална историја на оваа територија и таа нема ништо заедничко со македонската нација туку единствено со територијата на Македонија. Илинденците од 1903-та се бореле за Бугарија и за бугарската држава, а самостојноста на Македонија била за нив само изговор за отцепување на таа територија со јасен план подоцна, во одредени „созреани“ историски услови, да се приклучи кон Бугарија. Нивната свест за Македонцот била дека тие се еднородни со бугарската, а не некаква „посебна нација“. Тоа јасно и недвосмислено го кажуваат сите документи од тоа време!

    Не постои завршена историја! Историјата е збир на сознанија за едно одредено време, за минатото, не само за политичките збиднувања, а минатото ни се случува со секоја изживеана секунда која ја оставаме зад нас. Сето она што веќе се случило и останало во времето зад нас е веќе минато и е историја, па оттаму тешка глупост е да се помисли на некаква „завршена историја“. Таа завршува само тогаш кога ќе умреме, но само за нас.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *