Ако се вратиме сами од отворените врати на НАТО и на ЕУ назад и не ги усвоиме уставните промени, нема да се случи ништо страшно, велат противниците на веќе ратификуваниот договор со Грција. Нè тешат со многу силен аргумент дека ќе продолжиме таму кај што сме застанале и ќе чекаме подобри времиња кога нашите позиции ќе се подобрат. Така ќе ја спасиме Македонија од обезличување, а себеси од обесчестување. Ќе можеме да останеме горди, достоинствени и невини Македонци. Може некој и да поверува на оваа лага, татко на сите лаги, во врска со референдумот, ако од Брисел и од сите страни не доаѓаат други вести и отворени предупредувања дека не може да се вратиме кај што стоевме десет години, во чекалницата на НАТО и речиси 15 години пред портите на ЕУ како вечен кандидат.
Повеќе не ни зборуваат со дипломатски јазик оти си го читавме и толкувавме кој како сака и на кој како му одговара. Сега ни викаат отворено, дури и со призвук на ароганција и закана ова ви е последна шанса, ако ја испуштите, ќе се вратите таму кај што бевте пред 27 години, не губете предвид дека ни ЕУ ни НАТО не се многу заинтересирани за нови членки од Балканот. Мислам, дека и тоа место од пред 27 години не ни е гарантирано, оти и таму се сменија условите. Комшиите на големо работат на промена на границите. Велат, имало незавршени работи од третата балканска војна. Се подготвува јавноста во Србија и на Косово за разграничување, размена на територии и луѓе по етнички дамари. Ја знаете онаа позната воена парола, предзнак на сите трагедии – до каде има Срби до таму е Србија, а до каде има Албанци до таму е Албанија. Одговорот во вакви ситуации брзо ќе стаса и од жешките глави во Македонија – до каде има Македонци до таму е Македонија… А, штом се цртаат нови граници на картите, на теренот по планините и ридовите, по градовите и селата границата е многу поинаква, се обележува со крв, разорувања, страдања, преселби… како што беше и при распадот на Југославија.
И сега, исто како и тогаш, слушам некои големи стратези кои мислат дека со својот лажен патриотизам ќе се докопаат до власта. Се ежам кога ги слушам како проповедаат дека нема никаква опасност од нова војна на Балканот. Ова било смислено да се лансира во Србија и на Косово само колку да ги заплашат Македонците за да успее референдумот барајќи спас во НАТО. Тоа овие авантуристи и паликуќи го кажуваат авторитетно небаре во малиот прст им е светската геостаратегија и балканската географија, историја и митологија, а со Трамп, Путин, Меркел, Макрон… како секој ден да разменуваат мислења.
Повозрасните паметат дека така беше и во предвечерието на најголемото крвопролевање во Европа по Втората светска војна, кога се распукна Југославија по сите шевови. Истите тие прогнозери преку ноќ станаа воени подбуцнувачи тврдејќи дека нема разграничување без војна, па некои од нив завршија во Хаг, некои со плех-музика на градските гробишта оставајќи зад себе ужас кој трае до ден-денес. А, некои се прославија како големи водачи и борци за слобода и независност и денес заземаат високи функции. Сега како осведочени демократи предлагаат разграничување и размена на територии и луѓе, и тоа замислете само за да успее референдумот во Македонија. Која будалаштина од планетарни размери. Не лаат кучињата поради селото, туку поради себе.
Втората голема поента на противниците на членство на Македонија во НАТО, која навидум држи вода, е тврдењето дека НАТО не е гаранција за стабилност и демократија и дека кај повеќе нејзини членки има сериозни проблеми со демократските процеси, а и безбедноста не им е многу силна страна. Да, тоа е точно. Има членки на НАТО кои имаат сериозни проблеми со демократијата и со внатрешни судири, опасни за стабилноста на земјата. Притоа намерно се прескокнуваат неколку факти. Прво, дека ние бараме членство во НАТО. Поканата е само чин на одобрување ако се исполнат условите. Значи не нè моли нас НАТО за членство, туку сите досегашни македонски стратегиски и безбедносни планови и програми се поврзани со НАТО. Досега се потпишани десетици и десетици договори на разни нивоа со НАТО. Обуката на македонската армија, добар дел од оружјето и опремата се од земји членки на НАТО. Учеството на македонски војници во мировните и воени операции на НАТО траат повеќе од 20 години и се оценети како мошне успешни. Се премолчува фактот дека НАТО е воена организација, сојуз кој обврзува на колективна заштита при евентуална агресија, или надворешна опасност по безбедноста на земјата. Во НАТО се пука и се гине. Тоа не е здружение на чесни сестри. Демократските стандарди се запишани во документите на НАТО, но не сите членки ги исполнуваат тие критериуми. Посилни се секогаш интересите.
Членството во НАТО кај сите новопримени земји во овој сојуз предизвикало и одредени економски и финансиски резултати кои ги надминуваат трошоците. Во случајот со Македонија безбедносниот фактор со членство во Алијансата во вакво регионално опкружување нема цена. Тоа што ќе го плати и добие Македонија е неизмерливо во нејзина полза. Што се однесува до демократските процеси и севкупниот економски и општествен развој, тие се многу пообврзувачки за зачленување во ЕУ, што кај новопримените членки по непишано правило доаѓа по влезот во НАТО.
Патот до редовно членство во ЕУ оди преку исполнување услови кои се зацртани обично во околу 35 поглавја во зависност од специфичностите на земјите кандидати. Токму овие поглавја се суштината на членството во ЕУ, односно најважната работа која Македонија, како и многу други поразвиени европски земји не можат сами да ја завршат без финансиска и стручна поддршка на Европа. И во оваа насока, иако преговорите со Македонија не се почнати, туку ќе почнат идната година, еден дел од работите кои не доведоа до кандидатура се завршени, но останува поголемиот дел кој обично трае од пет до шест години, и тоа ако има политичко потурнување напред и мало гледање низ прсти. На тоа Македонија не може да смета, туку ќе мора да ја одработи беспрекорно домашната работа бидејќи ќе се соочи со будно надгледување од соседите, но и од Европа која стана алергична на прием на нови членки. Па така, приемот на Македонија во ЕУ, ако почнат преговорите идната година, може да потрае подолго од вообичаено. Ќе има многу работа и многу пречки од комшиите и од бирократите во Брисел за сите наредни влади, парламенти, претседатели и еден куп надлежни институции во сите сфери на општествениот живот.
Оживување на европските вредности од бирократски документи на Брисел и нивна примена во секојдневието ќе биде качување на Монт Еверест од најтешката страна. Она што е суштествено и ќе биде најтешко во овие историски процеси е како да станеме помудри додека траат и додека не се завршат преговорите со Европа за членство. Трансформацијата од „ем шуто ем боде“ во „ем работи ем молчи и чека да седне на заедничка маса, па да каже што има да каже“, треба да биде мудроста што ќе ја обележи последната етапа од македонскиот пат кон Европа. Тоа ќе биде најмачниот, но и најзначајниот период во поновата историја на Македонија, задача која припадна како обврска да ја заврши оваа генерација. Наместо да се однесуваме како светска велесила и да делиме популистички и патриотски лекции, треба да се држиме до геслото – прво рипни, па кажи оп. Кога, ако не сега.
(Објавено во Независен весник)





Токму денес осамна веста дека Приштина наголемо ги започнала припремите за обележување на границата со Србија. Иако резолуцијата 1244 на ОН го гарантира суверенитетот на тогашна Сојузна Република Југославија, а со тоа и на Србија и побара поголема автономија за Косово и Метохија, во 2008 Косово (со поддршка од Западот) прогласи еднострана независност, и ете, денес се спремаат да ја обележат границата со Србија и тоа по нивно, еднострано. Треба ли да нагласам дека истата резолуција 1244 е правно обврзувачка, а не парче небитна хартија? Сево ова не побудува интерес и страв кај тебе, туку повикот за поделба на фантомската „држава“ Косово, која всушност од момеднтот кога во неа влезгоа странски војски е протекторат, пред сè на ЕУ и САД. Според која логика е возможна поделбата на териториите на СФРЈ и на Србија, а е невозможна поделбата на Косово и Метохија, Босна и Херцеговина, Хрватска, или евентуалната поделба на Македонија (која е де факто веќе одамна поделена на мнозински албански и мнозински македонски (или бугарски) дел)!? Патем, Ероле, Трета балканска војна не постои, како што не постои плех-музика туку блех-музика. Постојат две такви (балкански) војни, а третата очигледно дури денес би се водела, предизвикана од апетитите на САД, Германија, Англија и Русија, а не од „хегемонизмот“ на Србија. Оттаму, не е само Русија таа која предизвикува конфликтна состојба во регионов (таа почна да го прави тоа многу доцна и дури последниве четири-пет години започна да се вмешува во регионов), туку и САД, Германија, Франција, Италија, Англија и сите тие имаат свој интерес тука, кој секако е многу повеќе воено-стратешки отколку економски (приближување кон границите на Русија и нејзино опколување), но ете си најдоа и нови колонии во Балканската биртија.
Не можам да се оттргнам од чувството дека барајќи „преку леб и погача“ си срушивме златна држава, па сега ЕУ ни делува како идеал преку коју ќе го супституираме сето она што самите си го упропастивме. Дваесет и седум години, наместо напредок, каков ни ветија „умните глави“ (*читај: политикастери-дибеци, кој од кој „поголеми“) водејќи нè низ калливи сокачиња и распаднати калдрми од ветувања кон НАТО и ЕУ, кон илузијата „подобра иднина“ ‒ Македонија си тапка во место, последнава деценија поинтензивно, живејќи ја импровизираната и морбидна сегашност помеѓу „славното“ виртуелно минато и уште повиртуелната психопатолошки проектирана светла иднина.
Она што другите не го знаат, а жестоко се расправаат околу темата/дилемата „референдум – или не“, односно „за“ НАТО и ЕУ, „против“ или бојкот (кој би го сториле само од инает на Заев и СДСМ и само заради идиотштината која тврди дека со договорот со Грција ќе сме си го изгубиме идентитетот и ќе сме се обезличеле, не заради некаква искрена антинато определеност) е фактот дека дури и референдумот да биде со 99% излезност и дури од нив 99% да гласаат „за“, нас нè очекува трновит и долг пат кон НАТО, а уште подолг и потрновит пат кон ЕУ со исполнување на нормите и стандардите кои допрва треба да се потрудиме да ги постигнеме, особено оние зададени во прашалникот на ЕУ! Ние допрва треба да започнеме со суштински реформи во општеството, а не само формални заложби за реформа! Не ги исполнувамне основните критериуми во политичкиот, правниот, економскиот и административниот систем на државата. Да не говорам за образованието и здравството. Нив воопшто не ги интересира дали ќе развиваме наука и знаење или глупост, дали ќе бидеме способни за лекување на секој болен граѓанин во земјава или ќе го препуштиме (како Мајка Тереза) на милост и немилост на Господ. Со други зборови, да не си правиме бајрам на паметот ‒ нема ништо од автоматско експресно влегување во НАТО, армијата едвај има да се прехрани и облече, не пак да се вооружи според стандардите на современа армија, а НАТО до сега нè даруваа исклучиво со сопствениот отпад. Уште помалку имаме шанси за некаков итен влез во ЕУ (не примаат никого до 2025 година, а нас дури ни десетина години подоцна), не само со поканата за НАТО, туку тоа не ни е гаранција дури ни со пристапни преговори за во ЕУ и успешен референдум со кој 99 отсто од жителите во Македонија и од дијаспората (Македонци и Немакедонци) би се изјасниле позитивно. Точнa е твојата констатација за придржување кон народната „прво скокни, па речи оп“, но можеби подобро ќе беше да го насловеше текстов како „никогаш, а можеби ни тогаш“, наместо „кога, ако не сега“.