Banner
Ориент експрес

Кој ќе ја бојкотира Македонија

prasalnikКако ќе заврши оваа работа, е најчестото прашање што ми го поставуваат пријателите и моите познајници и читатели. За да не звучам како пророк, возвраќам со прашање: на која работа мислите, на оваа со комарците???!!! Кога ќе дувне посилен ветер ќе ги однесе, одговарам сериозно, криејќи ја иронијата. А бе, какви комарци, мислам на референдумот дали ќе го смениме името, дали ќе влеземе во ЕУ и во НАТО, или само нè лажат, дали ќе го сочуваме идентитетот, дали ќе нè прекрстат, кое државјанство ќе го имаме, ќе остане ли македонскиот јазик, ќе ни ја бришат ли историјата, како ќе се викаат македонските државни институции, што ќе пишува на македонските производи за извоз,  ќе се распадне ли Македонија, зошто мислиш дека бојкотот е чин против иднината на Македонија и уште еден куп прашања во кои според тоа како се поставуваат, најчесто ги препознавам определбите на тие што прашуваат. Натамошниот разговор го потврдува тоа бидејќи прашањата попримаат форма на констатација, цврста убеденост,  „ЗА“ или „ПРОТИВ“ или „БОЈКОТИРАМ“.

Во таков случај, разговорот станува залуден и обично води кон кавга. Можете да изберете да ја завртите работата на шега, но и тоа станува опасно. Лесно ќе  изгубите долгогодишен пријател, дури и ако сте истомисленици, но во еден миг на вжештена расправа  за еден збор доаѓа до  инцидент и навреди кои го раскинуваат повеќедецениското другарство. На социјалните мрежи работата е исто толку драматична само што тука фаќањето за гуша е потешко изводливо, што не значи дека при првата средба  нема да дојде до судир. Партиските активисти во најсилен состав веќе се вклучени на пропагандните интернет портали и на „Фејсбук“ 24/7. Македонија опасно се дели по живо ткиво по повеќе линии.

Определбата ПРОТИВ договорот со Грција и повикот за бојкот е само маска и силна алатка за манипулација со граѓаните зад која се кријат сосема други мотиви. Се работи за пропаганда која е препознатлива како производ на разузнавачките лаборатории на противниците Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ.  Откако е обелоденет фактот, кој шпионските институти веќе го знаат од порано, дека само минорен број граѓани на Македонија го прочитале договорот со Грција, а уште помалку го разбрале, со добри изгледи воопшто да не го прочитаат и да  го разберат, тогаш тоа е идеален терен за разузнавачка работа и за месење на тестото со убиствена кампања која навлегува во сите пори на животот.

Тоа нестасано тесто ги смени и плановите на пропагандните центри. На пример, проруските инсталации со познати наши аутсајдери во политиката кои служат за потсмев,  преку ноќ станаа неатрактивни откако самите се разоткрија како гнила штица на која згазнала Москва. Таа утка на Кремљ веќе ги најави првите санкции и промени кои се гледаат во дипломатската активност и во разузнавачките дејства на теренот. Големото незнаење и неинформираност што содржи договорот, неговото погрешно разбирање и толкување, предизвикаа  медиумите и социјалните мрежи, усните преданија, сиромаштијата и корупцијата и сеењето страв и омраза да бидат главни темели и столбови на кои ќе се потпира анти-НАТО и антиевропската кампања против Македонија, самата да ја бојкотира својата иднина.

Од друга страна, се тркала среде лето голема лавина од соседството. Во Србија се најавува референдум за размена на територии и луѓе со Косово. Новото цртање граници на географски карти секогаш завршувало со  крвопролевање, не само на Балканот. Последното кроење на границите со трагичниот  распад на Југославија за наследниците на Слободан Милошевиќ очигледно не е завршена работа. Овој пат се јавуваат приврзаници на идејата и во Косово и во Босна, но и во Македонија. Ни се закануваат дека штом ќе почне да игра мечката во комшии, ќе стаса и кај нас. Со промена на границите во јужна Србија и на Косово тоа зло ќе стаса и на нашата врата. Во ваква ситуација најголемиот противник и кочничар  на македонските  евроатлантски интеграции, претседателот на државата Ѓорге Иванов, заминал на одмор. Човекот изморен од многу државнички активности немал време да разговара со генерали од врвот на НАТО, а ја има должноста да биде врховен командант на  вооружените сили на Македонија. Која дилајла е човекот, изигрува херој во стилот ем шуто, ем боде.

Наместо  претседателот  на државата итно да го свика Советот за безбедност на чие чело стои само како уставна обврска, а ништо досега нема направено за безбедноста на Македонија, си замина на одмор и ги избегна  средбите со генералите бидејќи знае што ќе му кажат, а за што тој никогаш немал рационален одговор. Она што во ваква ситуација му налагаше драматичната најава за промена на границите во соседството  беше  секавичен ангажман на претседателот на државата, Македонија што побргу да стане членка на НАТО. Новосоздадената опасна ситуација му наложува веднаш да ја потпише ратификацијата на договорот со Грција и да го свика Советот за безбедност, да излезе пред јавноста  со повик до политичките партии и до парламентот за итно прифаќање на договорот со Грција за што побрз влез на Македонија во НАТО. Тоа е должен претседателот да го направи пред да почнат разграничувањата меѓу Србија и Косово од една страна, но од друга страна, и во Босна и Херцеговина. Настани кои во целиот регион имаат врвен национален и безбедносен приоритет и на кои им се приоѓа со голема сериозност и загриженост. Но, и за голем број влијателни политичари и геостратези во светот, ова е главна тема како нова опасност за дестабилизација на Балканот.

Во една ваква кризна и опасна регионална ситуација, претседателот Иванов ја остава државата на цедило. Јавниот обвинител и Уставниот суд имаат уставни надлежности и одговорности да преземат активности ако потезите на претседателот на државата ја загрозуваат безбедноста на земјата и ако неговото однесување станува недолично. Во такви случаи мора да преземат превентивни мерки.

Христијан Мицкоски, пак, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и лидер на опозицијата, додека медитира до 10 септември кога ќе ги соопшти својот став и на партијата, би било добро да размисли малку, покрај за опасноста од цртање нови етнички и државни граници во соседството, и на следнава тема: што ако помине референдумот со излезност од над 950.000 граѓани од кои мнозинството гласале  „ЗА“? Ќе пребројува ли тогаш Мицкоски како гласале Македонците и немакедонците, или колку вмровци ја бојкотирале Македонија за да соопшти дека референдумот бил фалсификуван и противуставен. Како оваа референдумска  поделба  ќе се одрази на Македонија и во иднина,  ако стане членка на НАТО и на ЕУ без поддршката на  ВМРО-ДПМНЕ. Вреди малку да се чукне главата на оваа тема.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 3 коментари

  1. Ајван Доктор®

    Повторно, Ероле, со пристрасност не се гради објективност. Не ти пречи идејата на Еди Рама за бришење на границите помеѓу Косово и Албанија која е фактичка состојба и границите стојат провизорно, не ти пречи повикот за „припојување на Прешевската долина кон Косово“ (Х. Тачи), ти пречи идејата која е само предлог (ништо повеќе) за решавање на повеќедецениски спор. Таа ќе предизвикала војни, другово јок. Според тебе излегува дека поделбата на територијата на Србија е можна и потребна (да не заборавиме, Косово беше дел од Србија), Босна и Херцеговина дел од Југославија, но не е можна поделбата на Босна и Херцеговина и на Косово – вештачки создадена држава од територија која вековно припаѓа на Србија!? Според тебе вината за распадот на Југославија е кај „националистот“ Милошевиќ кој сакаше единствена Југославија, но никако не е кај оние кои веднаш на стартот изјавија дека независност на нивните етнички проочистени републики е целта кон која се стремат (Туѓман, отворениот поддржувач на Ханџар дивизиите и суден за радикализам Изетбеговиќ и ним сличните)!? Токму истоветно си пристрасен и со ставот околу НАТО. Алијансата која го затру Балканов со „осиромашен“ ураниум и која убиваше цивили, уриваше мостови и болници насекаде низ светов. Ваквата разуларена воена сила за тебе е „иднината на Македонија“, а Русија која немаше никакво воено ниту разузнувачко присуство, откако наеднаш после три децении пројави интерес за присуство стана проблем!? Да луда е и сосема неразумна идејата на ДПМНЕ за бојкот на референдумот бидејќи три децении наназад нè убедуваа дека НАТО претставувал идеал за нашата безбедност, а Западот врв на демократијата и човековите слободи, сега наеднаш НАТО и ЕУ станаа фашисти и тоа само заради нивната поддршка кон Грција! Заради ништо друго! Ваквиот политички слеп став за НАТО и ЕУ говори за степенот на политички аматеризам не само кај ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ туку и кај СДСМ (очигледно – ништо помалку дрпаџиска) и сите останати политички фактори кај нас (ништо помалку дрпаџиски настроени). Сите ги води една истоветна идеја: непречен пристап до државните пари, желбата за привилегии и истакнувањето на моќта.

    Очекувавме промени, Ероле! Тие не можат да дојдат со луѓе кои цела деценија уриваа и делуваа на штета на државата и кои продолжуваат да си работат/не работат со истото темпо. Промената не се остварува со идејата „сега малку и ние да си се збогатиме и да си прошетаме низ светов на државен трошок“! Нема промена со иста мисла и идеја-водилка! Нема промени сè додека не сфатиме дека треба да си го промениме сопствениот карактер, нашиот менталитет – колективниот и поединечен, а не името! Повеќе од сигурно е дека дури и кога ќе го промениме името (дури и да се наречеме Швајцарија, Германија, Шведска, Златна Земја или Земја на Иднината) нема опасност за нашиот национален идентитет – ние ќе си останеме истите со „идентитет“ кој симболизира простотилак, глупост, склоност кон грабање на туѓото, празноверие, себичност, самобендисаност, склоност кон стереотипно гледање на работите, расипништво, аљкавост, површност, незнаење и некултура! Овде секако не говорам само за Македонците како нација туку за севкупниот менталитет, за карактерот на сите кои живееме во Македонија.

    НАТО и ЕУ не се иднината за Македонија! Иднината ни е во учењето, развивање на науката, економијата, индустријата, културата, во развиток на општеството, во разбирањето дека тоа (општеството и државата во целина) зависи од секоја единка… Со тоа што ќе влеземе во НАТО и ЕУ и ќе добиеме можност да избегаме што подалеку од лудилово нема да си ја изградиме иднината!

  2. caparovski@yahoo.com

    Vo pravo ste za mnogu raboti sto gi navedovte 100% no za da pocneme da se osvestuvame i podobruvame so samoizmena mora da pocneme od nekade.NATO ne e najdobrata opcija no e edinstvena ako ne si svatil.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *