
Иван Крастев познатиот бугарски политички научник извонреден и ценет автор во својот есеј објавен во американскиот магазин „Jоurnal of democracy“, преобјавен во повеќе земји, на крајот како клучно за иднината на Европа, го поставува прашањето од насловот на текстот „кој е поиздржлив – ЕУ или новите европски режими“. Сјајната анализа за патот по кој се движат посткомунистичките европски општества се однесува и е препознатлива за состојбите и во Македонија каде што деновиве се одвива завршниот чин од повеќегодишната длабока политичка криза во поделеното општество, која треба да даде одговор, ако не целосно, барем делумно, на прашањето не само на Иван Крастев – кој ќе биде поиздржлив режимот или демократијата. Граѓаните на Македонија овој испит го положија на последните избори, гласаа за промени. Но, жилавоста на режимот е поголема отколку гласот на 612.000 граѓани во чии определби се’ уште не се убедени нивните избраници кога со денови се пазарат за далеку помалку значајни работи од слободата.
Слободоумната јавност оправдано страхува дали политичките лидери кои добија мандат да го урнат режимот без револуција, туку легално и законски според Уставот, ќе ги препознаат европските вредности и ќе донесат историска одлука, или ќе не’ остават и натаму да чмаеме на Балканот и да сонуваме како да си ја смениме земјата, а не власта. За жал се потврдуваат сомнежите на Крастев дека сме далеку од применливоста на европските вредности и демократија во постокумунистичките земји, дури кај нас и многу подалеку бидејќи и да превладее разумот и политичката и државничка зрелост на постизборните преговарачи за формирање мнозинство и конституирање на новиот парламент и новата влада, се’ уште издржливоста на режимот е главната закана. Тоа најдобро го демонстрираше претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој со ин флагранти кршење на Уставот си дозволи да наметне нови услови за оневозможување да се конституира парламентот и новата влада. Претседателот Иванов, откако ниту една релевантна политичка партија која освои седишта во парламентот одби да прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и со Никола Груевски, побара тој лично наместо парламентот да ги оценува програмските определби на новата влада дали се во согласност со неговите сфаќања на демократијата, националниот идентитет, националните интереси и унитарноста на државата. Со други зборови, претседателот Иванов повторно застана во одбрана на режимот и стана пак учесник во попречување на владеење на правото, оневозможување на слободата на медиумите и на независноста на судството и спречување на работата ан Специјалното јавно обвинителство кое поведе пред редовните судови повеќе предмети во кои се осомничени највисоките функционери и лично на поранешниот премиер Никола Груевски и неговите најблиски соработници.
Возбудливата политичка лектира на редовниот колумнист на „Њујорк тајмс“ Крастев објавена во повеќе продолженија и во „Утрински весник“ топло им ја препорачувам на неколкукратно препрочитување на сите кои денес ја имаат дилемата кој е вистинскиот пат за подобра иднина и особено на оние кои се’ уште размислуваат какво мнозинство ни треба и во парламентот, а особено какво мнозинство и’ треба на цела Македонија. Есејот е поучен и за тие кои уште имаат сомневања кој е вистинскиот пат за подобар живот, за слобода и владеење на правото, или пак ќе ја прифатиме демократијата каква што ја нудат авторитарните режими каде што мнозинските власти ги претворија државите во приватен имот. Крастев вели дека изборите можат да помогнат да се ублажат внатрешните тензии на постојните политички заедници, но притоа се прашува дали можат да создадат ново општество. Одговорот е во неговата констатација дека процесот на европската интеграција ги доведе во прашање некои европски заедници кои дефинираа европски национални држави, но не успеа да создаде европски народ. Или кажано поедноставно, членството во ЕУ, во клубот на европските национални држави, е сепак полесно од европеизацијата на популистичките авторитарни системи и режими. Ако за првото некогаш се потребни и две-три децении, се разбира, ако одите по правиот пат, за второто се неопходни барем еден до два века. Многу тешко се станува Европеец од Балканец, па ако сакате и од источно и централноевропските граѓани ако процесите на тоа зреење се изолирани во затворени национални држави со кои управуваат деспоти и диктатори, а притоа Брисел има само советодавна позиција. Оттаму и произлегува конечниот заклучок на Крастев дека неминовни се крупни промени во ЕУ бидејќи сосема е јасно дека европскиот проект каков што го знаеме не може да преживее во средина во која доминираат популистички власти.
Македонија останува во исчекување уште ден-два дали ќе победи определбата за ЕУ и демократија или ќе надвладее жилавоста на режимот добро нафатиран и залегнат на државните јасли повеќе од цела деценија. Партиските лидери спротивставени на режимот кои заседаваат како кардинали при избор на папа ако не ја препознаат историската шанса за остварување на големата идеја одново и одново ја праќаат пораката на која предупредува и Крастев: „Луѓето повеќе не сонуваат за иднината. Наместо тоа сонуваат за други места. Во овој поврзан свет, миграциите за разлика од утопиите на демагозите на 21 век навистина нудат за миг радикална промена. Тие не бараат идеологија, ни водачи, ни политички покрети. Не бараат ни промена на власта, туку само промена на географијата. За да го смените животот, не ви е потребна политичка партија, туку само чамец“. Јас би додал во нашиот случај уште посигурно е да побарате бугарски пасош. Тоа е најбрзиот начин за ваше спасување и за исчезнување на Македонија. Последен час е кардиналите да пуштат бел чад.
(Објавено во Утрински)

