Banner
Мое ќоше

На патот кон исчезнување

zagaduvanje1

Кога има ветер нема магла. Кога ќе дувне посилно откај Шара, па и од Водно во престолнината на Македонија станува видливо, се гледа со голо око се’ што беше скриено и обвиткано во магла. Ветерот го проветрува Скопје од загадениот воздух. Ако пак изгрее и сонце, тогаш маглата испарува, исчезнува додека трепнеш. Значи ветер и сонце некогаш се единствениот спас од опасно загрозување на човековото здравје. Но, тоа велат експертите не е трајно решение, бидејќи треба секој ден да се молиме да има поволни климатски услови и да дува од сите страни за да може ветровите да ги заобиколат препреките што ги поставиле некои „човеци“.

Молбите многу не помагаат, Господ од поодамна не ја посетува библиска Македонија оти ни е многу лут што на толку многу сонце и ветер што ни испраќа се’ уште живееме во магла и никако да научиме од каде дува ветерот и од каде изгрева и каде заоѓа сонцето. Господ одамна ни пратил повеќепати абер дека човековата околина во Македонија ја трујат луѓето. Никако да разбереме дека треба да се сменат тие што сеат магла, да се сменат загадувачите, а не да чекаме да не’ возат без пари за да дишеме слободно. Така не’ возат цели десет и пол години и не’ лажат дека е бадијала, а секој билет е прескапо платен со човечки животи и со живот во најголема сиромаштија и беда во Европа.

Уште колку време ќе треба да не’ возат за да научиме дека провевот е добра работа за да дишеме слободно чист воздух. Ама и тоа дека таквото прочистување трае кратко само еден-два дена додека дува ветер и грее сонцето. За постојано чиста животна средина треба затварање на вистинските загадувачи кои десет години залегнале во фотелјите и ја усмрдеа цела Македонија, па и пошироко целиот регион, што веќе некои се прашуваат и тоа многу гласно и застрашувачки дали не е најдобро да ја го распарчат и ова парче што остана цело пред 100 и кусур години.

Ова не е шега, ако веќе не сте ја слушнале, прочитајте ја изјавата на републиканскиот американски конгресмен Дана Рорабакер кажана јавно преку телевизија во Тирана изречена како катил ферман до граѓаните на Македонија и која ја вознемири македонската јавност толку многу што ги принудија дури и загадувачите на државата да го кренат гласот против сестринската американска републиканска партија и конгресменот на омилениот им американски претседател Доналд Трамп. А само до вчера во Трамп полагаа големи надежи дека нема да дозволи американско замешателство во внатрешните работи на Македонија, односно силно ќе застане во заштита на невино осомничените македонски функционери да не ја загубат власта со непријателски коалиции на Албанци и не баш вистински Македонци.

И конечно да видиме со студени глави што тој господин Дана кој цели 23 години е конгресмен, згора и член на комитетот за надворешни работи и потпретседател на комитетот за европски работи, ни порача од Тирана и нам и на соседите, па и на Европа. Колку и да звучи страшно би рекол ништо особено освен што е тоа уште еден поалармантен повик во низата други да ја расчистиме што побргу маглата бидејќи на човекот му било многу жал дека Македонија не е држава оти кај нас имало толку голема поделба и никогаш во иднина не можеме да живееме заедно. И Дана (ец) поради тоа мислел, мислел, мислел, мислел… и смислил како да ни помогне, па нашол феноменално добро решение, Албанците од Македонија да бидат дел од Косово, а остатокот од Македонија, односно Македонците да бидат дел од Бугарија, или на некоја друга држава со која Македонците сметаат дека се поврзани. Мудриот конгресмен најверојатно мислел на Србија, ама тоа баш не му било угодно да го каже во Тирана, па оставил можност сами да избираме сакаме да одиме со Бугарите или со Србите. Тоа морало така да биде бидејќи по распадот на Југославија и покрај американската поддршка, од Македонија не бидувало држава.

Се разбира откако ми се спушти крвта од главата и малку се потсмирив кога слушнав колку енергично реагирало нашето Министерство за надворешни работи барајќи Стејт департментот итно да реагира и да ја осуди ваквата налудничавост на конгресменот Дана, а само пред неколку дена мајка му расплакавме на тој исти Стејт департмент со напаѓање на американската политика и на амбасадорот Џес Бејли и тоа директно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. И овој пат од лутата реакција на МНР до Вашингтон им се треселе гаќите на сите во Стејт департментот оти лично претседателот Трамп им телефонирал од Белата куќа да не си играат играчки со Македонија, а конгресменот што тресел глупости во Тирана веднаш ќе биде принуден да поднесе оставка и да се извини на македонскиот народ.

А, што ако оваа што го зборува конгресменот навистина се крчка во некои кабинети и глави како и во изминатите сто и кусур години во зависност од тоа колку е стабилна Македонија. Сега на некој му се видело дека ова е вистинскиот момент за исчезнување на Македонија. Што мислите дали ќе засмрди уште посилно на Југославија пред распадот ако не се расчисти веднаш со загадувачите на човековата околина и сејачите на магла. Можеби господин Дана сакал, бил платен или бил само задолжен да ни ја прати таа опомена. Не знам што уште чекаат преговарачите за конституирање на новиот парламент и на новата влада, без кои навистина не бидува држава. Само со брз избор на нова влада и со конституирање на новиот состав на Собранието, со ослободување на заробената држава и со владеење на правото, со независни судови и медиуми со слободни граѓани и институции на системот и конгресменот Дана и сите на кои им е примамлива оваа идеја како повеќевековен сон ќе замолчат како и секогаш кога е Македонија олрајт. Уште денес треба да се отстранат загадувачите и да се дигне маглата.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *