Banner
Мое ќоше

Русија и Америка во македонскиот котел

gruevski-ksmit

Во зовриениот македонски политички котел, властите и опозицијата се’ посилно ја подгреваат улогата на Америка и на Русија, но и на првите соседи, во разрешување на кризата и постизборното коалицирање за конституирање на Собранието и на владата. Се разбира, влијанието на велесилите е присутно постојано и секаде и не може да се исклучи ни во Македонија, но агресивните пропагандисти со популистичка примитивна кампања наметнуваат лажна слика во јавноста дека двете велесили немаат поважна работа отколку да му помогнат, секој од своја страна, на режимот на Груевски да продолжи да владее без контрола и да ја избегне правдата и судската разврска по поведените тешки обвинувања на Специјалното јавно обвинителство. Таква помош и поддршка за македонските власти и политичари кои се под истрага не даваат ни Америка, ни Русија.

Она што и’ се сервира на домашната публика како американска и како руска поддршка е голема лага. Ситуацијата, оголена од пропаганди, е сосема обратна, иако се различни мотивите и на Русија и на Америка и на комшиите за влијание на Балканот. Режими никој не поддржува, барем не гласно. Ни Русија, ни Америка не поддржуваат попречување на коалиции при тесен изборен резултат за конституирање на парламентот и формирање на нова влада по законски пат и според уставните норми. Тоа нема никогаш да го слушнете од надлежни институции и личности на двете велесили. Такви изјави даваат разно разни лобисти платени и неплатени, а официјалните државни институции и на Америка и на ЕУ главно се насочени за поддршка на Македонија кон демократизација и европеизација на општеството во спроведување на реформите и остварување на нејзините стратегиски цели и приоритети, членство во ЕУ и во НАТО прифатени од сите политички партии, надлежни институции на државата и од огромното мнозинство на граѓаните без оглед на нивната партиска, политичка и национална определба.

Критиките и укажувањата на ЕУ и на Америка за задушување на демократијата, за ограничување на слободата на медиумите, на независноста на судството, попречување на правдата во Македонија власта преку своите медиуми ги претставува како мешање во внатрешните работи на државата, како непријателски личен чин на странските дипломати и како заговор за дестабилизација на Македонија. Повеќе амбасадори кои ги претставуваат своите држави во Македонија, особено оние со кои имаме најдобри економски и политички односи и кои најмногу финансиски ја помагаат Македонија се изложени на столбот на срамот, прислушувани се нивните телефонски разговори и лично навредувани и сатанизирани преку провладините медиуми. Со тоа се нанесени големи штети по угледот на државата, а се подрива и нејзината и онака кревка економија на штета на сите граѓани.

До вчера Америка според владините медиумски послушници и апологети беше најголемото зло за Македонија и за светот, а новиот претседател Доналд Трамп е глорифициран како спасителот на режимот на Никола Груевски. Со Русија и со Путин се кокетира подолго време, иако Македонија не успеа со Русија да воспостави ниту економски, ниту политички односи, ни оддалеку како некои други поранешни југословенски републики веќе членки на ЕУ и на НАТО. Македонските власти побрзаа да направат салто мортале од нападите врз Америка и ЕУ со величање на Трамп и британскиот „Брегзит“ прогласувајќи ги за виновници лично амбасадорите на Америка, Германија, Холандија, Италија, небаре тие спроведувале во Македонија некоја своја лична политика, а не на нивните влади. И како и кај секоја лага со куси нозе, брзо се дозна дека и Стејт департментот и Брисел стојат зад своите дипломати соопштувајќи дека нивните јавни настапи се ставови на нивните државни институции и на заедничката европска надворешна политика. За жал, никој од овие лаги ниту се засрами, ниту се извини, туку напротив се бараат како поткрепа различни изјави од добро платени лобисти со парите на граѓаните на Македонија.

Последниот скандал беше со изјавите на неколку американски конгресмени предводени од конгресменот Кристофер Смит против сопствениот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, за неговата дипломатска активност со закана да биде повикан на одговорност. Притоа се шпекулира со наводно заземање страна од амбасадорот Бејли и давање поддршка на социјализмот. Очигледно конгресменот Смит не знае дека дава поддршка на режим чии перјаници се под истрага осомничени за изборен криминал и за корупција, за тешка повеќекратна злоупотреба на функциите. Сигурно господин Смит не знае дека тие што ги поддржува во Македонија, како што тоа го направи по личната неодамнешна средба кога го испофали Груевски за лидерство, се под истрага и ја спречуваат судската разврска. Веројатно не чул и тоа дека еднодецениски коалициски партнер на страховладата е најголемиот социјалистички олигарх во Македонија.

Лобизмот е се’ уште легален во Америка, ама сигурно се коси и со моралните и со световните закони да се поддржува попречувањето на владеење на правото и да се дава поддршка на политичари кои својата земја ја внеле во списокот на неслободни земји според оцените на „Фридом хаус“.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *