
„Титаник“, пред сто и кусур години, најсигурниот и најголем брод на светот потона на својата прва пловидба на 15 април 1912 година во водите на Атлантскиот Океан. Не го издржа судирот со санта мраз. Од силината на ударот со невидливиот подводен дел на ледената планина трупот му се отвори како патент на виндјакна. Луксузниот пловечки хотел се наполни со вода и заврши на дното. Во големата катастрофа се удавија 1.500 луѓе кои патуваа за Њујорк. Се спасија 724 среќници. Митот за „Титаник“ живее и денес по 104 години. На 11 декември на копно во Македонија ќе потоне и нашиот македонски „Титаник“ во судир со правдата. Ќе бидат спасени остатокот од два милиона граѓани кои не успеаја навреме да избегаат од логорот, од тиранија, од мафија и од безнадежност. Македонија на 12 декември ќе биде слободна земја.
Лошата копија на „Титаник“, дефинитивно, по една деценија заминува на дното откако ги извози своите патници на суво и по магла продавајќи им за скапи пари илузија дека пловат на патот кон рајот по мирно море. Со лажниот брод ќе потонат и капетанот, креаторите и извршителите на најголемиот грабеж во историјата на Македонија. Со нив заминуваат и слугите и глувците.
Мотивот за споредба на лажниот со вистинскиот „Титаник“ во оваа сторија е само поради асоцијацијата на првиот случај на големата надеж за кој Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истражна постапка и кој се води под името „Титаник“. Овој се’ уште несуден парекселанс судски предмет се однесува на десетина кривични дела поврзани со изборите. Истражната постапка е отворена поради шокантни сознанија и основани сомневања за што веќе обвинителите располагаат и со еден куп докази дека во изборни циклуси има такви нерегуларности кои власта ја прават нелегитимна. Со Македонија владее без никаква институционална и демократска и парламентарна контрола повеќе години злосторничко здружение, кое извршило тешки повреди на избирачкото право на граѓаните почнувајќи од повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал, и злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања во 2012 година. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи уште на првата конференција за печат отворајќи го случајот „Титаник“ пред јавноста предизвика шок покажувајќи со прст на злосторничкото здружение за изборен криминал. Фетаи наведе дека министрите за внатрешни работи, за транспорт и врски и секретарот на тогашната влада, како и други лица, го искористиле влијанието и на локално и на државно ниво и создале група за вршење кривични дела за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите.
Се разбира, и на малите деца во Македонија им е јасно за која партија станува збор и за кои министри. И од „бомбите“ на Зоран Заев се изнаслушавме во живо за голем број предизборни, изборни нерегуларности на злосторничкото здружение со што се потврдени многуте сомнежи дека постојаните победи на една партија и еден политичар не се чисти, туку главната улога, според зборовите на министерката Гордана Јанкулоска од прислушуваните разговори, била на ВМРО во МВР. Злосторниците си курдисале двојни предизборни штабови едни на терен низ градовите за шминкање пред јавноста, а други во канцелариите на Министерството за внатрешни работи за фалсификување на изборите. Така се ределе сигурните победи на изборите, така се доаѓало на власт без контрола. Така е создаден режимот и уништена демократијата и слободата, така е сотрено владеењето на правото и правната држава, така се заробени судовите, медиумите, парламентот и сите институции на системот во државата. Така е озаконет грабежот и така е инсталиран монструозниот проект за држење под надзор на илјадници граѓани следејќи ги деноноќно со години нивните комуникации. Сето тоа е направено за лажниот „Титаник“ да не потоне и да не се откријат криминалите, милионските износи на корупција и провизии, така е легализирана злоупотребата на функциите за слободно уништување на туѓ имот и за сопствено богатење, за попречување на правдата. Изграден е стравотен коруптивен систем на клиенти. Македонија за една деценија е претворена во држава на башибозук на парапартиска земја во која поделбата е на скороевички и полтронски естаблишмент создаден вештачки од вмровската врхушка, а останатото се граѓани од втор ред, збирштина на предавници и непријатели. Создадена е нова балканско-примитивна ариевска класа која ги исцеди сите ресурси на државата како лимон вклучувајќи и ги и баснословните заборчувања и на неродените генерации. Во ерата на груевизмот е изедена иднината на Македонија. Затоа „Титаник“ мора повторно да потоне и на суво бидејќи се дозна дека не полови, туку дека одамна е заринкан во батак. Таму треба и да исчезне како во жив песок.
П.С. Во предметот „Титаник“ на Специјалното обвинителство се преземени голем број истражни дејства врз основа на сигурни докази. Делата за кои се осомничени учесниците во злосторничкото здружение само по овој предмет според законодавецот се кривични и за нив се добива затворска казна од три години. Ако се ослободат судовите и ако почне конечно да функционира правдата за сите сторители на кривични дела, тогаш некои затворски казни можат да стасаат и до 101 година затвор, а некои и над 200 години. Ете затоа, почитувани читатели, жестоко се спречува правдата во Македонија, се заплашуваат граѓаните со федерализација, кантонизација, редефинирање на државата со албанизација. Тоа го прават луѓето кои бегаат од правдата и кои имаат уплав од обвинителната клупа. На 11 декември ќе одам прв на избирачкото место за да гласам и да му направам едно дупче на „Титаник“, баш кај трупот, кое до вечер треба да го прошириме доволно за да потоне во жив песок.
(Објавено во Утрински)

