
Никола Груевски и Драган Павловиќ Латас, најголемите македонски јунаци и патриоти, избезумени од пораз на изборите, а уште повеќе од тоа дека ќе се соочат со правдата повеќе на подол отколку на перфиден начин, се заканија со ликвидација на Зоран Заев. Режираа во живо медиумско популистичка мелодрама во која кукавиците плашат мечка со дајре.
Самопрогласениот победник и самонаречен иден премиер кој бара 63 пратеници блед како крпа од митингашка бина во Делчево му порача на Заев да не зборува за Гоце Делчев, оти да е жив ќе му го прати Андон Ќосето. Заканата е ептен јасна и веднаш прочитана како од буквар. Ќосето е вмровскиот колач и терорист, сериски убиец, кој ликвидирал над 100 луѓе, го издал и сопствениот брат и го убил пред турскиот аскер. Во негова слава е подигнат оној грд споменик со кој Груевски го испогани и Гоце Делчев и Делчево и Македонија уште кога постави паметник во чест на Ќосето со исукана кама пред судските палати во Скопје.
Тоа се единствените судови во светот каде што се дели правдата симболизирана на влезот со терорист и убиец со кама и со револвер во рацете, наместо со божицата на правдата која на кантар одмерува правда со врзани очи. Оти тој што дели правда треба да биде „слеп“ и да не гледа дали пред него е владетел или слуга. Тоа е еден од низата споменици на срамот кој прв треба да се урне по победата на демократијата и слободата за да почнат судските процеси во ослободени судови, а не да им виси камата на Ќосето над главите на судиите.
Колегите новинари и поголем број јавни личности веќе напишаа дека таков јазик, не доликува на обичен граѓанин изговорени во меана или во тесен круг, а не на човек кој се умислил дека е голем државник и реформатор. Иако овие критики држат, јас не мислам така. Баш е тоа јазикот што на Груевски најмногу му приличи. Кога нарачува шамари и кога се кикоти како психопат тогаш е најавтентичен, сетете се како се смееше кога му објаснуваше на „слушај Миле“ за човекот што му ја минира зградата како сиротиот мочал низ ногавица од страв во премиерската канцеларија. Тоа е неговиот вистински јазик кога најавува жиснерадосен дека ќе му се јави на истиот човек пред Рамазан да го остави и без сон и без надеж. Тоа е тој уличарски јазик кога шета со затемнето комбе по Скопје и телефонски нарачува за џабалак атрактивни плацеви, кога прашува за кинеските провизии и кога нарачува мерцедес од 600.000 евра и дигање во воздух со динамит на куќи и на згради. Тоа е неговиот вистински јазик и тогаш е тој оригиналниот со глава и брада Никола Груевски.
Кога пак зборува префинето за големите светски успеси и странски инвестиции, за економски реформи и вработувања, за светлата иднина и илјадници проекти што ќе ја усреќат Македонија, тоа не е неговиот јазик. Да има вистиномер ќе експлодира од лаги. Тоа е јазикот на автократ, на човек без елементарен демократскиот капацитет, со ниско ниво на толеранција, тоа е јазикот на искомплексиран нереализиран статист на драмски театар, на боксер кој немал ниту еден меч на ринг и бивши брокер што не направил ниту една голема зделка.
Драган Павловиќ Латас пак при обилна порција на јадење бурек со Јанко ја пушта подлата порака дека Зоран Заев по изборот за премиер може да биде ликвидиран како и српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ од албански терористи и екстремисти бидејќи не ќе може да ги исполни ветувањата. Демек треба здраво за готово да веруваме во ваквите небулози на Д-р Латас од два аспекта. Првиот аспект, дека Заев сигурно склучил сојуз со албанските екстремисти и радикали, не со ДУИ и ДПА, кои беа во овие десет годни партнери на ВМРО-ДПМНЕ во поделба на власта и кога е воспоставена двојазичноста во Македонија. Тезата на Латас која ја вергла со денови е дека Заев ја продал државата на опасни терористи за да се федерализира, односно да се подели на парампарчиња. Што да ви кажам, ова се лаги од оној тип на кои не им верува ни лажачот, освен ако веќе не е патолошки случај, или толку исплашен од промена на власта што влегува во познатата замка кога ваквите клевети и јавни измами стануваат контрапродуктивни, па револтираната јавност застанува масовно зад жртвите на пропагандна агресија без можност на одбрана.
Втората подла и перфидна порака на Латас е дека Зоран Ѓинѓиќ не го ликвидирала српската мафија по нарачка на политиката, туку дека тоа го направиле албанските терористи, или пак во најмала рака тие го нарачале убиството на српскиот премиер бидејќи нели премногу бил демократ во разрешување на проблемот за независноста на Косово, ама не можел тоа да го испорача. Таков бил и случајот со Заев. Цртани филмови за мали деца од тазе доктор по новинарство.
Миленко Неделковски овој пат за чудо е навидум поумерен, тој пак со писмото до ВМРО во стилот на разочаран болшевик кој се обраќа до Сталин и централниот комитет на партијата предупредува дека ако почнат да се полнат бирачките сандачиња со гласови на Албанците во корист на Заев ќе падне крв. Неделковски сака да каже дека Албанците досега полнеа гласачки кутии во корист на ВМРО-ДПМНЕ, ама овој пат ќе ги полнат за СДСМ. Се’ ми се чини дека оваа закана „крв ќе падне“ е всушност подготовка на власта да крши кутии каде што ќе биде евидентно по излезноста дека ги губи изборите. Се знае во оваа држава кој крши кутии на изборите и кој ги окрвави рацете. Другите предупредувања на Миленко се до Груевски дека мора да дојде до конечна пресметка со предавниците, а не да се биде попустлив кон непријателите. Миленко се чувствува осамен во битките, тагува и се жали дека го напуштиле сите, па бара од вождот и од ВМРО-ДПМНЕ поголема решителност. Некои луѓе кои воопшто не му се допаѓаат се на изборните листи, особено Никола Поповски, што го загрижува Миленко до очај бидејќи тоа лигле никако не смее да биде замена на Никола Груевски. Миленко Неделковски медиумската перјаница на ВМРО-ДПМНЕ резигнирано извикува „и по Никола Никола“ демек „и по Тито Тито,“ ама не Поповски, туку Груевски. Класичен симптом на уплашен слуга.
Има уште нешто што се крие зад мотивите на ваквиот јазик на закани со убиства и крвави раце, освен што е стравот и соочување со судската правда по падот на власта. Се работи за последици од недостиг на дебата и дијалог кои веќе десет години се протерани од Македонија. За иднината на земјата расправаат само истомисленци. Секоја чест на исклучоци. Храбрите патриоти и големите реформатори и креатори на светските достигнувања бегаат од соочувања и со противниците и со судот. Затоа и Груевски и неговите соработници и следбеници имаат потреба од јавни закани по животот на политичките противници како надомест на својот кукавичлук. Груевски бегаше и од Црвенковски и од Шеќеринска и од Бучковски, сега има уплав од Заев. Груевски е научен да одговара само на нарачани прашања. Штом е изненаден со некое непријатно прашање се укочува како зајак пред питон и не знае што да каже. Вака многу му е полесно да нарача преку Гоце Делчев да дојде Ќосето и да ја заврши работата со Заев. Да не беше пред камери можеше да нарача и нешто многу поефикасно да дојде некој нов Ќосе. Штом работата дојде да се вика на помош Ќосето, и да се поистоветува судбината на Заев со Ѓинѓиќ и да се заканува со „крв ќе падне,“ мислам дека прво ќе падне режимот.
(Објавено во Утрински)

