
Доаѓа човек на трафика: Дајте ми еден „Утрински весник“. Продавачката: Веќе десет пати ви кажав – нема.
Човекот: Како нема, се продаде !?
Продавачката: Аман господине, колку пати треба да повторам дека не излегува.
Човекот: Не излегува, па, тоа сакам да го слушнам. Не излегува, велите, не излегува, тоа, тоа сакам да го слушнам…
Се разбира, ова е виц.
„Утрински весник“, тешко, ама се’ уште излегува. Како заразен весникар одамна тврдам дека весниците ќе живеат еден ден повеќе од државата. Во ерата на интернет последни ќе ја објават веста во утринските изданија дека ја нема повеќе државата. „Утрински весник“ е повеќе од весник од првиот ден на неговото појавување на нерегуларниот македонски медиумски пазар. Добро напишал некни еден колега на социјалните мрежи: „Утрински весник“ ги менува газдите, ама никогаш не се продаде. Тоа е точно. „По ’Утрински‘ денот се познава“ беше нашиот слоган со кукурикање на петлето кое постави нови стандарди во македонското новинарство кои политиката и нерегуларниот натпревар се’ уште не успеа да ги урне до крај.
„Утрински“ нема да згасне е последната вест. Чекаме да видиме колкава е цената за тоа да знаеме дали е тоа добра или еднакво лоша вест. Весник без неговите новинари, иако десеткувани, нема да биде тоа што беше. Се’ уште во Македонија е најевтино она што во светот е најскапо во работата на медиумите. Тоа се новинарите. Решението, ако има желба да се сочува весникот, треба да се бара на друго место, не кај новинарите. Таму веќе одамна нема резерви. Исцедени се како лимон.
Еве уште една приказна поучна за менаџерите на медиуми. Лавот решил да отвори весник. Викнал под наем 50 магариња да работат. Работата тргнала одлично. Весникот се продавал како алва, магарињата пишувале убаво, весникот бил полн со текстови и реклами. Така терале неколку години, кога лавот се замислил и си рекол доста работев, треба малку и да уживам и решил за главен менаџер да ја постави мечката. Магарињата уплашени почнале да негодуваат. Мечката наредила покрај извештаите за работа што уредниците – магариња ја подготвувале за лавот да пишуваат извештаи и за неа. Магарињата продолжиле да работат ама и да мрморат, дека мечката претерува. Видела не видела, мечката да си ја олесни работата го викнала волкот за заменик. Волкот веднаш направил целосна реорганизација и вовел нови обврски и правила во работата и ги намалил платите. Магарињата продолжиле да работат, ама почнале да се бунат се’ погласно. Се намалиле и тиражот и рекламите. Волкот ја викнал лисицата да ги среди работите и да воведе најсовремени практики на работење со испитување на јавното мислење, повеќе анкети на читателите зошто паѓа тиражот, разговори со огласувачите, нови електронски изданија и уште помали плати, сето тоа со истите магариња за да не се зголемат трошоците. Магарињата пренатоварени се’ погласно почнале да се бунат, иако продолжиле да работат. Кога тиражите и рекламите ептен паднале, лавот свикал итен состанок со менаџментот. Три дена се водела тешка расправа додека лавот, мечката, волкот и лисицата не донеле значајна одлука: да се отпуштат половина од магарињата, а тие што ќе останат да ја преземат нивната работа. Ги викнале магарињата на разговор и им соопштиле дека ако и ова не успее, ќе го затворат весникот.
Денеска весникот излезе на пазарот. Со поголема упорност и кондиција може да се најде на некои трафики, а многу полесно на интернет. Последните вести се дека нема ништо ново и кога има големи чуда. Чудата веќе не се прва вест. Ептен навикнавме на нив. Еве, на пример, последното чудо е бајато како да пукнала бомба во Багдад или Алепо. Пак има поплава во Стајковци. Не било ни до магарињата, ни до дождот, ни до Господ. Менаџментот не предвидел да се регулираат водотеците. Тоа ќе се реши по изборите, влезено е во сите партиски програми.
Во ВМРО-ДПМНЕ е стабилно, се оди на изборна победа со 63 пратеници, толку нарача лидерот и никој нема да се буни ако не е на листата. Заслужните партиски дејци што нема да бидат на пратеничките листи ќе бидат министри, заменици, помошници, директори, шефови на јавни препријатија, началници, судии, обвинители, бизнисмени, за сите ќе има по нешто. Стара вест: уште е голем уплавот од Специјалното јавно обвинителство.
Од опозицијата стасуваат лоши пораки до гласачите. Има повеќе кандидати за пратеници отколку места на листите. Никој не сака да биде министер, директор, државен секретар, началник… најсигурно им е пратеник. Дали тоа значи дека овие од опозицијата не веруваат во победа, па најатрактивно им е пратеничкото место. Ако тие не веруваат во победа, па кој друг ќе им верува. За принципиелните реакции секоја чест, за демократичноста да се каже слободно незадоволството од одделни кандидати исто така, но да не заборавиме дека суштината е во големата слика на очекуваните промени.
(Објавено во Утрински)

