
„Јас не би бил јас кога држам ваков говор ако не обелоденам неколку нови проекти и реални мерки кои планираме да ги реализираме“. Вака Никола Груевски им се обрати на жените на ВМРО-ДПМНЕ пред да ги наброи големите успеси и нови странски инвестиции кои ќе донесат благодат и работа за невработените и спас од големата сиромаштија. Ништо необично за предизборен говор пред вмровските активисти, вообичаен и за голем број политичари при нивните настапи во своите предизборни кампањи кога најмногу се лаже, дури повеќе отколку по лов и риболов. Се’ уште има луѓе кои веруваат дека по Данска, Англија, Норвешка и Шведска навистина Македонија е петта во Европа по рајска бизнис-клима. Кога видов кој се’ е зад нас ме облеа една милина и среќа која не можам да ви ја опишам. Вистинско уживање е кога во нешто, па макар и во плукање во далечина зад вас е една Германија, Франција, Италија, Швајцарија, безмалку цел свет.
Но, тој не би бил тој, односно Груевски не би бил Груевски ако покрај светските достигнувања и отворање нови фабрики и погони, поголем дел од својот говор не го употреби за оцрнување не само на своите противници, туку и на своите довчерашни партнери и сојузници кои ја напуштиле коалицијата бидејќи навреме, или со задоцнување осознале каде оди Македонија и не сакаат да бидат соучесници во тиранијата. Ќе речете и тука нема ништо ново, тоа си е вмровска традиција да се извалка, навреди, исмее и понижи се’ што не е вмровско во земјата. Така е, во право сте и во тоа нема ништо необично. Одамна позната работа на бербатење во светот да се оди на изборна победа со плукање и навреди, дури и ако сте десет години на власт без никаква контрола. Не остана личност во Македонија која покажала политички амбиции или несогласување и критички приод кон политиките на властите, а да не биде компромитирана со разни измислици и подметнувања и прогласена за предавник, непријател, шпион и странски платеник.
Но, во говорот на Груевски се појави нешто што одудира од неговата најава „јас не би бил јас“, односно тој не би бил тој ако не го нападне жестоко и Али Ахмети својот најверен партнер во поделба на власта. Досега Груевски никогаш не го нападнал вака директно Ахмети. Дали станува збор за додаток на вообичаената предизборна доктрина која ја применуваа двајцата партнери на сите избори последниве години и која се состоеше од националистичка реторика со заострување на меѓуетничките односи, или како што ѕвонарите на тревога го викаат контролирана нестабилност. Тоа е онаа ситуација кога редовно пред изборите почнуваат тепачките во училишните дворови, во градските автобуси и по улиците, на спортските стадиони, во кафулињата… меѓу Албанци и Македонци стимулирани од партиските штабови. Тоа е време кога се палат национални знамиња и стари автобуси, кога се цртаат старо-нови географски карти и кога се повикуваат своите следбеници во одбрана на загрозените човекови права и на државните интереси против тие со кого безмалку една деценија ја делат власта.
Така беше досега, а дали и овој тазе предизборен судир меѓу Ахмети и Груевски е фингиран до уште една поделба на власта или се работи за едно многу посуштинско и подлабоко разидување ќе се дознае многу бргу.
Што е тоа што толку многу го налутило Груевски, та не може, а да не го нападне јавно и пред жените на ВМРО-ДПМНЕ својот верен партнер со кој ја дели власта сиве овие години и кој во сите критични моменти му дал поддршка. Или кажано наједноставно, зошто Груевски директно го нападна Ахмети. Толку ли е непростливо што Али Ахмети пред подмладокот на ДУИ зборувал дека владеење на правото подеднакво за сите е голема и значајна работа за иднината на државата. Ахмети се заложил јасно и гласно Специјалното обвинителство да продолжи непречено со својата работа во гонење на криминалот и се’ она што е противзаконско без рок на траење на СЈО. Поточно, СЈО да продолжи да работи до влезот на Македонија во НАТО. Во таа реченица СЈО да работи непречено до влезот на Македонија во НАТО Груевски препознава непријателски чин и разоткривање на политиките на ДУИ. Тоа страшно го налутило лидерот на ВМРО- ДПМНЕ што не можел, а да не го нападне жестоко Али Ахмети, бидејќи навистина непречената работа на СЈО е голема опасност. Што мислите дали Ахмети се залага да го види Груевски на обвинителна клупа во повеќе судски процеси, или пак знае дека е невин, исто колку и тој, па по изборите лесно ќе се докаже нивната невиност.
Интересно е што и двајцата партнери и Груевски и Ахмети зборуваат за замешетелства од странство во внатрешните работи на Македонија, но не се знае точно на кого мисли Ахмети кога зборува за странско мешање, на Русија или на Америка и на ЕУ. За Груевски е познато дека тој е креатор на барање на странски инвестиции и заборчувања на Македонија до гуша претежно од Запад. Ќе признаете, чудни некои заеми и вложувања од страна на непријателите на Македонија. Груевски не би бил Груевски ако не каже дали кога зборува за странски мешања во Македонија и за обидите за нејзина дестабилизација мисли на тие држави каде што оди да моли за финансиска и политичка поддршка од претседателите и премиерите, министрите и носителите на политиките на тие земји, или пак мисли на некои други држави кои се во нашето соседство. Вака од она што може да се прочита во провладините и провмровски медиуми наши најголеми непријатели се Америка, ЕУ и НАТО нашите стратегиски партнери и инвеститори, а најблиска ни е Русија. Ако е така, време е гласно да се каже дека ова со нашето членство во НАТО и во ЕУ како наш највисок приоритет е лага. Највисок приоритет на Груевски останува да се освои власта, да се укине СЈО и правдата.
(Објавено во Утрински)

