
Таман решив да одам пешки до Брисел во знак на протест што цели 12 години сме вечен кандидат за прием во ЕУ, кога од таму стаса абер дека е забрането движење на пешаци од Македонија кон Европа. Си реков, види ги ороспии вавилонски, пред цели 25 години само што полетавме накај западната цивилизација полни со еуфорија и надежи за подобар и побогат живот, уште тогаш не’ приземјија, ни рекоа јаваш, јаваш, полека, полека оваа работа не оди така, треба да исполните некои услови, не можете да трчате боси по трње. Потоа ни ги укинаа возовите и автобусите, а сега не може ни пешки.
По илјадити пат ни повторуваат како папагали: за членска карта треба не само да ги научите правилата во клубот, туку и да ги примените во вашата земја. И оттогаш наваму постојано не заебаваат дека треба да направиме коренити реформи за да почнеме преговори со бриселските бирократи. Се утепавме од реформи, со децении правиме разни реформи, стасавме до прваци на светот по реформи, петти сме во Европа по бизнис-клима, а тие само измислуваат нови и нови услови. Европските циници и соросоиди, инсталирани од ЦИА ги има насекаде, ни велат тоа треба да го направите заради вас, а не заради нас. Море гоните се у п.м. Нас ни е ептен добро без вас. Уживаме во бизнис-клима и големите успеси кои не’ воздигнаа над Скандинавија ние сме за вас не Мон Блан, туку Монт Еверес. Откако ова им го повторуваме секоја година, тие упорно ни велат имате препорака за отпочнување преговори, ама морате да завршите уште неколку стари незавршени работи и уште две-три нови задачи, па да почнеме да правиме муабет за вашата европска иднина. И секоја година од бетер побетер, Европа назадува, само што не се распаднала на парампарчиња, а ние одиме напред. Па што бараме кај што владее распад.
И што ни бараат сега во последниот извештај бриселските чиновници. Тие појма немаат дека никој во Македонија не се вознемирува за нивните извештаи, ниту пак некој се интересира што таму пишуваат скрибомани. Без да читаме ние знаеме дека тие сакаат да го смениме името на државата, националниот идентитет, да го смениме јазикот и веднаш ќе ги избришат глупостите што ги препишуваат од година во година и додаваат се’ нови и нови будалштини.
Еве неколку невозможни побарувања од Брисел кои директно засегаат во националниот идентитет, гордост и достоинство. Замислете бараат слободни избори, како што тие ги викаат кредибилни кои ќе ги признае меѓународната заедница. Инаку нема да важат. Какви кредибилни бре, ние веќе десет години имаме кретенобилни избори во кои победуваат секогаш бројачите на гласови. Да се крсти човек со две раце, што би рекол проф. Ѓорги Марјановиќ кога ќе прочита дека овие лудаци од Брисел бараат да и’ се излезе во пресрет на Катица Јанева и на Специјалното обвинителство да продолжи рокот за поднесување обвиненија и да се донесе законот за заштита на сведоци. Која е таа Катица Јанева да бара закони и да гони невини функционери како да се најдолни криминалци. Таа не знае дека сите се невини додека не се докаже вината, а и тоа отпаѓа ако победи на избори. Знаат ли што зборуваат овие луѓе, па тие сакаат да ги пикнат во затвор победниците на слободни и фер избори и да ја погазат народната волја.
Не го ставиле во извештајот, но тајно најавуваат дека ако овие две работи не се завршат со продолжување на мандатот на СЈО и со итно донесување закон за заштитени сведоци по теркот на Катица Јанева, ЕУ ќе се заложи за формирање на специјален суд… а ако треба и полиција како во Романија. Не се нормални, па Македонија има најчесно раководство во цела Европа. Досега не е осуден ниту еден висок функционер од оваа власт, која десет години владее без да чепне ништо. Очигледно СЈО е поставена од странска разузнавачка служба, договорена и изгласана во парламентот од странски платеници и предавници.
Од Брисел уште бараат да не се спречува правдата, да не се суди селективно, под влијание на Зоран Заев, лидерот на опозицијата, а најдоброто судство во светот повторно го набедија дека е под влијание на власта. Навредливо лоша оцена е изречена во тој шугав извештај за целиот судски систем во Македонија и дека на тоа одамна е укажувано, ама власта не покажала политичка волја за решавање на проблемите. Тоа, се разбира е ординарна лага на бриселските мудросерковци. Како власта не покажала грижа. Па знаат ли тие дека уште при изборот на правници кои ќе ја посетуваат академијата за подготовка на обвинители и судии се прави најстрога партиска селекција. Ако не си вмровец по мајка и по татко, не можеш да бидеш ни записничар во судот, а не судија, или обвинител. Сите што беа неподобни судии и обвинители одамна се преместени на соодветни места. Кај нас претседателот на кривичен суд си гради два ката дива градба среде Скопје. Кај смее ваш судија да помисли таква работа да гради дивоградба во центарот на Брисел, веднаш ќе го затворите во лудница.
Без срам и перде сте наредиле таму во извештајот уште триста глупости, те сме немале слобода на медиумите, те институциите на системот се под контрола на власта, те земјата страда од политичка култура на поделби, сакате да кажете страдаме од некултура, простотилак и провинционализам…пишувате за нарушени човекови права и слободи, за организиран и финансиски криминал, барате конфискација на имоти на криминалците во политиката, а не знаете дека нашата државна антикорупциска комисија нема работа, нашата полиција и нашето обвинителство за десет години не открија ниту еден случај некој од врвот на власта да направи обичен прекршок, а не кривично дело или каков било криминал. Ни наметнавте криза најголема од 2001 година наваму со монтажа на вашите прислушувани телефонски разговори на илјадници граѓани на Македонија.
Се’ може да ви простиме, ама да кажете за светски прваци во економски реформи дека има знаци на слабост и дека економијата ни страда од лошо образование и малку инвестиции, е тоа не можеме да ви го простиме никогаш. Останете си таму кај што сте, ние остануваме сами на Балканот. На своја земја, сме свои и ќе си правиме што си сакаме. Престанете да ни праќате тоалетна хартија, знаеме ние како тоа се прави и без хартија.
(Објавено во Утрински)

