Banner
Мое ќоше

Зошто нема правда

Pravosudstvo-1-e1362043996883

Деновиве добив едно автентично сведоштво како во Македонија се станува јавен обвинител и судија. Ова е трагично сознание како е деградиран целиот судски систем и зошто владеењето на правото е неприменлива работа. Ова е сторија за корените на злото и зошто нема правда или ако ја има, ја има само за некои граѓани. Еве го сведоштвото на крунскиот сведок кое можете и самите лесно да го проверите:

„Ќерка на поранешна судијка во Врховен суд и сопруга на познат директор на јавно препријатие е еден од кандидатите за прием во шестата генерација во Академијата за судии и јавни обвинители ’Павел Шатев‘. На писмениот дел од приемниот испит за студиите од граѓанска и кривична материја и кои треба да бидат клучни за квалитетот на кандидатот таа освоила 2,5 бода од 8 колку што можат да се освојат. Едвај успеала да го помине прагот за да може да поднесува правни лекови (приговори, жалби итн.). Значи, со својот личен капацитет и без помош од страна или од други, толку. Од тој момент започнува вистинска ’борба преку правни лекови‘ и целосно успева во таа борба, односно кандидатаката станува вистински победник. Таа ја започнува т.н. правна битка со органите на Академијата за судии и јавни обвинители – Комисијата за полагање приемен испит и со Управниот одбор на Академијата, а потоа и со Управниот суд и Вишиот управен суд. Така, против решението, со кое и’ е утврден резултатот од 2,5 бода на писмениот дел од приемниот испит, поднесува приговор бр.07-178/33 од 11.4.2016 година, кој делумно и’ се уважува од страна на Комисијата за полагање приемен испит, а потоа поднесува и жалба бр.07-204/17 од 6.5.2016 год. до Управниот одбор на Академијата, која исто така делумно и’ се уважува. На тој начин, на 2,5 бода и’ признаваат и и’ додаваат уште 2,5 бода така што само од органите на Академијата е наградена со 2,5 бода и стигнува до 5 бода. Меѓутоа, амбициозната кандидатака не се задоволува со тој ’успех‘, туку борбата ја продолжува пред Управниот суд поднесувајќи тужба. Од страна на Управниот суд Скопје е донесена одлука У-5.бр.2005/2012 од 7.9.2016 година, со која и’ се додава нов 1 бод и така добива 6 бода. Таа не е задоволна и сака да ги добие сите 8 бода. Затоа и на првостепената одлука поднесува жалба до Вишиот управен суд, која и’ се усвојува со одлука Уж-3.бр.547/2016 од 5.10.2016 год. Оваа ’макотрпна борба‘ не е завршена бидејќи со последната одлука на Вишиот управен суд постои можност да и’ бидат признаени нови бодови и таа да ги освои сите можни 8. Останува отворено прашањето дали ќе успее да победи бидејќи правдата е на нејзина страна или, пак, таа заедно со мајката и сопругот успеала да ја впрегне и да ја придобие партиската машинерија да работи како нејзин сојузник.

За да се уверите дека сето ова не е приказна, туку жива вистина, ве упатувам да ја отворите официјалната страница на Вишиот управен суд Скопје и да ја најдете одлуката Уж-3.бр.547/2016 со датум 5.10.2016 год. Се надевам дека ќе ја разберете нејзината содржина бидејќи станува збор за одлука во која се применети сите правни трикови, толкувања и слично, но на крајот сепак ќе заклучите дека на овој случај паднале на испит веројатно сите повикани органи, Академијата за судии и јавни обвинители (во чии органи по функција членуваат највисоките функционери во правосудството на оваа држава), како и Управниот суд во сите инстанци.

Е, сега, заклучокот е дека доколку постапката за прием на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители била јавна и транспарентна, кандидатот, нашиот главен јунак, со нејзиниот квалитет и подготвеност и со остварените резултати на примениот испит, на прелиминарната ранг-листа би се нашла во најдобар случај на 50. место од 60 и би немала ниту теоретски шанси да биде примена. Но, затоа тука се скриените игри благодарение на кои преку милоста на органите на Академијата и Управниот суд идниот судија или обвинител ќе добие ’доволен‘ број бодови за да се најде меѓу 30-те кандидати и ќе го заземе местото на некој друг кандидат кој чесно и со огромен ангажман самиот успеал да направи резултат за прием во почетната обука на академијата.

Ова не е единствен случај бидејќи постојат и други кандидати кои преку правни толкувања и по пат на ’жалби и други творби‘ ќе бидат наградени со бодови што не ги заслужуваат. Има и кандидати што полагаа приемен испит, а кои на почетокот не ги исполнуваа условите за прием. На крајот тие ќе бидат примени во почетната обука на Академијата наместо оние што навистина го заслужуваат тоа. По завршувањето на обуката, истите тие кандидати ќе станат судии и јавни обвинители и ќе бидат заштитници на правото и носители на правораздавањето. Жално, ама вистинито“.

Ова е сведоштвото за моето ќоше како една од причините за грубата партизација на правосудниот систем уште при селекцијата на изборот кој може да стане судија или обвинител. За повеќе детали се надевам дека ова е доволна провокација за истражувачките новинари.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *