Banner
Мое ќоше

Аманетот на единствениот жив сведок

gjorgji-filipovski

Академик Ѓорги Филиповски е постар од државата цели 26 години. Факт, сам по себе, доволен за почит. Деновиве овој 97-годишен научник во неколку продолженија го објавува своето сведоштво во „Утрински весник“ за развојот на науката во текот на седум децении. Настан од историско значење, феномен многу редок, ако не и единствен по многу нешта. Сведоштвото на ак. Филиповски е многу повеќеслојно од развојот на науката и на државата во целина во изминатите 71 година. Текстот се чита во еден здив. Пленува автентичноста, едноставноста, свежината и длабочината на мислата на овој македонски деец кој наближува да наполни еден век. Откако ќе го прочитате сведоштвото на иконата на МАНУ, препорачувам неколку пати, ќе се уверите дека всушност станува збор за аманет со сериозна порака и опомена за иднината на Македонија.

Ак. Филиповски непретенциозно најавува дека повод за ваквото сведоштво му се перспективите на високото образование и научноистражувачките дејности како основен предуслов за севкупен развој на едно општество и една држава. Без наука и добро образование нема развој. Скромно вели: „би сакал да фрлам поглед на развојот на науката од ослободувањето до денес, би ги разгледал горливите проблеми на нашата наука што чекаат решение, потоа грижата на државата за развојот на науката, подемите и падовите на тој развој, статусот на научниците во разни фази од тој развој… И навистина фрла поглед ак. Филиповски, и тоа каков продорен и јасен од кој луѓето кои одлучуваат во државата, во науката, во образованието треба да ги прифатат добронамерните и искуствените пораки таложени во мудра глава цело едно столетие. Овој наш мудрец во вистинска смисла на зборот вели „ќе зборувам од гледиште на научник и непосреден учесник на многу настани на кои сум изгледа единствениот жив сведок“.

Телеграфски запишувам по мој избор само неколку куси фактографии, другото прочитајте го сами, можеби ќе ви ја разбуди рамнодушноста. Ак. Филиповски пишува: „Незаборавни се првите 10-15 години по ослободувањето со максимална грижа на државата за развиток на науката, високото образование и културата, грижа која ни до денес не е повторена. Таа грижа ја извлече земјата од страшна заостанатост… Така во почетокот на 1945 година се усвои азбуката и се кодифицира литературниот јазик. Во 1946 година се основа Филозофскиот факултет на кој за првпат се чу збор на македонски јазик во високообразовна институција. Во 1949 година се основа скопскиот универзитет. Од азбука до универзитет минаа само четири години. Тоа е непознато во историјата на европските народи…“ Така било по војната кога е постигнат огромен напредок, како е сега во независна и слободна Македонија навлезена длабоко во втората деценија од 21 век. Ак. Филиповски вели: неколку години пред осамостојувањето започнаа проблемите. Со осамостојувањето тие се засилија. Научниците го изгубија своето влијание. Финансирањето се влоши и настапи период на стагнација, па дури и назадување во научноистражувачките дејности. Состојбата се влоши уште повеќе во последната деценија кога се интензивираа проблемите. Науката и научниците се најдоа на маргините на општеството, понекогаш дури и игнорирани и дискредитирани…“ Потоа следуваат прецизно набројани факти и егзактни податоци и бројки кои недвосмислено покажуваат која е „рак раната“ и зошто драматично заостанува науката во Македонија во однос и на Европа и на нашите соседи. Податоците се од извештаите на Светска банка и од архивот на ак. Филиповски што го носи на рамениците ќе биде цело столетие. „Повеќе од осум години баравме залудно средства за завршување на проектот за изработка на 63 почвени карти и 11 студии за нашите почви. За тоа беа собрани сите потребни научни материјали во текот на повеќе децении. Проектот беше успешно завршен благодарение на разбирањето на ФАО, агенција на ОН, која од својот фонд за наука ни додели 340.000 долари. Пред нивните експерти кои ни помогнаа се срамевме поради тоа што тие покажаа поголем интерес за нашите почви од нашата земја“ сведочи ак. Филиповски.

Своето сведоштво и аманет за иднината на науката, образованието, а со тоа и на државата напишани на 15 страници едноставно и разбирливо ак. Филиповски го завршува со зборовите, како што вели, на нашиот великан Крсте Мисирков во делото за „Македонцките работи“ каде што пред сто години е запишана историската порака за значењето на науката и културата: „Науката и литературата сет нај важниот фактор во развивајнето на једен народ, како народ. По степента на развивајнето на науката и литертурата у једен народ се мерит негоата култура, а и по ниф се делат народите на културни и не културни, културните народи владеат, а не културните робуваат“. Да, тоа е напишано од Мисирков, од човек со вистинска визија. Дали тие што денес одлучуваат за науката ја имаат визијата на Крсте Мисирков од пред сто години, прашува ак. Филиповски и притоа го дава и одговорот кој е опфатен во целата статија. Дециден е одговорот и на последното прашање: може ли да се подобрат сегашните состојби. Се разбира дека може, вели Филиповски. Потребен е пресврт. Најнапред во сфаќањата како предуслов за сите други промени. Научниците не се без надеж. Очекуваат пресвртот да започне следната година со формирањето на стабилна влада, без оглед кој ќе ја формира. Тие се длабоко убедени дека земји со такви состојби во науката какви што се нашите, не можат да имаат светла иднина. Го завршува својот аманет ак. Филиповски.

Нашиот столетен научник има импозантна биографија. Еве само неколку телеграфски податоци за еден исклучително возбудлив живот во бурни времиња. Ѓорѓи Филиповски е роден во Сорович, Леринско, на 6 мај 1919 година. Родителите му се по потекло од Битола, каде што завршил гимназија. Студирал на Земјоделско-шумарскиот факултет во Белград и во Софија каде што дипломирал 1942 година со најдобар успех во генерацијата и поради тоа бил избран за асистент. По војната почнува неговата научна кариера на 28- годишна возраст е избран за најмлад наставник на штотуку формираниот Земјоделско- шумарски факултет во Скопје. Основач е на катедрата за педологија и агрохемија на истиот факултет и со неа раководи повеќе децении. Современиците велат остана запаметено дека во тој период беше една од најдобро организираните и опремени катедри со модерни лаборатории и богати збирки. Академик Филиповски беше еден од првите тројца декани на факултетот на 37-годишна возраст и се’ до пензионирањето 1987 година важеше за еден од најомилените професори на Земјоделско- шумарскиот факултет чии предавања ги следеле 40 генерации студенти. Бил ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Избран е за член на МАНУ во првиот состав од 1967 година, и 12 години е потпретседател на МАНУ. Негово капитално дело е почвите на Македонија во шест тома, бил визитинг-професор во Калифорнија САД, повеќе години држел предавања на постдипломски студии на универзитетите во Белград, во Бари, на Крит, носител е на титулата доктор хонорис кауса на Универзитетот Братфорд, Англија. Како експерт престојувал повеќе месеци во Египет во врска со користење на водите од Асуанската брана за мелиорирање на солените почви во делтата на реката Нил, член е на комисијата на ФАО за изработка на педолошка карта на Европа. Зборува осум јазици од кои три светски и пет балкански… Зад овие куси биографски податоци стои гаранција од едно столетие.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *