Banner
Мое ќоше

Што ни се случува

 

dragan-nikolic1

Насловот на денешниот текст го позајмив од колумните на нашиот извонреден колумнист, писател, новинар и човек Драган Николиќ, кој последните години од животот ги поарчи одговарајќи на ова прашање редовно во „Утрински весник“. Текстовите во неговата рубрика „Што ни се случува“ беа мали и брилијантни студии кои и денес се актуелни како пред повеќе од десет години кога се пишувани. Ќе бидат актуелни и уште долги години бидејќи историјата на Балканот се повторува како фарса, а нашите трауми иако откриени со прецизна дијагноза остануваат неизлечени…

Моето ќоше денес му го посветувам на Драган Николиќ, кој веќе десет години како не е со нас, како мал потсетник на еден голем новинар и зналец на балканските состојби. Оваа позајмица на насловот на која нема да ми се налути, е и поради денешнава актуелна тема која Николиќ ја објасни пред да ни се случи со историската грешка на новите балкански држави по распадот на Југославија. А, тоа е политички грубо наметнатата доктрина на драматичен дисконтинуитет да се напушти и уништи се’ што било добро и лошо во минатото. Со валканата вода од коритото го фрливме и детето. Денес во Македонија сме соочени со трагедијата од последиците на тој драматичен дисконтинуитет се’ уште неосвестени кој тоа ни го прави и зошто ни се случува тоа. Уште не ја откривме сопствената сила и универзалната стратегиска доктрина како да се изврши притисок врз политиката да не ги брише стекнатите права кои се платени со крв и страдања, да не смее да ги ограничува слободата и демократијата, да го почитува владеењето на правото и да ги прифати стандардите на западната парламентарна демократија со неопходната институционална и медиумска контрола на власта.

Прв во Македонија зборовите драматичен дисконтинуитет 1998 година ги употреби Васил Тупурковски, иако никогаш не разбрав што мислеше со тоа, сигурен сум дека Тупурковски не ја гледал иднината во оваа насока која изминатата деценија целосно ја примени Никола Груевски. Денешните последици од таа политика на фрлање на детето од корито се гледаат во сите сфери на општествениот живот и во политиката и во економијата и во науката, во културата во спортот, во квалитетот на живеење на граѓаните… Ако тргнеме од политиката, парламентарната демократија одамна е карикатурална, спротивна на името што го носи. Социјалистичкото еднопартиско Собрание на Македонија последните години пред големите промени и прогласување на независноста на Македонија кое со акламации ги донесе сите закони за промена на општествено-политичкиот и економскиот систем за овој наш денешен парламент е научен институт за демократија, политичка и парламентарна култура. Тешко извојуваните и стекнати придобивки во развојот на демократијата и слободата на медиумите, заштита на човековите права се буквално згазени и поништени. И во медиумите и во судството уништена е независноста која навистина беше кревка, но во силен подем, а цензурата и притисокот врз судовите во сите инстанции се прогласени за патриотизам и херојство во војната со измислените непријатели и предавници.

Во науката е извршена срамна интервенција на политиката со пропаганда за нов антички идентитет и проблематизирање на словенското потекло и словенските корени на Македонците и македонскиот јазик што во светските научни кругови предизвикува потсмев и вчудовидување. Маргинализација е извршена и кон најголемата историска победа на Македонија во Антифашистичката војна и формирањето на првата современа македонска држава. На жртвите во борбата за слободна држава во Втората светска војна им се урнати скромните спомен-бисти и споменици, сменети се имињата на улиците кои го одржуваа споменот на народните херои со нови имиња на антички јунаци. Подигнати се грандиозни споменици, покрај античките, дури и на некои осведочени македоноубијци од поблиската историја за што уште се свежи сеќавањата и раните. Во културата владее провинционализмот и примитивизмот и полтронството. Во архитектурата е направено нешто пострашно и од дисконтинуитетот. Бескрупулозно е украдено авторството на убавите зданија и е сменет личниот опис на центарот на главниот град. Наместо современ град, добивме лечилиште на комплекси на новите владетели кои сакаат да ги надоместат недостатоците од минатите векови величајќи се себеси. Додека во 21 век ни ѕидаа скапоцени кули од барок и рококо и ги менуваа фасадите, гореа, пропаѓаа и се ограбуваа црквите и манастирите од 13 и 14, 15… век, се запустија ориенталните чаршии и стариот дел од градовите.

Економскиот развој со кој ни ја наполнија главата и бесрамно се фалат 24/7 политичарите е голема лага. Во Македонија има голем раст само на сиромаштијата и бедата. Грандиозните економски успеси не допираат до две третини од населението. Само клиентите на партиите на власт обезбедуваат бенефит кој не е базиран на реален економски расат, туку на драматично брзо заборчување на државата во милијарди евра. Голем раст има и на организираниот криминал и корупцијата.

Драматичен дисконтинуитет е видлив и на нашиот пат кон евроатлантските интеграции иако сите власти тврдат дека тоа е стратегиски приоритет на државата за што има силен партиски и граѓански консензус. За жал, по кандидатурата патот кон Европа е целосно погрешен, односно одиме по беспаќе главно вртејќи се во круг. Со режим и лаги не се стасува веќе ни на Балканот, а не Европа. За тоа има милион оправдувања, а нема ниту едно решение. Нашите лидери се прогласуваат за прозападно ориентирани, а преку своите контролирани медиуми водат антизападна политика. Така се стигнува само до таму кај што сме, длабоко заглавени.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *