Banner
Мое ќоше

Кризата падна во кома

televizii4

Прекрасен е овој наш паралелен живот, реален и виртуелен. Сакате успеси, големи достигнувања, радост и среќа, притиснете копче и веднаш влегувате во рајот. На сите страни само убавини. Сакате да ја видите одблизу кризата, бедата и сиромаштијата, тиранијата, моралната и духовната трагедија, отворете ги очите и чукнете се малку по главата. Лето по лето, есен по есен, зима по зима, година по година толку сраснавме со кризата, што пролетта на је ни забележуваме, а изгледа дека во Македонија веќе и нема пролет. Тоа годишно време галиба е укинато. Опасно е, тера на будење, на размислување за нов почеток.

Во една ваква тропска клима и кризата влезе во криза. Толку нарасна и расцвета на сите страни што и самата падна во коматозна состојба. Дијагностичарите велат дека е стабилна, ама се одржува приклучена на ТВ-апарати. Ако се исклучат, готова е. Не вирее изложена на вистина. Лагата е нејзината идеална средина за размножување во нови и нови форми. Така со тек на времето кризата стана виновна за се’ што ни се случува лошо во земјата, во семејството, во животот, во работата… За сите наши несреќи, страдања, неуспеси и грешки крива е кризата.

Поради кризата Македонија заостанува на патот за Европа и за членство во ЕУ и во НАТО. Поради кризата е укината демократијата, бидејќи во криза мора да се штеди на слободата да не прерасне во анархија. Поради кризата не може да функционира правната држава, ни може да се воведе владеење на правото, а поради кризата ќе мора да се спречат и сите обиди да се води истрага како дојде до кризата. Поради кризата има неликвидност, овој економски израз значи кога никој на никого не му плаќа за сработеното и за услугите. Не плаќаат ни приватните компании, ни јавните, ниту пак државата ги намирува своите долгови на домашните фирми кои не се доволно лојални на власта, односно не даваат толку пари за партиската каса колку што се очекува од нив. Поточно плаќаат само тие што мораат. Поради кризата државата се задолжува секој ден, ама буквално секој ден и дома и во странство. Ако нема пари ќе експлодира кризата, затоа државната каса треба постојано да биде полна за да се одржува кризата. Поради кризата се намалени странските инвестиции. Поради кризата медиумите кај што се сместени апаратите за нејзино одржување во живот мора да бидат под строга контрола да не се открие вистината. Поради кризата е големата безработица и мизерија, поради неа е и јагмата за бугарски пасоши и потрагата за спас усвет со нов идентитет, поради неа младите бегаат од државата. Неодамна убаво ми тресна во лице еден освестен Македонец, кој ми рече толку е зголемен патриотизмот во Македонија во највисоките политички, деловни и научни ешалони што обичните луѓе не можат да дојдат на ред за бугарско државјанство. Се разбира дека и за тоа е виновна кризата, оти сиромаштијата била помалку издржлива од гордоста за славното минато и идентитет.

Кризата во Македонија стана вселенска категорија, како да е донесена од космосот, се до моментот додека не се постави прашањето кој ја предизвика. Во тој момент се вклучуваат автоматски ТВ-апаратите и веднаш следува одговорот, кој е папагалски. Кризата ја предизвикаа опозицијата, Сорос, странските платеници, Америка и Европската Унија и лошите комшии кои сакаат да ја уништат, обезличат и поделат Македонија. Ако го поставите и прашањето зошто сакаат тоа да ни го направат, нема одговор. Не е ни потребен, тој се подразбира сам по себе, сакаат да не’ нема оти не’ мразат, оти сме многу геостратегиски значајни како раскрсница на светот, оти имаме големи природни и рудни богатства кои ќе ни ги ограбат. Имаме многу душмани поради нашето многу славно минато бидејќи вчера дознавме дека ни го украле и уште сто други приказни и разни митови.

Ако, пак, се обидете да докажувате дека власта е одговорна за вкупните состојби во државата затоа што е инсталиран дефектен системски монструм кој овозможува управување со државата без контрола, кој ја карикира парламентарната демократија, го попречува владеењето на правото, го заштитува криминалот и корупцијата на највисоките функционери, тогаш, се соочувате со нова канонада на сатанизација, дека тоа се нарачки од ЦИА, од Сорос, од Америка и од црниот ѓавол. Така влеговме во паралелниот свет да живееме со години во криза и во големи успеси, во зависност каква е дневната потреба на владетелите. Кризата и непријателите се потребни за оправдување на големите грешки, промашувања и криминал, а успесите за натамошно непречено владеење. И сега еве ја трагикомичната реалност која се менува од час во час: Америка работи против Македонија и е извор на кризата, за по неколку минути да слушнеме како значајни американски компании вложуваат свои пари во инвестицискиот рај, кај светскиот шампион во бизнис-клима. Влијателни политичари на Германија блиски соработници на канцеларот Ангела Меркел ѓоа три дена и три ноќи водат значајни разговори со врвот на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Никола Груевски, за по десет минути да се објави дека ЕУ е пред распаѓање, а Меркел ги губи изборите оти била многу наклонета на бегалците од војните на Блискиот Исток. Следуваат 24 часа нонстоп ред криза и домашни и странски непријатели, ред успеси и достигнувања.

Агресивната медиумска пропаганда успеа во изминатите десет години да ја помести сликата за тоа што е нормално, а што ненормално, што е последица, а што причина за длабоката политичка, економска и духовна криза во која потона Македонија. За да се прикаже криминалот од прислушуваните разговори, најмасовното кршење на човековите права на еден режим, пуштена е нонстоп во оптек кампањата дека не е важна содржината од разговорите, туку тој што прислушувал, не е важна истрагата што е вистина, а што лага, туку изборите, не е важна судската и правната разврска, туку изборните резултати, не е важно да се казнат тие што направиле злодела, туку тие што ги обелодениле и се’ така во недоглед. Не било режим забраната на стотици проскрибирани јавни личности кои не можат да се појават на владините телевизии да го кажат своето мислење, туку демократија е тоа што можеле неколку колумнисти и медиуми да пишуваат критички за работата на власта. Не било гушење на слободата што нема јавен дијалог и дебата на различно мислечки луѓе, туку тоа што истомисленици ни кажуваат монолози. Не било професионализам да се објавуваат мислења кои се спротивни на уредувачките политики во медиумите диктирани од партиските штабови, туку голем подвиг и храброст било да се велича и фали власта и да се плука опозицијата и луѓето кои не припаѓаат на политичките партии, но знаат да го разликуваат доброто од злото.

Крајниот резултат од овој трагичен амбиент во кој цела деценија живеат граѓаните на Македонија е поделено и строго партизирано општество со тешки системски проблеми да не може да се откријат вистинските вредности и насоки каде треба да се движи државата. Решенијата кои ни се нудат најдобронамерно од дома и однадвор за излез од кризата кој е автохтон домашен производ на неспособните и алчни властелини се прогласуваат експресно за непријателски чин и загроза на власта чие паѓање веќе се прикажува како катаклизма и пропаст на државата. Работата е обратна, кон исчезнување на државата води натамошното опстојување на режимот и попречување на правдата и судската разврска евидентни во истрагата на Специјалното обвинителство.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *