Banner
Мое ќоше

Македонија по 25 години

makedonija

Децата кои се родија во независна Република Македонија веќе се зрели луѓе со полни 25 години. Доволно време да се оформат како слободни и образовани личности. Тие што пак ја дочекаа самостојноста малолетни веќе се во поодминати години кога е рано да завршиш, а доцна да почнеш. Историчарите велат тоа е голем период во еден човечки живот, но во историјата е само миг. Политичарите пак цели 25 години зборуваат за остварување на вековните стремежи на народот.

Утре Македонија одбележува четврт век од својата независност, како и секоја година ќе се изнаслушаме говори за големите успеси и високи дострели мерено по критериумите и на историјата и на биолошките закони за потрошени 25 години од животот. Единствено нема ништо да слушнеме кои стратегиски цели и приоритети се остварени во изминатите две и пол децении што е повеќе од половината период што го имаа претходниците за изградба и развој на првата федерална држава 1944-1991 година. Се разбира, нема да ги споредувам двата периода оти се неспоредливи не само за начинот како е стекната слободата и со кои жртви 1944 и 1991 година, туку и поради нерамноправните стартни позиции на тие што ја курдисаа првата македонска држава со она што го почнаа нивните наследници во 1991 година. Тоа е повеќе работа за новите генерации непристрасни историчари кои допрва треба да се изборат за својата независност и самостојност.

Она што сега е мерливо и претставува универзален аршин за успешноста на една држава и вкупен општествен развој е фактот што Македонија во изминатите 25 години не ја оправда независноста и самостојноста и не ги оствари вековните стремежи на граѓаните. Ни една од главните цели на државата не е реализирана. Напротив, опасноста за нејзиниот опстанок е се’ поголема поради долготрајните политички и економски кризи, меѓуетничките тензии, се’ поголемата сиромаштија, бесперспективноста и високиот бран на иселување на младите и образовани луѓе од татковината. Со податоците на легално иселени луѓе од Македонија се шпекулира бидејќи не се земаат предвид тие што заминале со туѓи пасоши и што таму кај што живеат и работат се регистрирани како државјани на други држави, најчесто членки на ЕУ.

Општоприфатена мерка за успешноста на политиката во светот е како живеат граѓаните, колку се подобрил нивниот личен и општествен стандард за време на управување со државата на една власт. Колку се подобрил квалитетот на живеење по критериумите и нормите на Обединетите нации, колку се подобрила безбедноста и сигурноста на државата и на граѓаните. Во новонастанатите држави основна мерка за напредокот е колку е изградена правната држава и владеење на правото, како функционираат институциите на системот и уставната поделба на власта на извршна, законодавна и судска, односно колку е самостоен парламентот, Уставниот суд, монетарната политика и медиумите. Политичките критериуми како слободата и демократијата се основниот предуслов за вкупниот развој, вклучувајќи го и економскиот развој, културниот, науката, образованието, здравството, спортот… Следуваат изградбата на современа инфраструктура и заштитата на човековата околина. И се разбира евроатланските интеграции во двата најголеми светски економски и воени сојузи ЕУ и НАТО како врвен приоритет на сите нови држави во Источна и Југоисточна Европа.

Овие определби и во Македонија се јасно запишани во речиси сите партиски програми, во парламентарни декларации и резолуции, во Уставот, во меѓународни договори и документи, тие се главна тема на сите предизборни ветувања и се определба на огромното мнозинство граѓани. И ако по 25 години се постави најлогичното прашање што од тоа е остварено. Одговорот е катастрофален. Ништо. Буквално ништо. Во многу нешта дури сме зад 1991 година. Ниту е подобрен стандардот на населението, тој се’ уште заостанува зад 1989 година и на личен и на општествен план. Назадуваме мерено според просекот на стандардот што Македонија го имаше во споредба со тогашната Европска заедница, денес ЕУ. Квалитетот на живот според стандардите на ОН е со најбавен раст и е меѓу најлошите во Европа. Сиромаштијата е драматично зголемена во периодот на независноста. Инфраструктурата се’ уште не е изградена на пристојно ниво, а и тоа што е претходно е изградено не се одржува. Слободата, демократијата, човековите права, владеење на правото и функционирањето на институциите на системот се сериозно загрозени и одамна не функционираат. Грубата партизација на државата, владеењето без контрола, корупцијата и организираниот криминал се евидентни со еклатантни и емпириски докази. Независноста на медиумите и судството е во полоша состојба и од 1991 и од 2008 година. Граѓаните на Македонија се жртви на постојана валкана пропаганда и војна за власт. Евроатланските интеграции и членството во ЕУ и во НАТО се вратени на преткандидатскиот статус без изгледи нешто да се помрдне напред. Сите соседи што беа зад нас на патот за Европа сега се пред нас. Иселувањето и натаму тече како река. Во државата остануваат тие што не можат да заминат и привилегираните и клиентите на политиката.

За сите овие промашувања, погрешни политики и неостварени приоритети и стратегиски интереси досега има само оправдувања, решенија нема. Секогаш е некој друг виновен за сите стратегиски и историски грешки. Во изминатите 25 години главните политички ривали до 2006 година ја преземаа наизменично одговорноста да ги остварат интересите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ 14 години е на власт од кои последните десет непрекинато, девет годни се на СДСМ и две години експертската влада на првиот премиер Никола Кљусев. Колку што остварија од главните приоритети на државата и на граѓаните, толку и ја оправдаа независноста и самостојноста на Македонија. Решенија се’ уште нема на повидок.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *