
Основното јавно обвинителство од Скопје испрати барање до Судот кое според содржината треба да влезе во аналите не само на правната наука, туку во еден исклучително критичен период и во историјата на државата. Обвинителството побара од судот шест професори од Економскиот факултет кои се осомничени за кривични дела за давање и примање мито, злоупотреба на службената должност и овластувања, да им биде забрането да одат на работа за да не го попречат нормалното водење на кривичната постапка. Судот денеска треба да одлучи по ова барање, а најверојатно кога ќе го читате текстот таа одлука веќе ќе биде донесена и позната. Без оглед што ќе одлучи судот, образложението на обвинителството за овој чекор на превенција да не се попречува правдата додека трае истражната постапка е мошне интересно и инспиративно од повеќе аспекти поврзани со политичката, моралната и правната криза во која Македонија се дави повеќе години.
Еве што се вели меѓу другото во образложението на Основното јавно обвинителство Скопје за поднесување на ваквото барање до судот, кое неслучајно стаса и до целата јавност: „И покрај истражната постапка, забележано е дека обвинетите продолжуваат да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет во Скопје и притоа се во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и со жртвите во кривичната постапка што се води. Со оглед на тоа што кривичните дела за кои се води постапка се поврзани како со извршувањето на нивните работни активности, така и со студентите и со меѓусебната комуникација на факултетот, јавниот обвинител цени со судска одлука да им се забрани на обвинетите да ги извршуваат работните активности до правосилно завршување на постапката“. Не знам колку се цврсти и прецизни законските норми за една ваква пресуда, пред да се докаже вината на обвинетите во редовна судска постапка, меѓутоа една аналогија силно се наметнува сама по себе по ваквото јавно обраќање на јавниот обвинител до Судот.
Е сега замислете си едно вакво потполно исто барање до Судот поднесено од Специјалното јавно обвинителство, или ако уште верувате во правниот систем од редовното јавно обвинителство потпишано лично од јавниот обвинител Марко Зврлевски во кое се бара на шест највисоки и највлијателни функционери на ВМРО- ДПМНЕ кои се осомничени за кривични дела давање и примање поткуп и посредување, за злоупотреба на службената положба и овластувања, за злосторничко здружување во местење на избори и уште десетина тешки кривични дела за организиран криминал, корупција, нарушување на човекови права и слободи… да им биде забрането да одат на работа, да се занимаваат со политика, да учествуваат во изборни кампањи и да бидат на изборни листи. Образложението на јавниот обвинител не би отстапувало многу од она за шесте универзитетски професори и би можело да гласи: И покрај истражната постапка, забележано е дека осомничените политичари продолжуваат со своите работни активности на сеење пропаганда и притоа се во секојдневен контакт со голем број луѓе, а со тоа и со оштетените граѓани на Македонија, жртви на големите лаги и измами. Со оглед на тоа што кривичните дела за кои се води истрага се поврзани како со извршувањето на нивните работни активности така и со граѓаните и со комуникација со целата јавност, јавниот обвинител цени со судска одлука на осомничените и на тие што ја попречуваат кривичната постапка и судска разврска да им се забрани да ги извршуваат своите работни активности до правосилно завршување на постапката. На осомничените и лицата против кои се води истрага, особено строго да им се забрани да бидат учесници и носители на изборни активности. Не смеат да извршуваат какви било јавни и партиски функции се’ до конечната пресуда на судот. Амин.
Ете тоа би било едно друго, но сосема идентично образложение со ова на Основното јавно обвинителство Скопје само со многу поголема тежина и за многу потешки кривични дела, чие правно разрешување со непристрасна судска пресуда би значело крај на политичката, моралната, економската, културната и духовната криза која ја турна Македонија во жив песок.
Па сега, драги мои, пресудете и вие самите дали вакво нешто е можно, дали има барем еден промил шанса Македонија да стане правна држава каде што би владеело правото и каде што не смеат ни да помислат државата да ја водат луѓе кои се во судир со законите, кои ја попречуваат правдата од позиција на власт и моќ кога се води истрага против нив иако се основано осомничени за тешка злоупотреба на функциите во долг временски период од една цела деценија. Еден од нив дури и управува од домашен притвор со Битола, вториот град по големина во државата.
Ако не добијат судска разврска, истрагите за изборни нерегуларности, за повеќегодишно прислушување на телефонските разговори на илјадници граѓани и јавни личности, за евидентниот организиран криминал и корупција што произлегуваат од тие разговори, за грубата пресметка со политичките противници, за уништување на нивниот имот и затворање во затвор со нарачани судски пресуди, за нарушување на човековите права и слободи, за поткупување и контрола на медиумите, за воведување цензура… ако и за ова никој не седне на судската клупа, туку се бркаат вештерки и измислуваат непријатели, тогаш за какви избори зборуваме ако тие луѓе како сакаат, како со својот џеб располагаат со милијарди евра наши пари и нивни долгови со кои не’ заборчиле без да не’ прашаат. Со луѓе осомничени за криминал, корупција, нелегитимно дојдени на власт по сомнителни избори за што се води истрага не се оди ни кино, а не на избори. Прво на суд по судска тапија за чесност, па потоа на избори. Друго чаре нема.
(Објавено во Утрински)


Sekoja cest Erole,mnogu ednostavno a odlicno sroceno za pravniot paradoks va Makedonija!