Banner
Мое ќоше

Патриоти-идиоти пеам во кафана

saqiri origjanski

Ако сакате да се освежите во овие тропски денови, тркнете и веднаш пронајдете го цедето на Златко Ориѓански и Бени Шакири. Проверено 102 насто ќе уживате во овој пекол како да сте ексклузивно сами во ваша рајска градина. Ќе си ја разладите и разгалите душата, дури ќе почнете да потпевнувате иако не ви е до пеење, гарант и ќе се насмеете и развеселите, но и со сета ќе воздивнете. Ќе дегустирате вкусна турли или елбасан тава, а може да пробате и имам бајалди, чорба и шопска или македонска салата, на крајот ќе завршите со десерт турска или грчка баклава, еписи бир, може и казан диби, грклан татлиси, ашуре… ги има тука сите ориентални звуци, вкусови и мириси. Се’ ви е некако познато како сето тоа вие лично да сте го создале, зготвиле, компонирале и испеале. Всушност, ќе станете сведок на универзален доказ дека генијалноста е во едноставноста.

Песните на маестро Златко Ориѓански и гласот на Бени Шакири откорнати од стомак и рафинирани во коморите на срцето се најдобрата освежувачка вест ова лето. Саде хит до хит, вкупно 12, сите посветени на Слободан Унковски, нашиот театарски гениј во чии претстави веќе се промовирани повеќето од овие восхитувачки дела. Има тука се’: и лирика која таман да ги пресечете вените ќе ве насмее, има жал за младост, но и за лудост, но се гледа големата разлика што значи да се биде луд, а што идиот. Има изобилие на македонски, албански, турски, грчки, српски… препознатливи ритми и зборови кои секој може слободно без последици да си ги присвои како негови, ама има и рок и поп и класика и барок и рококо и охохо. Има многу љубов, а верувам уште ја памтите онаа што им ја пеевте на децата, а сега на внуците: тапшин тапшин танана, ја и ти во свилена марама, е сега блесав Ориѓански додал (да живее) и секси Македонија. Има и нешто друго освен љубов во калабалакот од патриоти на патот од Скопје, Солун и Тирана преку Белград и Загреб до Љубљана, а зошто не и до Берлин, Париз, Москва, Лондон и Вашингтон. Бени пее и му прилега ептен: „патриоти идиоти пеам во кафана“, човекот растура од исмевање на умислени херои и лажни јунаци на целата оваа балканска и би додал, белосветска релација. Има во овие песни и чудесно убаво спакувана иронија со пристојна доза цинизам, како во „Генерале“ – одата за силните мажи, но најмногу од се’ има музика и стихови кои восхитуваат и облагородуваат. Преку музиката на Ориѓански и гласот на Бени ќе дознаете дека, всушност, сте биле полиглот и многу добро разбирате, покрај македонски, и грчки, и албански, и српски, и турски… ако и ова не го разбирате, ви нема лек. Всушност, ако и ова не го разбирате, ќе откриете дека не си ги знаете ни мајчиниот говор и татковиот јазик.

П.С.

Почитувани читатели, ви ветив дека се враќам во јули и во август за да се дружиме со поосвежувачки теми и дилеми. Арно ама, оваа наша калакурница не дозволува да одиме по „летна шема“, сенешто ни се случува што не остава простор да се чувствуваме и да живееме како сиот тој нормален свет на кој нашата абнормалност му ја препишуваме како оправдување и затскривање на нашите посебни потреби. Па испадна дека се’ што е ненормално во светот и некогаш кај нас сега е нормално. За да го исполнам ветувањето и да побарам прилично залудно освежување во оваа горештина, каде што и сенката станува неподнослива, ме спасија Златко Ориѓански и Бени Шакири. Затоа побрзајте, пуштете го ова чудо од музика и од песна малку погласно и уживајте барем час-два дневно како извонредна терапија од напаста на разни кретени, идиоти, патриоти, лажговци и арамии со кои сме опкружени од сите страни и кои со години го окупирале сиот етер.

Од утре почнуваме со ексклузивно откритие зошто Викторија Нуланд, американската функционерка, беше бледа како крпа кога изјави дека охрабрена го напушта Скопје од она што го слушнала од македонските политички лидери. Сирота Вики, премрена од страв избега за да не изгори жива во американската амбасада, која големиот пријател на Никола Груевски, познатиот скопски измамник Миленко Неделковски, кој лажно се претставува како новинар-шоумен, ги повикува патриотите-идиоти да го нападнат парчето американска територија во Македонија и да ја запалат амбасадата и да објават војна на Америка. Сега сите во власта се прават на удрени поради производот (големата кака) на својот штитеник, па дури и познатиот антиамериканец, гласноговорник на надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ, Ристо Никовски, се прави „енглез“ како тоа да не се случило. Одбиваат на глупост, демек Миленко е малку забеган кога мава по Америка, инаку за се’ друго е ептен паметен и добар гуслар на власта и на Никола Груевски со кој одамна е на ти, што би рекле моите, на биз бизе.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *