Banner
Мое ќоше

Голема „промаја“ во лудницата

stavre

Припомнете си уште кој остана во Владата од тимот на Никола Груевски откако експлодираа бомбите од прислушуваните разговори. Можат да се избројат на прсти од едната рака последните два-тројца најупорни министри. Последната оставка на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески поднесена од здравствени причини, во што не се сомневам, ќе беше вест на деценијата ако беше од морални причини и навреме поднесена.

Ставрески во своето јавно образложение на оставката, многу поинакво од она во прислушуваните разговори, не остава сомнеж дека има нешто против лудницата и лудаците кои купуваат скапи чоколади кога народот нема што да јаде и за кои му доаѓаше да ги тресне со телефонот од глава. Но, мошне индикативно е ако се суди според третманот на оставката од провладините медиуми зошто тој настан за нив не заслужува врвно внимание и е пласиран како помалку значаен од реновирање на едно училиште за 200.000 евра со тазе, можеби последен потпис на министерот пред заминување. Ќе биде година и пол откако политичката криза ја тресе владата како вејка на ветерот која од најзначајна институција во државата стана зјај пазар.

Се менуваа министри без образложенија, паѓаа како круши оставки на најблиските соработници на премиерот Никола Груевски, наводно против неговата волја како што лично ќе изјави прилично немушто. По своите соработници и самиот Груевски поднесе оставка како дел од договорот од Пржино за разрешување на кризата и како нова практика 100 дена пред секои избори во Македонија да се формира предизборна влада за да се раздвојат државните од партиските интереси и да се подготват слободни и фер избори. Стоте дена одамна поминаа, ама Груевски е уште во оставка, а владата која постигнува се’ уште историски успеси е десеткувана, личи на нешто што нема ни глава, ни опашка. Али Ахмети, вториот премиер во сенка, без некое рационално објаснување ги смени сите свои министри, а сега велат размислувал како да ги врати назад.

Сведоци сме на нов апсурд непознат во парламентарната историја не само на Македонија, туку и многу пошироко во регионот. Ја нема владата која е најголема причина за кризата. Најмоќниот човек во државата, бившиот премиер Груевски, во оставка брои денови до нови избори и заедно со своите соработници, исто така, сите во оставка чека судска разврска за сериозни обвинувања на Специјалното обвинителство откако не помина пред јавноста аболицијата на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Значи, ако уште не сте чуле, има нов премиер и нови министри, ама нема ништо ново. Државата пак ја водат истите луѓе што може да се види на сите вести и настани што се случуваат во една агресивна предизборна кампања за избори кои никој не знае кога ќе се одржат. Дали сега и најсомничавите ќе можат да откријат зошто нема излез од кризата, иако навидум се исполнети сите предуслови за нејзино надминување и разрешување. Работата е: се’ е исто како лани, а и тој е тука. Додека е тој тука, нема излез не само од кризата, туку и од подрумот на Европа во кој ќе не’ втурнат ако не ги препознаеме конечно причините зошто сме таму кај што сме.

По сите настани почнувајќи од експлозиите на бомбите и сето она што се случуваше оваа година и пол, не е тешко да се предвиди дека Македонија е на патот кон распаѓање, не затоа што така предвидува бивш шеф на ЦИА, или дека такво нешто е во агендата на американската разузнавачка служба, или во интерес на ЕУ со што секој ден поентираат и шпекулираат провладините медиуми, туку затоа што неспособните македонски политичари не’ однесоа на тој пат во битките за власт и со својата алчност и учество во организиран криминал. Македонија е на патот на исчезнување поради режимот инсталиран од оваа власт и поради загрозување на човековите права и слободи. Стабилна и демократска држава Република Македонија е од интерес и на Европа и на Америка и на целиот регион. Тие што тоа не можат да го видат, особено луѓето на одговорни позиции во државата, за жал и во медиумите, стануваат соучесници во цртањето нови граници и нови делби. Не постојат мотиви големите сили и ЕУ да учествуваат во дестабилизацијата на Македонија. Приказните за големото богатство во рудникот Алшар и за издашноста на подземните води кои би биле од интерес на Америка и Европа се глупави измислици. Интересот за стабилна Македонија е исклучиво во проектот за европеизација на Западен Балкан како спасување на последното упориште на примитивизмот и заостанатоста во Европа што при евентуални судири и граѓанска војна може да предизвика крвопролевање и стампедо на уште поголема миграција од сегашната кон Западна Европа. Предупредувањата на бившиот шеф на ЦИА се во насока: отворете очи и преземете мерки да не се претворите од позната и прифатена историска формула дека стабилна Македонија значи и стабилен Балкан што е дел од решението на проблемот. Да не стане работата обратна, па поради кризата и опасноста од судири, Македонија со нови граници да стане примамливо решение на проблемот.

Ако не дојде до преовладување на разумот и на одговорноста за иднината на државата, овој пат не само на неодговорните политичари, туку на неодговорната јавност која чинам се’ уште е во мнозинство, тогаш лошите предвидувања можат да се остварат, но исклучиво по наша сопствена вина, тргнувајќи од државниот врв, па надолу до секој граѓанин кој мисли за иднината на своето семејство и на татковината.

Раситнувањето на Владата како парички за поткусурување и управувањето со неа од заседа, на уште еден нелегитимен и недемократски начин, кажуваат дека најбезболниот излез во оваа фаза од кризата е демократизација, ослободување на институциите на системот и на медиумите, воведување на правната држава и владеење на правото. Тоа значи, пред се’, непречена работа со силна јавна поддршка на Специјалното јавно обвинителство, расчистување на сите пречки што стојат на патот кон слободни избори. Тоа се историски процеси кои треба да ги водат, покрај експертска влада, и привремен граѓански парламент составен од угледни и независни некомпромитирани личности и авторитети до специјален суд и специјална полиција. По создавање на демократски амбиент и враќање на довербата, можни се избори кои ќе ја вратат Македонија во правилна насока со избегнување на опасноста за нејзиниот опстанок. Приказните за големите заговори и дека ова ни го прават Американците и Европа не само за злато и вода, туку за промена на името и на идентитетот се податливи лаги кои секогаш паѓаат на плодно тло, нанесувајќи големи штети за иднината на државата, отворајќи нови прибежишта на криминалците во национализмот и патриотизмот. Името секогаш е добро оправдување за незавршените работи кои ни требаат нам, а не на Европа. Да ги завршевме ние европските поглавја, многу полесно ќе го одбраневме и името и идентитетот, отколку сега кога ни тече и прокиснува куќата од сите страни. Ако оваа лекција не ја научивме од крвавиот распад на Југославија, чие име е сочувано, а државата нигде ја нема, тогаш тоа ќе биде веројатно уште еден аргумент плус дека се’ уште не ја оправдавме независноста, а веќе можеме да ја изгубиме државата.

П.С. Почитувани читатели, извесен период ќе ве одморам од моите писанија. Се надевам дека на јулските и августовските горештини ќе се дружиме со многу поосвежувачки теми и дилеми.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *