Banner
Мое ќоше

Насмевките на Груевски и на Нуланд

nuland-gruevski1

Никола Груевски се смееше пред да почне средбата со Викторија Нуланд која одвај куртоазно се насмевна само до моментот додека да престане снимањето на камерите. Тоа требаше да остави впечаток пред јавноста дека нема никаков проблем и дека е готово со кризата. Америка ги поддржува Груевски и неговиот режим. Киселото и весело смешкање требаше да испрати таква порака до јавноста.

На Викторија Нуланд не и’ било до смеење и смешкање, сирота добила уплав жива да не изгори во Македонија оти оној измамник залутан во новинарството, Миленко Неделковски, личен пријател и чест соговорник на Никола Груевски, ги повика патриотите да ја запалат американската амбасада. Нејсе, домаќините ја убедувале очајната Нуланд дека човекот зборува сешто, ама е безопасен и дека не треба да се зема сериозно бидејќи повеќе служел за мајтап. Јавниот повик за палење на американска амбасада во земја стратегиски партнер на Америка Нуланд засега го оставила како проблем на домаќините. Но постојаната сатанизација на Америка во провладините медиуми кои секојдневно создаваат антиамерикански амбиент во јавноста дека Америка е најголем непријател на Македонија е сериозно прашање кое веројатно ќе се отвори набргу со непријатни последици. Покрај домашните фобии и теории на заговор во прилог на предизборната кампања на власта, постојат сериозни сомнежи кај американската администрација дека постојат и други надворешни влијанија во промената на курсот на провладините медиуми кон Америка , особено со јавните настапи на познати личности блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Викторија Нуланд на заминување оптимистички, но и прилично воздржано пред да ни мавне со раката кажа дека е охрабрена од она што го слушнала од македонските политички лидери и дека e можно набргу да се најде заеднички прифатливо решение за одржување на слободни избори за кои наивните и сто пати прелажани македонски опозиционери, американски и бриселски бирократи сметаат дека е можно да бидат веродостојни во Македонија како што е веродостојно дека стадо јагниња на Шара нападнале и издавиле глутница волци.

Воздржаноста на американската и на бриселската администрација доаѓа од срамното сознание дека цели десет години на индиректен начин даваат поддршка, и политичка и финансиска, на најригидниот режим на Балканот, што пак од друга страна е најголемата пречка Македонија да се движи кон евроатланските интеграции како што јавно се залагаат и декларираат и Америка и ЕУ. Практично, преку неодговорна власт е пронајдена идеална формула како Македонија со изградба на недемократски авторитарен систем близок до диктатури самата да биде виновна за тоа што остана последна на патот кон Европа и НАТО, со целосна неизвесност дали ќе опстане како држава, или ќе исчезне, што не е ништо ново ни во современата историја. Некогашниот единствен проблем, името на државата, сега е ставен ад акта бидејќи се’ уште основните политички критериуми, како што се слободата, демократијата, човековите права, владеење на правото и независноста на медиумите, веќе еднаш освоени права, сега се комплетно укинати и Македонија во изминатите десет години е вратена поназад од кандидатскиот статус кој е загрозен. Во опасност е и таканаречената формална покана за влез во НАТО која за првпат е проблематизирана на последниот самит на оваа најмоќна воена организација во светот одржан неодамна во Вршава. И за НАТО Македонија доби нови предуслови врзани со разрешување на политичката криза.

На г-ѓа Нуланд мораше недвосмислено да и’ се соопшти во Скопје дека, и покрај целата вербална поддршка на Америка и на ЕУ, практично се помага режимот на Груевски бидејќи политичкиот притисок, корупцијата и криминалот ги има загрозено и блокирано сите институции на системот. Не се можни слободни избори без судска разврска на предметите кои произлегуваат од Специјалниот закон и Специјалното обвинителство кое де факто е спречено да ги гони прекршителите на законите кои произлегуваат од прислушуваните разговори за кои веќе има евидентни докази дека е најголемо кршење на човековите права во мирно време во целиот регион. Без судска пресуда дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер и неговите најблиски соработници не се виновни ни по една точка од обвиненијата не може да се оди на избори кои уште сега е јасно дека повторно ќе бидат нерегуларни. Оваа елементарна правда во Македонија грубо е спречена. Предметите на Специјалното обвинителство, или не стасуваат до судот, или ако стасаат не се процесуираат, туку фаќаат прав по судските фиоки.

Груевски како да е премиер, а не партиски претседател, ја впрегна повторно целата влада да трча по заем во странски банки од 650 милиони евра кои на пазарот на финансии чинат милијарда евра. Ова ќе биде досега најголемиот износ за корумпирање на изборите. Релаксиран предизборен коруптивен буџет е специјалност на Груевски кога се дели со капа и шака пари на гласачите. Досега за тоа беа потребни 250 до 300 милиони евра пред секои избори, сега веќе сумата е зголемена повеќе од двојно. Македонија за одржување на режимот досега се задолжи околу пет милијарди евра, баснословна сума која ќе ја враќаат идните генерации.

Не знам како опозицијата ќе даде согласност да се оди на избори без судска одлука кој е виновен за најголемото нарушување на човековите права во Македонија, со прислушување на илјадници граѓани и јавни личности и за основано сомнение за организиран криминал и корупција со баснословни износи во стотици милиони евра. Без ослободителна судска пресуда од специјален суд и без полициско одделение во надлежност на Специјалното обвинителство како што е во Романија и без слободни медиуми со осомничени политичари за криминал и корупција која редовната полиција и обвинителство ги заштитува како соучесник не би одел на кино седнат 20 реда зад нив, а не на избори.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *