Banner
Мое ќоше

Режимот сее страв

erazmus

Власта многу рано годинава ја отвори сезоната на предизборни закани со сеење страв.

Стариот испробан метод на собирање поени со божемна пресметка против корупцијата и криминалот во добро познатиот стил „држ’те го крадецот“ почна од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нападот беше извршен со специјални полициски единици, маскирни костими, блиндирани џипови, завивање сирени, со повеќе десетици униформирани и цивилни полицајци, со забрани за слободно движење на студентите и професорите и сите вработени низ комплексот на факултетите, небаре е драматична акција за одбрана од терористички напад. Предизборното застрашување на граѓаните тргна од Економскиот факултет со филмска демонстрација на лов на универзитетски професори, со претресување на нивните кабинети, автомобили и станови и со многу дезинформации, шпекулации по провладините медиуми, со однапред подготвени специјални ТВ-емисии и изјави за големата корупција и со жалби на неидентификувани студенти за неподносливото ниво на поткуп за оценки.

Разнишаниот режим како ранет лав одбра да тргне во опасен контранапад со акција на универзитетскиот кампус.

Секогаш кога борбата против криминалот, митото и корупцијата не почнува од сопствениот двор, од власта, од полицијата и од судовите, најголемите митомански центри во државата, има многу причини за сомнежи дека станува збор за политичка пресметка и за свртување на вниманието на јавноста од нешто крупно што се тркала како разрешница на повеќегодишната морална и политичка криза во која до гуша се заглибени државниот врв и највисоките функционери во земјата.

Што е заедничко на проектот „Еразмус“, како што е именувана пресметката со корупцијата на Економскиот факултет? Прво, најсомнителен е самиот режиран спектакл. Второ, министерот Чавков, како неговата претходничка Јанкулоска, веднаш истрча пред јавноста да се пофали со големиот успех. Трето, односот на провладините медиуми кои со проѕирни асоцијативни шпекулации кои се наводно уапсените професори и академици веќе покажаа со прст на виновниците. Четврто, а може да биде и најважно, јавно жигосаните професори сосема случајно се критичари на владините политики, но и носители на одважувањето на значајни научни институции да укажуваат на грешките на власта, за лошата економска политика, за суштината на задолжувањето дома и во странство, за јавно презентирање на растот на долговите секоја минута, за попречување на правдата против големиот криминал и баснословната корупција, за научно обелоденување на причините за кризата во која тоне Македонија.

Блиску до здравиот разум е дека доколку и да имало оправдани сомневања дека на Економскиот факултет, или на кој било факултет, има поткуп за оценки или корупција и друго незаконско работење, сигурно за тоа нема прво да се известат медиумите, или да се прекршува пресумпцијата на невиност со играње на асоцијации. Упадот на полицијата на универзитетите од која било причина е деликатна работа која мора да биде оправдана со силни докази и во рамките на тежината на кривичните дела, а не првокласна политичка сензација. Настаните што се случија истиот ден ги покажуваат мотивите и потребите од претставата што ја изведе полицијата на Економскиот факултет и во Универзитетскиот центар на „Св. Кирил и Методиј“. Тој ден претседателот на државата Ѓорге Иванов ја повлече својата претпоследна бламажа со аболицијата за помирување на политичката сцена на Македонија. Претседателот како ни лук јал, ни лук мирисал, целосно се откажа од својот експеримент на попречување на правдата и амнестирање на осомничени високи функционери за тешки криминални дела и злосторнички здружувања. Последната сцена од оваа трочинка треба да биде неговото заминување од политичката сцена.

Власта имаше силна потреба да го сврти вниманието на јавноста кон една полициска акција, која можеби навистина подолго и темелно е подготвувана, но денот е избран како најпогоден кога претседателот на државата, кој сите го напуштија, па и тие што му ја нарачаа оваа папазјанија со аболициите, одлучи да стави крај на опасните игри со угледот и стабилноста на Македонија. Но, наместо да си замине дома со извинување за своите добри намери кои предизвикаа тешки последици, Иванов и натаму ја брани својата теза на добри намери, дури и кога самиот се откажува од неа.

Има уште една голема причина за полицискиот спектакл на Економскиот факултет. Во земјата повторно пристигна Јоханес Хајндл, специјалниот пратеник на Германија за разрешување на кризата. Една од главните домашни задачи кои ги зададе Хајндл на заминување минатиот пат беше да се укине целосно аболицијата на претседателот Иванов и да се отвори простор за непречено владеење на правото. Домашната работа е завршена до половина. Втората половина е Специјалното обвинителство да си ја врши својата работа не само без опструкции, туку со силна поддршка и на политичкиот врв и на граѓаните и на сите надлежни институции на системот. Хајндл го знае на памет Извештајот на неговиот сонародник Герхард Прибе кој е составен дел на договорот од Пржино и во кој децидно стои дека најсериозниот проблем со кој се соочува земјата е корупцијата. Укинувањето на аболициите на претседателот ја губи смислата ако се попречува и натаму Специјалното обвинителство во својата работа. Тогаш ќе уследи барањето за специјален суд и специјални истражители и полицајци. Ако и тоа се попречува, постои и меѓународен суд и други мерки.

Наслушнав дека акциите на Специјалното обвинителство нема да бидат толку спектакуларни, ќе се води грижа за пресумпцијата на невиност, а министерот Чавков нема да дава изјави за успешната акција.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *