Banner
Мое ќоше

Прибе ќе заседава со АСНОМ

Фото: Ванчо Џамбаски

Влегуваме во недела на демократија и слобода. Ќе гледаме и слушаме сто и една приказна. Ќе се отвораат реформски пакети со шарени балони. Партиите и ова лето ќе не’ бомбардираат со стари и нови идеи кои ќе бидат само уште еден голем доказ дека и по цели 25 години не ја оправдавме независноста, а во последните десет години со инсталирање на режимот не ја ни заслуживме оти тортурата мнозинството ја поднесува со наведната глава. Иако квасецот од ден во ден расте, се’ уште е малцинство похрабриот дел од народецов што гласно и без страв бара слобода и европски вредности, што сака правна држава и крај на арамилакот и корупцијата, најголемите зла на деформираното и болно македонско општество.

Власта по сите злоупотреби и криминали сега ни ги нуди како лански праски препораките на Герхард Прибе, а опозицијата слушам подготвила излез од кризата и од диктатурата со „втор“ АСНОМ, уставотворно собрание и експертска влада. „Шарената револуција“ ќе биде замена за антифашистичката војна. Можно е да се случи со Извештајот на Прибе да се отвори заседанието на АСНОМ.

Како и да е, најверојатно двете реформи ќе бидат добри само за читање и за политичка кампања. Ако не се разрешат суштинските прашања, се’ ќе биде исто како и лани и полани и пред десет години и малку побетер. Компромитирани луѓе не можат да нудат реформи, демократија и слобода. Осомничени за криминал не можат да нудат владеење на правото. Цензори, медиумски апологети и послушници не можат да нудат независни медиуми и професионално новинарство. Арамии не можат да нудат чесност и чисти раце. Борни коли, гумени куршуми и одреди специјалци не носат слобода… Пред што било да се направи за надминување на кризата, мора да се ослободи државата од корупцијата и од криминалот во највисоките врвови на власта и моќта која го задуши општеството и создаде нов сталеж на озаконети криминалци. Тоа е можно само тргнувајќи решително по примерот на Романија при што покрај Специјалното обвинителство, кое треба уште повеќе да се зајакне, да се формира и специјален суд со непристрасни судии, со своја независна полиција, истражни органи, вештаци и се’ што е потребно за конечна пресметка со гнилото ткиво во државата. Умни луѓе велат дека оваа вистина е добро позната и со нејзиното постојано повторување само се покажува немоќта. Возвраќам не е точно. Таа вистина е позната само на еден се’ уште помал дел од јавноста. Тие што мислат дека во Македонија брзо патуваат точните вести грешат. Треба уште многу работа вистината да допре до мнозинството граѓани. Малку нека ја сменат својата постојана патека овие мудри луѓе и ќе откријат тажно сознание. Кога ќе се дознае вистината кај поголемиот дел од граѓаните, тестото ќе стаса за печење на лебот. Тогаш „Шарената револуција“ ќе стане историска и главен носител на слободата.

Првиот чекор во борбата против најголемите зла е да се повлече аболицијата на претседателот Иванов за попречување на правдата и тој прв да замине од политичката сцена поради неговиот неуспешен проект кој ја продлабочи кризата и ги озакони неморалот и криминалот. Нашиот лажен Волтер, Зола, Иго, Клемансо и Хавел сите заедно олицетворени во неговиот лик и дело треба да ги земе и отвори книгите на овие славни дејци и да ги дооформи својот светоглед и образование, за да ја види разликата и да ги искубе убавите пердуви што му ги залепија во Босна. Гавран не може да пее како славеј колку и да му наредите шарени пердуви. Итроманските трикови тој што не сака аболиција да се јави кај претседателот е одвратна манипулација со јавноста. Зошто некој кој не побарал аболиција би барал да му биде укината на негова молба. Претседателот на државата треба да се соочи со трагедијата на неговиот чин дека сите што ги амнестираше ги стави во ист кош и ги прогласи за виновни што е чин на сериозна повреда на правото, без судење да им се пресудува на луѓе. Ако на политички експонираните амнестирани, па деамнестирани поништувањето на милоста на претседателот им е доказ дека се подготвени да излезат пред лицето на правдата, која е гаранцијата дека судовите ќе бидат независни и непристрасни. Никаква. Кога станува збор за највисоките раководства за кои на очиглед на јавноста има непобитни докази за брзо богатење без покритие, тие се недопирливи и од редовните обвинителства и од судовите и од сите контролни институции на системот. Па, зошто некој би барал укинување на амнестија која без да го праша му ја наметнал претседателот кога власта ги контролира редовните судови и најголемиот дел од судиите. Тоа се виде добро од прислушуваните разговори, од апсењата и од пресудите по нарачка на политичките противници. Затоа не постои друг начин да се тргне напред без специјално обвинителство, специјален суд, специјална полиција и без непристрасни истраги и цврсти докази за пресметка со носителите на криминалот во врвовите на власта, на политиката и во центрите на моќ кои се детектирани во снимките од прислушуваните разговори и во сите досегашни истраги, вклучувајќи ги можеби најјасно препораките на Прибе. Зошто сега ВМРО-ДПМНЕ го повикува на помош Прибе не е јасно, ако не станува збор за уште една лага.

За непречена работа на специјалната институција за пресметка со криминалот и корупцијата не треба да важат никакви аболиции, амнестии, имунитети и авторитети.

Тоа се решава со еден мал амандман за еден час, ако навистина сите во власта и во опозицијата се залагаат за пресметка со криминалот.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *