
Не верувам дека Никола Груевски како добар христијанин сакал да си ја види својата судбина и иднина преку гатачки. Црквата тоа го забранува како ерес и празноверие кое нанесува голема штета на верата. Треба да се верува во Господ, а не во бајачки и јасновитки. Ама кога и црковните великодостојници ќе влезат на голема врата во политиката и во бизнисот ги напуштаат верските канони, аскетскиот и монашки скромен живот и почнуваат со најлошата еретичка пропаганда дека се можни чудата и без амин од бога и кои влечат кон примитивизам, заостанатост и манипулација со верските чувства на граѓаните.
Иако има народна поговорка во разни варијанти и кај повеќе народи дека секој си е ковач на својата среќа, на својата иднина и судбина, сепак, познато е дека повеќе државници, цареви и кралеви, па дури и атеисти диктатори повикувале астролози, пророци и нострадамуси, луѓе кои имале некоја натприродна моќ да ги видат идните настани и да прогнозираат што ќе се случува во блиска или подалечна иднина. Откако на овој начин ќе си ја дознаат својата судбина, на својот народ, на својата држава, на светот… многумина се обиделе да ги пресретнат и променат лошите претскажувања. Значајни одлуки кои ја одредиле историјата и иднината на светот и на многу земји и личности се донесени или одложени поради распоредот на планетите и ѕвездите, или поради сугестивни претскажувања. Се разбира дека нема докази што би било ако не биле послушани јасновидците и астролозите, или каков тек би имала историјата ако биле послушани. Затоа, пак, има многу претпоставки што би било ако било и не би било.
Еве и јас да се обидам малку да му гатам на Никола Груевски и да бидам видовит иако повеќе верувам дека големите светски државници и мудри политичари ја кројат историјата со свои визии за иднината кои се потпираат на реални процени и на науката отколку на астрологијата, ѕвездите и планетите, а најмалку на гатачки. Очајна е ситуацијата кога се бара нивната помош. Со сиот ризик да бидам гаталец, а не паталец, ќе се обидам да погодам од каде сега по толку години излезе на виделина дека Груевски имал потреба да си ја дознае судбината, или да види кој му работи зад грбот. Како тоа наеднаш осамна некоја сечена лепена и креирана снимка од пред неколку години дека извесна гатачка во неговиот кабинет му ја претскажувала неговата и нашата иднина и судбина. Моите натални карти покажуваат шокантна вистина дека всушност Груевски воопшто не верува во гатачки и толкувачи на хороскопи, туку на егзактната науката, а ова го направил по наговор на нему многу блиска особа, повеќе да им покаже на верниците дека наречниците и нему нас ни ја одредиле судбината. Со други зборови, Груевски ни го испратил Господ како што проповедаат неговите дворјани.
Претскажувањата на астрологот, Груевски веднаш ги ставил на научна проверка која овозможи многу точно да дознае што мислат, зборуваат меѓу себе и што подготвуваат неговите најблиски соработници, неговите политички противници, па и голем број влијателни личности. Така многу лесно ги пресретнувал и избегнувал заверите и обидите да му наштетат во еднодецениското владеење.
Меѓутоа, положбата на Меркур ми прави дар-мар и ми ги расипува процените како излегуваат големите тајни во јавноста. Марс ми покажува дека некој од најблиската околина, поточно токму тој што го наговорил Груевски да ја викне гатачката, ги издава тајните снимки од гатањето. Истиот човек со одобрување на Груевски ги ставил скриените камери во кабинетот да ја снима сеансата на премиерот со јасновитката. Од друга страна Венера дава стабилна слика дека, всушност, Меркур прави заговор во соработка со големите сили Америка, ЦИА и Сорос и некои европски држави предводени од Германија, Велика Британија и Холандија, а во заднина е затскриена Италија. Јупитер, а кој друг, ми ја покажува вистината. Груевски воопшто не му верува на никој, ни на планетите, ни на видовитите, ниту на неговите најблиски соработници… Тој е сега многу осамен и загрижен не затоа што не знае кој ги изнесува работите од „неговата куќа“ на виделина, туку што една сомнителна реченица што ја кажа видовитата гатачка, како што минува времето му изгледа се’ поверодостојна, а таа гласи дека најголем непријател е самиот на себе. Сега тоа пророштво стана многу верно и непријатно, а беше благонаклоно кажано дека самиот си штети себеси поради својата голема чесност, добрина и хуманост и дека премногу им верува на луѓето околу себе и дека е неподносливо толерантен кон непријателите. Нема друго чаре, туку повторно да ја повика на помош науката и технологијата, но сега и тоа не помага многу оти и други се приклучиле на научните достигнувања.
Таман планетите и моите натални карти ја разјаснија работата со гатачките и бумбарите, кога од дворецот на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на дневна светлина историските конспиративни слики кои го прикажуваат Груевски со сите дворјани како да е диктатор, деспот и тиран. Планетите ми открија дека се работи за внатрешен предавник, купен од Сорос, кој е присутен на сликите. Нема потреба од голема загриженост, провалата со историските слики бргу ќе биде заборавена откако некои големи сликари и уметници обожаватели на ликот и на делото на Груевски ќе ги прогласат за ремек-дела, иако целата вселена покажува дека и тие се згрозени и разочарани од кичот, а особено од парите што се фрлени на петпарачки украински молери кои по нарачка бојадисуваат и пресликуваат од фотографии нова историја по ѕидовите. Нашите големи сликари верни на владетелот тоа подобро би го сработиле за многу помалку пари, ама ете некој разбрал што зборуваат тие меѓу себе приватно кога искрено кажуваат што мислат за уметничките потфати во царскиот двор.
(Објавено во Утрински)

