Banner
Мое ќоше

Знаете ли како ни се вика премиерот


Го гледам веќе трипати краткиот пропаганден ТВ-филм како лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски и неговиот министер што се грижи за здравјето на нацијата Никола Тодоров разговараат за големите дострели во здравството и во лечењето на народот. Никола Први прашува онака ноншалантно патем, а што бидна со онаа болница кај беше де… а готова е, се’ е завршено, можеме да одиме да ја видиме ако сакате претседaтеле, одговара како од пушка Никола Втори. На два метра од нив стои една сенка која цело време благо кимнува со главата додека министерот му дава театрален отчет на лидерот за светските достигнувања во лечењето и на болните и на здравите. Прашувам кој е човекот до нив што кимка со главата, некако ми е познат, како да сум го видел негде. Ми велат, тоа е нашиот премиер се вика… чекај како му беше името, ах да, Емил… Димитриев.

Малку се засрамив што не знам како ни се вика премиерот. Имам некакво бледо оправдување. Десет години се навикнав на Груевски, па сега тешко можам да го запаметам новиот премиер кој и досега беше речиси анонимен. Си велам, а и тој самиот не покажа нешто со што би го запаметила експресно јавноста. А можеби тоа му е најпаметен начин да се одржи малку подолго оти ако се умисли дека навистина е премиер, може да му заврши најкусиот мандат во поновата историја на премиерската функција. За да ми биде чиста совеста зошто не знам како ни се вика премиерот, направив мала анкета со 20 луѓе припадници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и неколку партиски и политички неекспонирани личности, што би рекол претседателот Ѓорге Иванов. Резултатите се утешителни за мојата лоша информираност и незнаење.

Од репрезентативните пет личности на најпатриотскaта партија од чии редови е премиерот, двајца му ги знаеја името и презимето на претседателот на владата, двајца му го знаеја само презимето, а еден не му го знаеше ни името, ни презимето. Идентични резултати стасаа и од опозицијата. Кај албанските партии катастрофално, двајца не му знаат ни име ни презиме, а еден мисли дека уште Груевски е премиер. Кај оние пак што не ги интересира политиката и двајцата поим немаат како им се вика премиерот. Од пет жени само една знаеше како му е целото име и презиме и со гордост додаде дека човекот и’ е комшија во Пробиштип, вели дека е многу добро дете, кога и да ја види, вика добар ден. Меѓутоа, главната порака што ја пратија анкетираните беше дека на Македонија воопшто не и’ треба премиер оти и со него и без него се’ си стои на исто место, само малку е побетер оти Груевски си е премиер и натаму. Ми изгледа дека најточен одговор е на претставникот на ДПА кој рече дека не чул за оставката на Груевски. По се’ изгледа имаме еден невидлив премиер и еден ептен видлив кој цел ден не се симнува од телевизиите како и во сите изминати години и на кој во моментот му е најубавиот дел од еднодеценискиот мандат кога одлучува за се’ во државата, а одговорен е тој што кима со главата. Додуша и досега не беше за ништо одговорен, ама сега дојдоа тешки времиња кога се стега обрачот.

Уште не си го дореков зборот дека владата и натаму се занимава со ефемерни работи продлабочувајќи ја кризата уште повеќе… кога гледај го мајчин Емил Димитриев се огласи со пакет реформи за унапредување на демократските процеси и медиумски слободи, за реформи во администрацијата, за реформи во судството итн., итн. Од една страна видливиот премиер преку неговиот министер Чавков апси протестанти и запленува чатали за фрлање боја, од друга страна невидливиот премиер сака реформи за демократизација на општеството, на медиумите и на судството… додека добро видливиот премиер секој ден штанца судски пресуди и налози за апсења.

Невидливиот премиер во сенка преку својот министер за надворешни работи Никола Попоски сака да го убеди светот дека ситуацијата во Македонија се нормализира, а недостасуваат само веродостојни избори и се’ ќе си дојде на свое место. Во исто време еднодеценискиот видлив премиер и партиски лидер пребројува уште кој остана аболиран и неаболиран од претседателот. Поканува гости од Америка и од светот кои ќе ни кажуваат приказни дека таму не смее да се фрла по јавните институции со јајца и боја за што веднаш се оди во затвор. Па така еден ѓоа многу богат Американец со македонско потекло деновиве ни ги отече главите дека за атакување врз јавни институции се оди во затвор во Америка. Види богати, можело и еден Американец да ни дели совети за владеење на правото, обично кај нас Американците во провладините медиуми се нашите најголеми страшила и непријатели, како и нивната влада и злогласната ЦИА, а душманот број еден е Сорос, шпекулант на берзите и донатор на американските претседатели и човек на ЦИА, што автоматски е против Македонија.

Го слушам и гледам со жалење нашиот натурализиран Американец и си велам дали човекот сам избрал да изигрува кретен, или некој му помогнал. Па добро бе, ем патриот, ем Американец, што не ни кажеш што ќе се случи во Америка ако некој три- четири години ги снима едно два и пол милиони јавни личности на Америка вклучувајќи ги претседателот и министрите, државните секретари, гувернери, градоначалници, новинари, опозициски лидери, дипломати и притоа се разоткрие работата како голема брука оти за тоа не знае ништо ни ЦИА, ни претседателот итн.,итн. ќе паднат ли веднаш оставки на сите што дозволиле тоа да се случи, или ќе се прават наудрени со гачки за деца дека тоа се сечени, монтирани и лепени разговори. Што ќе се случи ако, на пример, на претседателот Обама му падне на памет да прекине судски истраги за гонење на организиран криминал, корупција, злосторничко здружување за изборен криминал, за нелегитимно приграбување на власта, за намерно, од политички причини, уништување на приватен имот во милионски износи. Нека одговори на тие прашања Американецот, па ќе правиме муабет кој ја фарба Македонија, тие што фрлаат боја, или тие што бегаат од судот.

Премиерот Емил Димитриев, ако сака да стане видлив, треба да го проучи времето кога Груевски дојде на чело на ВМРО-ДПМНЕ.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *