Banner
Мое ќоше

Рајот е во барок

elem-raj

Има една лудост на власта на која ништо не може да повлијае. Ни политичка, ни економска, ни морална криза, ни претседателски тазе аболиции, ни специјални обвинителства, ни домашната јавност, ни меѓународната заедница, ни шарената револуција…. Таа патологија има цврста константа како научна закономерност, на пример, како Питагорината теорема примената на расфрлањето со народни пари во слава на полудената власт. Во наши услови тоа би гласело буџетот на Македонија на квадрат е двојно помалку отколку што трошат кралот и дворјаните и двојно помалку отколку што можат да позајмат од светските и домашните банки властелините во име на граѓаните како жиранти дека долгот мора да се врати со дебела камата. Најновата лудост на квадрат е тендерот за изградба на рајска градина во Ново Лисиче. Ќе се фрлат според првичната пресметка едно 15 милиони евра за да се докаже дека и рајот бил во барокен стил обложен со гипс-картон.

Кој ќе ги преживее наредните две-три години колку што ќе трае изградбата на рајската градина, ќе може да си купи уште при живе влезница за рајот. Билетите се продаваат на касата на ВМРО-ДПМНЕ, а членовите на демохристијаните имаат специјален попуст со гратис златен клуч од рајските порти со гравирани иницијали на владетелот крунисан од Бога. А таму, зад тие рајски капии, што да ви кажам, како во приказните за царевите и кралевите, принцовите и принцезите. На сите страни саде убавини. Десетици хектари од Ново Лисиче ќе бидат заградени со бедем, за добро да се знае до каде е пеколот, а од каде почнува рајот. А внатре восхитувачка убавина и волшепства, течат бистри поточиња, езерца како планински очи, водоскоци и фонтани, рајски плодови и егзотични овошки, рајски птици кои ги пеат најубавите песни, бесплатни чудесни пијалаци со нектар и сок од најдобриот канабис, бесплатно јадење и пиење колку што ти душа сака во барокните зданија, рококо кафеанчиња… Небесна нирвана.

Посебна ексклузивност е турата: „Патување од пеколот до рајот“ која почнува од скопскиот плоштад каде што е епицентарот на чистилиштето. Кандидатите кои сакаат за време на животот да видат каде ќе заминат по смртта како заслужни патриоти прво треба да се качат на панорамското тркало кое нема да чини повеќе од 20 до 30 милиони евра, бидејќи почна изградбата без вообичаени анекси само со скромни 16 милиони евра. По неколку круга високо над Скопското кале качени на најголемата вртелешка, каква што немало досега на ниту еден панаѓур, кога верниците добро ќе ја видат грандиозноста на „Скопје 2014 и Скопје 2018“ и откако ќе се помолат пред иконата на свети Никола во црквата „Св. Костантин и Елена“ и по утринската молитва во Бурмали џамија можат да тргнат по Вардар на пат кон рајот. Големите кораби усидрени во Вардар, иако бетонирани длабоко под дното на реката, со Божја помош како Ноевата арка ќе ги пренесат простосмртните верници до Ново Лисиче во ветената земја каде што гемиите ќе ги пречека лично возљубениот во бога градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, кој е на добар пат да стане прв градоначалник на рајот и рајската градина.

Оваа рајска приказна, колку и да звучи како гротеска во пеколот што го живееме, е голема и трагична вистина. Власта, и покрај сите несреќи и кризи, не престанува да се расфрла со парите на најсиромашниот народ во Европа, градејќи скапи чуда и безвреден кич во време кога луѓето умираат од слепо црево и од сепса, кога родилките и бебињата имаат поголема смртност отколку во Африка, кога 20 отсто од населението буквално гладува со помали примања од два долара дневно, кога криминалот се озаконува и се заштитува со претседателски декрети наречени аболиции, кога младите бегаат усвет и од вистинскиот пекол и лажниот рај, кога се апсат луѓето само затоа што бараат слобода и демократија и го бојадисуваат, обележуваат, својот дел од имотот што е изграден со нивни пари без да бидат прашани, кога медиумите проповедаат дење- ноќе дека водачот ни е пратен од Бога како божји пратеник да го спаси народот, ова се волнени времиња кога тие што не веруваат во тоа се јуди и предавници, ученици на ѓаволот.

Има ли крај оваа несреќа што се сјатила врз Македонија, веќе бидна цела деценија. Се разбира дека секое зловреме има свој почеток и крај. Штом власта гради рајска градина за задгробен живот, нешто крупно и ќе се погребува. Време е кога слугите на владетелот ќе почнат да бегаат бидејќи со мртвиот крал и тие се погребуваат живи за да му служат во рајот кај Ново Лисиче. Само најверните слуги остануваат до крај со фараонот.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *