
Ако воопшто има избори на 5 јуни, тие сигурно нема да бидат ни слободни, ни веродостојни. За тоа има многу причини, но три се најдраматични кои се вбројуваат во арогантно непочитување на договорот склучен меѓу лидерите на релевантните политички партии. Прво, власта не сака слободни медиуми, второ не сака вистинска контрола на избирачките списоци и трето, на секој чекор ги попречува правдата и владеењето на правото со постојано опструирање на работата на Специјалното обвинителство.
Собранието без ниту еден рационален аргумент, освен на гласачката машина, грубо ја отфрли законската регулација за медиумите и професионалната определба на независните новинари и новинарски организации, предложена преку опозицијата со поддршката на меѓународната заедница и бројни еснафски асоцијации за медиумските слободи. Пратениците на власта се определија и натаму да ја аминуваат цензурата која е забранета со Устав, да го поддржуваат лошото апологетско новинарство кое десет години ја велича власта, а ја сатанизира опозицијата. Власта не покажа никаква подготвеност да се ослободат од партиските стеги регулаторните тела на медиумите. Напротив, додека траат расправите за новинарските пишани и непишани правила, уште посилни се притисоците врз медиумите преку сопствениците и привилегираните уредници – пропагандисти. Драматично се засилени контролата и уредувањето на медиумите преку партискиот комуникациски центар на ВМРО-ДПМНЕ, но не помалку и со лични јавувања и закани до носителите на уредувачките политики во медиумите.
И сопствениците на медиуми се изложени на силен притисок да не отстапуваат од власта или ќе ги снајде судбината на Велија Рамковски кој со своите соработници, ако се сеќавате, беше осуден на 112 години затвор како во средниот век. Медиумската империја на Рамковски е уништена наводно поради неплатени даноци. Додека ја поддржуваше власта, кршењето на законите од страна на Велија Рамковски беше забранета тема, како што и долги години натаму е забранета тема за телевизиите и медиумите кои и’ даваат 24/7 поддршка на владата на Никола Груевски и на ВМРО- ДПМНЕ.
Во контролираните медиумски куќи, неизводлива е операцијата да се одвои партијата од државата ни пред избори, ни по избори. Не смее влакно да му фали на Груевски, или да му се упати каква било мала бенигна критика за владините политики и расфрлања со парите на граѓаните од државната каса. Јавниот сервис МРТ и натаму останува сервис на ВМРО-ДПМНЕ. Рекламите за успесите на владата и натаму се пласираат според подобноста на медиумот што, всушност, е јавна и срамна корупција со која во изминатите десет години е срозано новинарството бидејќи стотици милиони евра народни пари се инвестирани во лошо новинарство. Дека станува збор за голема корупција, се гледа од тоа што вестите за успесите одат постојано и бесплатно. Рекламите се само форма како да се платат медиумските услуги.
Главните адути на власта во контролираните медиуми станаа разни шарлатани и измамници, осудувани луѓе за криминал, квази-новинари кои не ги познаваат основните етички и професионални норми и новинарски непишани правила. Тука се еден дел и големи новинари и аналитичари кои во целата транзиција најудобно и најсигурно се чувствуваат во скутот на власта. Секогаш се со власта без оглед кој е на престолот подготвени за добра награда да ја плукаат опозицијата и критичарите на владата да ги прогласуваат за непријатели, предавници, соросоиди, странски платеници…
Со проверка на селектирани избирачки списоци по мерка на власта повторно во оптек е голема ујдурма. Се проверуваат 89.000 гласачи, а не се проверуваат најспорните тајни списоци сместени во базите на податоци само на полицијата. Ја имав таа чест одблизу да ја почувствувам контролата на ДИК. Стасале на мојата адреса партиските контролори и соопштиле дека сум на проверка затоа што во станот од 80 квадрати, покрај членови на моето семејство, биле пријавени уште осум фантоми ревносни гласачи. Штета што не сум таму, иако се ни криви ни должни, преку нив да им пратам срдечни поздрави до тие што ги испратиле и да им порачам арам да им е лебот што го јадат од парите на граѓаните добро залегнати во ДИК во која никој здраворазумен нема доверба дека може да спроведе слободни избори.
Специјалното обвинителство е под постојан полициски, медиумски, судски, обвинителски и владин и меѓународен надзор. Секој потег, секој разговор, давање исказ, секоја конференција за печат… се следи како да се работи за објава на војна. Реакциите на власта по секое обраќање до јавноста на специјалните обвинители се излив на гнев, омраза и страв. Тешките кршења на законите и истрагите за сторени кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори се дочекуваат на нож, не само од медиумските послушници, туку што е најтажно и најсрамно, и од редовното обвинителство и од другите судски инстанци. Истрагата се попречува со недозволени средства и закани, со дезинформации и клевети на специјалните обвинители. Не ви треба правен експерт за да разберете каде лежи вината. Кој е тој невин човек што не сака праведна и брза судска разврска. Мислам дека таков не постои, особено ако има висока позиција и е во врвот на власта. Само виновниците се плашат од судот и од правдата, иако имаат голема моќ, сепак бараат патишта по секоја цена да го избегнат судот. Во Македонија многу јасно се гледа кој бега од правдата и се дозна и тоа кој ја попречува истрагата, а задолжен е и платен од народот да ги апси и суди криминалците.
Еден ден виновниците ќе мора да седнат на обвинителна клупа, а со нив и соучесниците и попречувачите на правдата.
(Објавено во Утрински)

