
Панама ја знаев главно по Панамскиот Канал и нешто од бурната историја на неговата изградба и сопственост. Деновиве разбравме дека таму има и еден друг канал за перење на големи црни и бели пари на светските богаташи и арамии кои не сакаат да плаќаат данок.
Веќе неколку влади, големи корпорации и светски познати јавни личности и политичари се тресат од страв од обелоденувањето на мега скандалот. Премиерот на Исланд, соочен со протестите на граѓаните поради неговата замешаност во аферата со офшор компании, се повлече поднесувајќи привремена оставка. Сакаше да направи политичка маневра со предвремени избори, ама Исланд има претседател, а не фикус, па му рече на расчинетиот премиер дека нема потреба од проверка на големата љубов на народот кон него. Премиерот сега му препуштил привремено да ја води Владата еден од неговите министри. Веројатно чека да стивне бурата или да ја ослободи истрагата од притисок. И на Камерон, британскиот премиер, не му е удобно деновиве го прозиваат медиумите и опозицијата. Цунамито од Панама со голема брзина се шири низ светот, ама до нас нема да стаса.
Во Македонија се’ е мирно и чисто што се однесува до криминал и перење пари, се’ е одамна испрано, исушено и испеглано, башка далеку е Панама. Вчера им се јавив на колегите од „Зидојче цајтунг“ од „Гардиен“, од „Ле монд“ и од „Њујорк тајмс“ да ги замолам ако во панамските документи најдат нешто за Македонија да не го објавуваат ако станува збор за криминал на високи македонски функционери. Ми беше многу тешко да им објаснам дека кај нас кога ќе се открие криминал во државниот врв, им рипа рејтингот на властодршците, бидејќи ние први во светот откривме дека ова е војна на Америка против Русија и против Путин, но и против Македонија.
Целата оваа калакурница со офшор компаниите е направена поради Путин и поради Македонија да си го смени името, оти Америка сакала да извојува барем една победа против Русија и да не’ пикне во НАТО набрзина без да сакаат бачушка и Мирка.

Она што не го знаат и никако да го научат Американците и остатокот на светот е дека такви штосови и трикови кај нас не проаѓаат. Ние имаме вроден генетски рефлекс да откриваме завера. Експресно докажавме дека перењето пари на илјадници милионери од светот е американско масло пуштено во оптек од злогласната ЦИА само поради компромитација на рускиот претседател Путин. Не случајно Путин за вакви епохални откритија дели медали за високите дострели во македонскиот журнализам на антизападните новинари. И се разбира следува веднаш и второто, односно првото по важност откритие дека Америка сака да го промени името на Македонија, иако ја призна под уставно име. Да, ама кај нас кога некој, освен Груевски, ќе изусти во кој било контекст решение за името прифатливо за двете страни, тоа автоматски значи промена на името.
Се согласувам дека реченицата на амбасадорот Бејли дека е „најдобро време да се најде решение за името“ е голема утка оти времето за каков било компромис и во Грција и во Македонија е за никаде. Нема полош период на внатрешни кризи и во Грција и во Македонија кога на политичарите им се врзани рацете, а Македонија е пред проблематични предвремени избори. Се разбира, освен ако Бејли ова не го кажал бидејќи има некоја информација повеќе, на пример, дека Груевски ако се остави раат да ги намести изборите уште еднаш, веднаш по триумфот ќе ја заврши работата со името. Тоа сигурно е подобра варијанта наместо да биде поразен на слободни избори за веднаш потоа да се соочи со правдата. Може тука треба да се бараат причините за најновата ароганција на власта да го натера ДИК да се растури, да не се проверуваат натаму избирачките списоци, да се уништи МОСТ, најголемата мрежа на посматрачи за регуларноста на изборите, или ако не се уништи барем да се деградира или уплаши, да се санкционира ТВ-Телма, засега водечка професионална телевизија, во која е испратена финансиска полиција да истражува дали може да им се случи А1.
Специјалното обвинителство, единствена институција во земјата која истражува кривични дела кои произлегуваат од незаконските прислушувани материјали е изложена на терор и закани од невидени димензии. Нема ден да не се жигосуваат, навредуваат и сатанизираат специјалните обвинители како да се балканско одделение на ЦИА и Сорос. Бележената и веќе компромитирана власт е избезумена од првите истраги на Специјалното обвинителство, при што се откриени сериозни индиции дека владата, премиерот, парламентот и претседателот на државата се избрани нелегитимно и се дел на незаконска активност на злосторничко здружение. Откриени се сериозни нарушувања на човековите права и слободи, на флагрантно попречување на правдата и истрагата со уништување на докази и државен имот вреден над 10 милиони евра, а на повидок се големи скандали и афери кои се предмет на следните истраги на Специјалното обвинителство. Нервозата кај врвот на власта расте пред секоја конференција за медиумите на Специјалното обвинителство кои се’ посилно и посугестивно одекнуваат од бомбите на Заев . Популарноста на Јавното обвинителство од ден во ден расте и се’ поголема доверба стекнува во јавноста ова единствено обвинителство во земјата кое се бори против криминалот во врвот на власта. Некни во Дебар Маало, во центарот на Скопје, обвинителката Ленче Ристоска доживеа овации на отворена сцена. Граѓаните скандираа кога се појави на улицата пред Матично.
Затоа, не спомнувајте ја Панама во Македонија. Во светот кога ќе се открие криминал паѓаат влади и глави. Кај нас кога ќе се открие криминал на власта, се добиваат избори. Така ќе биде се’ додека Америка и Запад го подржуваат овој режим, држејќи ја опозицијата во заблуда дека се загрижени за македонската демократија, слобода и човекови права.
(Објавено во Утрински)

