
На договорената средба кај Чамо во саботата Гиче не дојде. Ми беше шубе што го нема, секогаш го почитуваше договорот. Наместо него, стаса лошата вест дека Глигор Чемерски–Гиче како на кратка пауза, кога излегува од ателјето да се сретне со својата муза, ненадејно без поздрав заминал во небесните одаи на св. Ѓорги. Не кај св. Петар, кај што одат простосмртните, туку баш кај св. Ѓорги. Со неговиот светец имаше една нерасчистена расправа која ми ја прикажуваше во продолженија, безмалку на секоја наша седенка. И додека во шок и неверица истурив ракија за покој на душата на македонскиот сликарски гениј, за миг ги видов заедно со нафора и со по чаша вино како св. Ѓорги го убедува Глигора дека убивањето на ламјата не е мит како што мисли тој, туку вистина и дека тој ја има убиено лично со неговото копје. Гиче ги шири рацете и му вели – јас тоа го потврдив илјада пати сликајќи те и тебе и ламјата, но ѕверот уште е жив. Тој е во нас. Ламјата никогаш вистински не умре, затоа е мит без оглед што ти си ја убил еднаш со копје, а јас илјада пати со голи раце, почитуван батко Ѓоргија.
Митот за убивањето на ламјата е вистина само како еден од цврстите фундаменти на модерното македонско сликарство. Се разбира, Чемерски не е единствен голем уметник кој е фасциниран од митологијата, особено од чинот на убивањето на триглавото чудовиште, но сигурно е редок мајстор, единствен кај нас, кој таа митска гротеска која инсистира на вистина за спасување на човештвото од ѕверот ја претворил во чудесна експресија како една од главните одлики на современото сликарство. Тоа веќе го одбележале и допрва ќе го вреднуваат историчарите на уметноста и проценителите на грандиозното дело што го остави зад себе Глигор Чемерски, еден од најголемите современи сликари на Македонија. Неговото место во македонската историја е одбележано уште за време на неговиот живот. Со годините што ќе одминуваат, како што сликите на големите мајстори се патинираат и добиваат на вредност, така и неговото дело ќе се превреднува и ќе добива на цена како кај големите уметници кои татковината еден ден ќе ги препознае во вистинските димензии.
Чемерски одамна стана граѓанин на светот кој ги надмина границите и на Македонија и на некогашна Југославија. Беше почитуван и високо вреднуван и на Запад, во лулката на уметноста во Париз, но и во Рим, Берлин… но и на Исток во Москва, Белград и Софија… каде што повеќе пати имаше изложби со високи оценки за своето творештво. Таа вековна мешавина на ала франка и ала турка, на антиката и Византија, на Ориентот со импресионизмот, на Курбиново со фовизмот и она што произлегува од тоа слеано во Париз, на изворот на современото сликарство од кој, како и неговите претходници, се напи и Глигор Чемерски, а со својот гениј, тој екстракт од разни историски наслаги го трансформира во дела со трајни вредности, заземајќи свое место во уметноста. Но таа оценка да и’ ја препуштиме на науката.
Она што во овој омаж за Гиче треба да разберат и тие што ја немаа таа чест лично да го познаваат и со него да промуабетат се неговата човечност и добрина, неговото знаење, неговата општа култура и учтивост ретка на овие простори, извонредно беседништво и смисла за хумор. Беше вистинско задоволство и празник да се слуша Чемерски во ноќите на бдеење кај Јоле во Клубот на уметниците во Скопје. Неодамна на вечерта посветена на големиот писател и македонозналец Гане Тодоровски, ми кажа нешто Гиче што ме направи среќен и горд што, ете, сме успеале заедно да завршиме, според него, една голема работа на што му беше посебно благодарен на „Утрински весник“, а која јас веќе ја бев подзаборавил.
Приказната е несекојдневна. Еден ден пред повеќе од десет години, Гиче ми кажа дека во Музејот на современа уметност во неговите депоа се наоѓа во бедна состојба една негова во буквална смисла голема слика, ако не и најголема некогаш насликана во Македонија со импозантни димензии. Сликата ја работел долго време со своите студенти, а на неа била претставена историјата на Македонија низ вековите од антички времиња до денот кога сликата е родена. Отидовме заедно со него на Кале во Музејот на современа уметност и ја распославме на патосот во една од големите сали. Бев занемен од вчудовидување како да сме откриле закопано богатство. Гиче нешто објаснуваше како настанала сликата, колку метри е долга и широка, јас не можев да слушнам ништо заслепен и шашардисан од боите и фигурите наредени на огромното платно како да станува збор за мурал. Беше тоа најнеобичната историја за Македонија без зборови што дотогаш сум ја видел.
Моравме да ја спасиме од сигурна смрт и заборав, иако веќе беше погребана во музејот. Веднаш направивме флаер и со кратка историја на сликата ја објавивме во „Утрински весник“. Набргу потоа сликата го зазеде своето заслужено место во МАНУ каде што на еден голем ѕид во холот останува, се надевам за навек, како македонска Герника да ја раскажува историјата на Македонија. Тоа беше најсоодветното место за едно вакво, се осмелувам да кажам, ремек-дело. По извесно време, Чемерски влезе на голема врата во домот на бесмртните и стана академик, но никогаш потоа не забележав некаква промена или изместување во неговото однесување. Тоа за него не претставуваше никаков товар, длабоко свесен дека академските титули и во Скопје, а неодамна и во Москва се само признание, а делата и уметноста се неговиот главен предизвик кој најдобро го обележува неговото творештво. Чемерски тоа добро го знаеше, па можеби затоа во последните години како да се натпреваруваше со времето да заврши некои работи кои нему му беа страшно важни. Чинам никогаш не брзал толку.
(Објавено во Утрински)

