
ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не биле во љубов. Од првиот ден тоа е брак од интерес. Општо позната работа. Али Ахмети не сакаше да земе невеста без севда и без свадба, ама се венча само поради богатиот чеиз. Даде беса за вечна верност на невидено, а кога узна што зема беше доцна. Слободата да ја изневерува сопругата беше примамлива додека не го испразни бовчалакот. Долги години не научи дека добриот развод е подобар од лошиот брак. Никола Груевски многу подобро знае дека во политиката само интересите се вечни, бракот не е божја заповед, а разводот дава шанса за подобар избор. Политичките венчавки, невери и разидувања за Груевски и Ахмети немаат грев дури и кога невестата е кутра Македонија.
Деновиве по осум години лош брак Али Ахмети најави развод, а Никола Груевски му даде благослов ако не му се допаѓа невестата, да ја смени, а новиот чеиз ќе го добие по изборите. Мене така некако ми заличи бракоразводната парница меѓу ДУИ и ВМРО- ДПМНЕ со добри изгледи Ахмети пак да се венча со истата невеста. Така секој ќе го добие своето: ем коњи врани по ливада разиграни за Ахмети, ем слобода за брачни екскурзии, а Груевски нов мандат и слобода во вистинска смисла на зборот, гаранција да не седне на обвинителна клупа за други поголеми гревови. Но домашниот есап не излегува на пазарот.
Али Ахмети и врвот на ДУИ поднесоа оставки во Владата со единствена историска иновација без да ја растурат коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ , и тоа само неколку дена пред распуштање на парламентот и два месеци пред изборите. Вака му доаѓа приближно заплетот на најновата холивудска сапуница ако се смета без крчмарот, поточно главниот режисер кој секој ден го менува сценариото и го приспособува на актуелните настани во земјата на чудата. Никола Груевски ладнокрвно порача тоа си е работа на ДУИ ако партнерот Ахмети чувствува замор на материјалот кај неговите министри, нормално е да ги смени. Ако децата на ДУИ во Владата се удавиле, Ахмети нека даде нови деца. И еве ти топ тема за големите експерти, политиколози, аналитичари, колумнисти, авантуристи, шарлатани, партиски стратези и разни други гатачи на поблиската и подалечна иднина на Македонија, на регионот, на Европа и на целата планета земја.
Кажано без иронија и цинизам, навистина слушнавме и прочитавме извонредни согледувања и виспрени поенти што се крие зад најновиот потег на ДУИ за напуштање на Владата. Анатомски е сецирано партиското соопштение на ДУИ со разбирање за оправданиот револт во ДУИ за непосредниот повод кој произлезе од примитивизмот на сенародно саблазнување од сомнителни снимки на приватни разговори. Сеирот прерасна во општо воајерство и егзибиционизам како кај оние психопати кои демнат љубовни парови по парковите. Ги викаме пазачи.
Непосредниот повод е ист како и кај сите значајни настани, а подлабоките причини и стратегии за подземната предизборна војна, исто така, ни беа сугестивно сервирани. Од друга страна, групно единствени и едномислечки настапија патриотските дежурни бранители на власта. Со своето високо интелектуално ниво и вродени генетски способности да ја откријат опасноста за опстанок на државата, тие овој пат беа поблиску до вистината. Најголемата опасност за власта, а тоа се подразбира значи и за Македонија е Специјалното обвинителство, специјалниот обвинител Катица Јанева и нејзиниот тим специјални обвинители, извршители и експерти заштитени со прецизен специјален закон кои имаат се’ поголема поддршка во јавноста. Медиумските бранители на криминалот истовремено со засегнатата врхушка на власта открија мошне интелигентно дека ако не се уништи итно Специјалното обвинителство, сите осомничени ќе мора да се соочат со правдата и ќе мора кога-тогаш да седнат на обвинителна клупа поради сознанија од истрагите дека се направени тешки кршења на законите, на Уставот, дека се осакатени општествениот поредок и парламентарната демократија. Се таложат се’ повеќе докази и сведоштва дека со години со Македонија управуваат властодршци кои без никаква институционална контрола на нелегитимен начин ја узурпирале власта во сите државни институции почнувајќи од државната каса, Владата, парламентот, претседателот на државата и Уставниот суд.
За волја на вистината, онаа уплашена колективна едномислечка група, која деновиве вреска преку владините телевизии за големата опасност од Специјалното обвинителство, ова го знаеше од порано, ама сега гори под ноктите оти тоа го дознаа и граѓаните на Македонија, па обвинителството добива од ден во ден се’ поголема поддршка. Предметот „Тврдина“, притисокот за ослободување од притвор на првообвинетиот во уништување на техниката за прислушување вредна 10 милиони евра, прецизноста на обвинителката за текот на истрагата се негира само со пцости, навреди и закани и меѓународни заговори со домашни предавници. Други аргументи нема.
Уште подраматично е барањето на предметот „Телеком“ и одбивањето тој да дојде во рацете на специјалните обвинители. Тоа сосема уверливо им покажува и на загрижените партиски послушници дека валканиците и криминалот не ги пере ни Вардар. „Телеком“ веќе има голема повеќегодишна меѓународна афирмација на корупција од планетарни димензии. Во оваа афера се замешани државниот гигант на Германија „Дојче телеком“, „Унгарскиот телеком“, американските истражители, грчки бизнисмени и крупни деловни ајкули, црногорскиот политички врв и репрезентите на три политички партии во Македонија СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Каде на дуњава се случило давателите на мито да платат сто милиони долари казна без збор, задоволни од пресудата на судот во Њујорк, а примателите на мито да бидат заштитени од македонските редовни обвинители, судови и органи на прогонот за овој тежок вид на организиран криминал. Каде тоа има обвинители и судови да ја попречуваат истрагата против криминал и корупција. Тоа во Македонија се случува на јавна сцена.
Ортакот во овие сомнителни зделки е и ДУИ. Можеби и затоа, драги мои, во исти ден е најавен и разводот и новата свадба со истата невеста.
(Објавено во Утрински)


i vama je u interesu da budete fantom Erole,pa vam se želja ispunila.Mora da je divan osećaj na izmaku 65g.postati fantom,koj mora da se proveri da bi mogao glasovati.