Banner
Мое ќоше

Тежи ли Македонија еден денар

1denar

Специјалната обвинителка Катица Јанева истражува случај тежок еден денар. Оваа ингениозно смислена одбрана во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кој е во постојано заседание и во прв степен на тревога, откако почна да работи обвинителството на надежта, ја покажа целата трагедија од последиците на еднодецениско деградирање и изопачување на општественото уредување кое според Уставот во првите 15 години од независноста беше пристојна парламентарна демократија. Во сегашниот узурпиран систем 10 милиони евра вреден државен имот може да се сведе со невидена леснотија на еден денар. Луѓето што го прават ова злосторство немаат проблем цела Македонија да ја стават на кантар со вредност од еден денар. Нивниот патриотизам е најсилен при броење пари.

Станавме современици и директни и индиректни учесници во големата историска војна меѓу правото и криминалот, меѓу демократијата и тиранијата.

Историскиот миг налага секој да ги преиспита сопствената одговорност и совест дали ќе се стави на страна на законот и правдата, или во одбрана на криминалот. Ова не е време за неутралност и сеир. Правдата на крај мора да победи за да падне страховладата и Македонија да тргне по патот што води кон нормална европска држава со сите нишани и цивилизациски стандарди и конечно да стаса таму каде што и припаѓа. Затоа вчерашната одлука на судијата да одреди притвор на првообвинетиот во предметот „Тврдина“ за уништување на државен имот и докази е значаен момент во ослободување од стравот на судиите и целиот правосуден систем. Не знам што вели законот, но според толкувањата на еминентни правници, истиот судија морал да одобри и претрес на станот на првообвинетиот. Во секој случај, одлуката на судијата за одредување 30-дневен притвор е храбар чин. Сега ќе ги видиме на дело и повисоките судски инстанции по жалбата за укинување на притворот дали ќе го издржат притисокот на власта, или ќе одлучуваат според партиски определби.

Мора еднаш засекогаш да се отстрани пресијата врз судството и врз медиумите од политиката, особено од башибозукот кој е осомничен дека е нелегитмно дојден на високи функции. Доцниме со години со целосна демонтажа на дефектниот систем кој го понижува достоинството на секој слободоумен човек, ја осиромашува целата држава поради организиран криминал, корупција и богатење на незаконски начин на една мала група узурпатори на власта.

Само во таков систем полицијата може да уништува докази заради прикривање на виновниците за повеќегодишно непречено прислушување на илјадници јавни личности. Во еден таков систем, обвинители, судии, полицајци, новинари… работат врз спречување на правдата и во жигосување на Специјалното обвинителство. Тоа го прават луѓето кои најмногу треба да го поддржуваат Специјалното обвинителство и да ги отстрануваат пречките на патот на правдата. Во таков систем каде што бранителите на законитоста ги кршат законите и Уставот и ја попречуваат правдата не вредат ни пет пари основните човекови права и слободи.

Само во деградиран систем кога се во тек истраги за криминалот на највисокиот врв на власта се предлага парламентот експресно да го смени Законот за кривична постапка со измени што можат во недоглед да ги одолговлекуваат судските процеси. Тоа е тешка злоупотреба за бедните остатоци на македонското Собрание кое се впрегнува партиски во заштита на криминалците. Само во таква деспотска држава може Уставниот суд да донесе одлука за промена на Уставот на мала врата за претседателот на државата да може раат да ги помилува учесниците во злосторничко здружување ако судот ги прогласи за виновни и им изрече казни за изборен криминал. Само во таква држава може да се дојде на власт по изборни нерегуларности и да се воспостави тврд режим на контрола на сите институции на системот од Уставниот суд до парламентот. Во таков систем може да опстојува со години нелегитимно избрана и влада и премиер и Собрание и претседател на државата.

Последните настани, особено по обелоденувањето на предметот „Тврдина“, го воздигнуваат Специјалното обвинителство во очите на јавноста во голема надеж за враќање на нормалноста во земјата во сите сфери на живеење. Арогантноста и бруталноста со кои се злоупотребувани овластувањата на високи функционери и нивната службена положба ги разоткрива бескрупулозноста и подготвеноста на властодршците по секоја цена, не бирајќи средства, да ја држат власта во свои раце. Таа патолошка опсесија да се владее неограничено е, всушност, изворот на сите несреќи кои ја донесоа Македонија на ова дереџе. Тоа е, всушност, ерата на груевизмот која ќе влезе во историјата како деценија на одземени слободи и права, на оддалечување на Македонија од Европа, тоа е време на омраза и делби, време на големи задолжувања дома и во странство, време на беда и осиромашување на средната класа до нејзино исчезнување, време на селидби и напуштање на родните огништа на младите луѓе, време на промена на историјата со политичка потрага по пославно минато, време на кич и градби на пирамиди во слава на власта со парите на сиромаштијата…

Дистанцирањето од ваквата политика и потрагата по правдата се историски предизвик не само на директните учесници во овие настани, туку и на сите граѓани кои со години загрижено го следат заостанувањето на државата на патот кон прогресот и демократијата. Застрашувањата со граѓанска војна и заговор на меѓународната заедница и големите сили се само лажна тревога на власта преку нејзините апологети и послушници со цел која одамна е прочитана: пред секои избори да се предизвика контролирана нестабилност, меѓуетнички судири и измислена опасност за стабилноста на државата и слични доктрини кои веќе се добро познати. Опозицијата, исто така, има историска задача да го претстави новиот почеток на една поинаква Македонија во која луѓето нема да се плашат да ја кажуваат вистината, да зборуваат слободно, каде што парламентот ќе биде парламент, а Уставниот суд бастион на законитоста, каде што медиумите ќе бидат слободни и независни, каде што европските вредности и европеизацијата ќе бидат главен предизвик на сите политички партии и влади. Ако опозицијата целата своја доктрина ја сведува само на бомбите на Заев и предметите на Специјалното обвинителство не е доволно за успех, дури и со неопходното ветување дека ова обвинителство ќе ги прошири своите овластувања и со специјален суд и специјална полиција до сведување на криминалот и корупцијата на минимум. Пресметката со криминалот и корупцијата во највисоките врвови на власта како трајна определба е императив на демократските општества, но тоа е само еден дел од воспоставување на вистинската парламентарна демократија. Вториот дел се сериозните структурни и економски реформи кои го отвораат патот на напредокот кон Европа и кон НАТО. Она што во овој момент треба да биде главна работа на опозицијата покрај подготовка на структурните и општествените реформи е да ги прифати сите стандарди на медиумските слободи и да не дозволи само парцијална проверка на избирачките списоци која веќе се злоупотребува на големо каде што граѓаните најуредно се пријавени и гласаат со години на исти гласачки места, а останаа без контрола списоците во кои се кријат најголемите злоупотреби во досегашните избори.

Време е кога граѓаните храбро и гласно ќе ги соопштат разликите меѓу своите лични ставови и она што мораше секој ден официјално да го зборуваат подголтнувајќи ја сопствената плуканка. Доста беше.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. jastrebleopold@gmail.com

    Još više se dobija na težini,kad si u formi fantoma,i to ne bilo gde,već kao fantom koji je figura veneris u glasačkom spisku.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *