Banner
Мое ќоше

Уметникот замина, останаа паметниците

tome-serafimovvski

Томе Серафимовски, нашиот голем уметник, ги заврши полека и педантно сите подготовки за патување на оној свет. Не му беше здодеал животот, напротив имаше во себе голема енергија и илјада планови за нови дела како да е 30-годишник, иако свесен дека полни осум банки со дамнешен датум на производство, се секојдневна опасност од поминат рок.

Со извонредна смисла за хумор, особено на своја сметка и како фантастичен собеседник, чие друштво значеше задолжително здраво смеење и нови сознанија на еден одамна вон употреба, мекамлиски начин, Томе прво ја направи својата оставина во неговото родно Зубовце, каде што ја изгради црквичката Св. Тома, потоа си го направи гробот во Бутел, по мерка на вајар кој сам себе си го подигнува споменикот за време на живот за да не им остави никакви дилеми и можности за несакани импровизации, ниту на семејството, ниту на колегите академици, ниту на државата. Со црн хумор приопшти дека за бесмртните во МАНУ е доволно како потсетник дека има умирачка да направат пристојна комеморација оти секогаш било подобро да се има добра меморија, отколку добар in memoriam.

Перфекционистот не даде простор друг да му го аранжира последното патување. Пред да замине, ги повика своите блиски пријатели и своето семејство во Зубовце, каде што ктиторот го постави својот последен споменик во црковниот двор, се прости од нас простосмрните, како што е редот со еден убав ручек, со многу смеење и прикажувања на убави работи, се сликавме со маестро за спомен и долго сеќавање, а мудриот свештеник од Зубовце, неговиот долгогодишен семеен пријател, ни кажа убави и корисни работи за животот и на овој и на оној свет, за верата и неверата… Наздравивме како што е редот, одржавме здравици кои остануваат во сеќавањата до крајот на животот. Томе тоа сакаше да го постигне и го направи како нешто сосема природно, со леснотија како да си доаѓа само од себе. Потоа скулпторот подзаврши уште неколку значајни работи во подготовките за комплетирање на неговата оставина на Македонија. Сними еден извонреден документарен филм за неговиот живот и творештво на барање на образовната програма на ТВ Србија, следеа уште неколку прекрасни дружби во „Камин Чамо“ и збогум.

Кога на мермерот, на каменот, на бронзата, на дрвото, на платното, на хартијата… им се вдахнува вечен живот, тоа се вика уметност. Кога тие скаменети монументи и слики, пак, почнуваат да зборуваат, без да изустат ниту еден збор на јазик што сите го разбираат, тоа се ремек-дела. Таа повеќевековна оживеана меморија, окована во паметниците со прстите на маестро Серафимовски остануваат врежани во свеста на сегашните и на идните генерации, како најсилна гаранција за зачувување на трајните вредности на човештвото.

Цели 60 години Томе Серафимовски ја препознаваше татковината со оживување на глината и мермерот и докажа дека во уметноста е можно на овој свет да не остане само прав од човекот, туку од правта може да стане вечен живот. Томе ги испрати доказите до Македонската академија на науките и уметностите запишани во 45 скулптури и 33 цртежи како дар за зачувување на трајните вредности. Тоа беше предупредување до сите да ги негуваме и да ги препознаваме вистинските вредности во уметноста, но најмногу во луѓето кои не’ чуваат од исчезнување.

Личностите кои Серафимовски ги овековечи се избрани многу внимателно. Сите тие се заслужни за светот, за своите народи, ама посебно и за Македонија. Ликовите заробени во мермер и бронза и во миг на духовност скаменетите карактерни особини на тие личности се екстракт на високи уметнички дострели. Јунаците на Серафимовски праќаат пораки. Ни говорат молкум и простум св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Лидија од Македонија, Крсте Мисирков, Кирил Пејчиновиќ, Мајка Тереза, Кемал Ататурк, Скендер-бег, Вук Караџиќ, Људевит Гај, Рафаело Алберти, Ежен Гливик, Мирослав Крлежа, Славко Јаневски, Блаже Конески, Евлија Челебија… и уште 550 личности што го задолжиле човештвото. Серафимовски го научи занаетот кај големите класици во Сплит и во Загреб меѓу кои е и великиот Аугустинчиќ. Но, тоа е доволно само филигрански прецизно и анатомски точно да се изваја скулптурата. Сосема нешто друго е да се даде душа и живот и да се облагородат мермерот и бронзата, да се докаже дека тоа не се само камења и метали, мртва природа, градежни материјали и политика. Тоа не се учи нигде. Ни кај Мештровиќ, ни кај Аугустинчиќ, ни кај Фидие, ни кај Микеланџело, ни во која било академија за убави уметности. Тоа го имаш во себе – или го немаш. За наша и негова среќа, Томе Серафимовски го имаше тоа во себе во огромни количини, кој штедро го трошеше како и сите гении.

Уметникот си замина, останаа неговите паметници за навек распослани по Македонија и по светот.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *